Пандемијата на Коронавирусот сосема ни ги смени животите, особено што непријателот е невидлив и непредвидлив. Што можеме да направиме за себеси и за најблиските, за да го намалиме чувството на напнатост, страв, анксиозност, неизвесност? – Да се опуштиме со правилно одбран чај, вели др Драган Јованов, нудејќи го богатството на македонската современа фитомедицинска терапија. Во неколку продолженија ќе се информирате за чаевите кои Јованов ги предлага за смирување и намалување на стресот.
Маточина
Маточината е една од ретките билки, која истовремено е лековита, миризлива, украсна, зачинска, медоносна и индустриска и од неа најмногу се цени листот. Маточината е благ, добар и мошне пријатен лек против надуеност на органите за варење, се користи против невралгија, хистерија, неврастенија, гадење, повраќање, за закрепнување на организмот, добар е за нервите, емотивните нарушувања и против меланхолија а ги смирува и отстранува кошмарите во сонот.
Валеријана
Чајот од коренот на валеријаната се употребува кај сите нервни заболувања.
Се употребува на три начини: при општа вознемиреност, нервоза и несоница, кои се јавуваат како последица од нервози, особено за време на нервни срцеви тешкотии проследени со силно чукање на срцето. Воопшто, при појава на пречки во варењето на храната поради нервози, при нервозни повраќања и грчевити напади поради собирање гасови – чајот од валеријана е многу добар природен лек. Освен тоа, овој чај воопшто не е штетен, а тој е испробано средство и за одвикнување од употребата на алкохол и никотини.
Чајот од валеријана не смее да се употребува повеќе од 3 недели, а потоа е потребно да се направи пауза од 5 недели. Валеријаната го намалува притисокот и успива, па затоа во случај на низок крвен притисок, подобро е да се употребува чај од глог наместо чај од валеријана.
Чај од смеса за нерви: потребно е 30 гр валеријана, 30 гр листови од нане, 40 гр листови од горчлива детелина. Една голема лажица од оваа мешавина да се прелие со 2,5 дл зовриена вода, потоа да се остави да стои во затворен сад околу половина час и да се исцеди. Чајот се пие топол, три пати на ден по една мала чаша (100 мл) по јадење.
Хмел
Ова лековито растение добро делува за смирување на нервите, за нормален сон. Се употребува за заболување на бубрезите, болести на црниот дроб, жолчката, грозница, слаб апетит. Не смее да се употребува во преголеми количини бидејќи може да предизвика гадење, повраќање, главоболка, да ја успори циркулацијата и др. Начинот на употреба е следен: За чајот се зема една лажица на пола литар вода, се пие 3 пати на ден половина час пред оброк по една чаша.
(Продолжува)