Дали сте подготвени за тагирање, за седум дена и уште толку ноќи? Ја имате ли диоптријата за читањето во боја и ја сакате ли резедата?
Денес е 7.7, седмиот ден од седмиот месец, бројки „лични“ и за гледање и за пишување и не случајно нашиот и ваш портал за главен херој ја има седмицата:www.7dena.mk.
Се распостиламе пред вас со желба да ја демистифицираме седмицата: ЕКВ пееше за седум дена, светот е создаван седум дена, ниту еден ПМС не трае повеќе од една недела, седум дена може да сте и горе и долу, ова е бројка на тајни и совршенства, а којзнае што чуда крие седмото небо… Ја пробавме тортата „седмо небо“, а предизвикувачки звучи податокот дека сè треба да се менува на седум години – работа, партнер, омилена песна, љубов, избледено мени на шарената софра…
Ете затоа, а можeби и уште повеќе се роди „www.7dena.mk“.
Порталот „7 дена“ е сè што набројавме и сето она што вие ќе го посакате, за седум дена. Стартуваме со цел да се засакаме за „озбилно“, да ги споиме комерцијалното и елитното, табиетот и каприцот, да одгатнеме зошто принцезите се забораваат, а кучките се паметат, зошто се манипулира со емотивни влогови, со споените вечери и појадоци, зошто чешитите се прераскажуваат дома а „лидуду“ по кафеани.. Со оваа инспиративна надоеност, за седум дена навиваме за вашата престижна ментална форма.
Стартуваме!
ВањаТодоровска/ Весна Миленковска