5.8 C
Skopje
сабота, февруари 15, 2025
spot_img

Еден ден во Раштак, со Давид од „Кози, млеко, планина“

„Ако сакаш да видиш каков е човек, не го гледај како молчи, туку како се смее.“ Мислам дека ова го кажал Достоевски, многу е животно, има се што ни треба а го препознаваме во таа едноставна фацијална експресија.
Токму таа, насмевката, беше инспирација нашето мало слоу фуд друштванце да го посети Давид Неделковски од Раштак, на широката јавност познат како брендот „Кози млеко, планина“.
Давид е добар млад човек, вистински слуфудаш, иновативен ама полн со традиција, образуван, со добри манири и пред се со срцевина, што предизвикува радост и насмевка.

Ние слоуфудашите дишеме како еден затоа што не поврзуваат слични желби, препознавање во старо-новите работи, зачувување на локални производи и вкусови, домашна храна, традиција.., каде наједноставните работи се издигнати на ниво на совршенство.
Поради сето тоа, тргнавме на гости кај Давид во Раштак, каде тој со семејството живее веќе пет години. Ете таму сакавме да поминеме ден, или она што остана од него- во скусената зимска верзија.
Сезер дојде од Охрид, во меѓувреме помина кај Дамјан од „Гаврилоски“ во Гостивар кој прати поздрави преку неговите превкусни сувомеснати производи, Драгана и јас земавме нешто од домашни залихи, таа направи колачи (предобри), јас палачинки со хељда и босилек, и така среќни и задоволни многу брзу пристигнавме во Раштак. Тоа е село во општината Газибаба, на 10-тина километри од Скопје, со прекрасни катчиња што можам да ги замислам како ќе ги облечат зелените фустани….Се наоѓаме со Давид, и пешки продолжуваме кон „катчето за прослава на животот“, што би рекол нашиот млад домаќин.

Не знам каква беше температурата тој ден, но јануари е, немирен студ што спојува маче и куче, риба и птица, оган и вода. Се пали оган, на кој првин се вари кафе, што го пиеме во чаши за вино. Ах, каков поглед, каква широчина, каква можност да се препознаат убавините, луѓето, да се вкуси слободата.

Додека се „распакувавме“, додека наредив, наличив, пиеме домашна ракија и ги менуваме здравиците. Најакуелна е за подмладокот кај бремените кози- секој момент се чека да дојдат на свет малите јариња, а Давид во шега вели дека „со коферите ќе се пресели во штала“. Грижлив е и одговорен, па раскажува какви му се искуствата, ама го слушнавме и сонот, лажната тревога на козата Сивка.

Ах, какви убавини. Се местиме покрај огнот, Давид донесе домашни јајца и се разбира козјо сирење а Сезер и турски леб, базлама, што се топли на импровизирано шпоретче.

Се е природно, ненаместено, онака- органски. Од масата мезињата ги носиме надвор, секој сака да „штрбне“ од природата, ете оваква каква што е- зимска. Веќе спомнав, ние од Слоу Фуд сме поврзани со силните врски едноставни за разбирање: гастрономско задоволство и бавното темпо на животот, на телефонска линија сме со Василка, која веќе има план за пролетно големо собирање, токму тука…Инаку, масата е жива личотија, подготвена за овековечување на овие убавини.

Лаф муабети, глаголења, думи…Генерално, сите со душа ја чекаме пролетта, некако се заглавивме во сивилото, загаденоста. Но, моментот: сега и тука се слави со секој можен гест.

Се насладувам со храната и муабетите, иако веќе станува ладно. Давид како да ги чита мислите, па, иако со тешко срце, почнуваме да се прибираме. Сега се на ред козите а во близина е е нивното царство.
Кога се пуштивме до шталите, искрено се изненадив од пријателското однесување на козите. Давид рече дека асоцираат на срни, но мене во однесувањето ми наликуваа на мачиња, во фазата на галење. А над нивните глави, во едно долапче, седи една мачка што исто така чека принова. Каква глетка!

Не знам дали важи за козите, да го имаат табиетот на газдата, но овие на Давид се многу мили. Не можев да верувам коу се кротки, колку сакаат да ги погалиш. Да, се гледа дека секој момент „ќе случи подмладокот“. Стомаците им беа толку набрекнати, што во моментот помислив што би било да присуствуваме на тој среќен чин, на раѓањето на животот?

Ноќта наголемо го најавува своето доаѓање.
Пред самото заминување, на инстистирање на домаќинот, одиме во семејната куќа, да се запознаеме со родителите на Давид.
И уште: пиеме кафе, дрвцата во печката пуцкаат, топло е, пријатно, домаќински, да не посакаш да си заминеш. Повторни муабети, и смеење, да ти се подмлади душата… Давид на испраќање, наоѓа кокичиња, и тие ќе потсетуваат на овој убав, најубав ден. И- на повторна средба!
Валентина Вања Тодоровска
П.С. Веќе следниот ден, Давид на социјалните мрежи објави клипче од новиот животот на фармата. Пристигнаа јарињата, и тоа беше најубавата музика што досега ја имам слушнато.

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена