Дали љубовта навистина дебелее? Или можеби е уште поинтересна тезата дека ја намалува телесната тежина? Единствено што е сигурно е дека метаболизмот реагира на секоја промена на нашата емоционална состојба. Многу светски научници што се занимаваат токму со тој проблем заклучуваат дека бројот на оброците варира во зависност од нашите емоции.
ЗАЉУБЕНОСТ: Помалку килограми
Сигурно во моментите на целосна вљубеност и залуденост од својот нов партнер сте почувствувале блокада во желудникот. Таквата состојба придонесува за забрзана работа на метаболизмот. Страста, еуфоријата, исчекувањето… страшно ја трошат енергијата. Во тие моменти храната баш и не ни е на прво место, но дури и ако јадеме повеќе, метаболизмот с` ќе одработи, разложувањето на мастите и на јаглеродните хидрати е забрзано, дури и повеќе се исфрлаат токсините. Не треба посебно да се нагласува дека тој период е состојба на интензивна сексуалност. Ерос ги стимулира центрите во мозокот што влијаат врз центрите за задоволство, кои при недостиг од емоции ги наоѓаме во слатките. Со еден збор, тоа е период кога не треба да бараме утеха во храната.
ВЕНЧАВКА: Повеќе килограми
Кога ќе мине периодот на заљубеност, сe` се менува. Посебно ако сте одлучиле да живеете заедно. Речиси сите новопечени двојки ја зголемуваат својата телесна тежина само за неколку месеци заеднички живот, без оглед дали станува збор за брачна или за вонбрачна заедница. Во првата година од заедничкиот живот зголемувањето на телесната тежина е многу забележливо и изнесува околу пет килограми. Жените се соочуваат со нови обврски и одговорности и не внимаваат на својот изглед како порано. Повеќе не се трудат да одолеат на слатките, а и повеќето од нив сакаат и да го изненадат партнерот со своите кулинарски вештини, водејќи се од старата поговорка дека љубовта минува преку желудникот.
РУТИНА: Уште повеќе килограми
Што се случува кога заедничкиот живот или бракот преминува во рутина? Стрелката на вагата почнува да се поместува. Експертите велат дека по неколку години живеење во двојка емоциите повеќе не беснеат, двојката влегува во секојдневна рутина и емотивно е наполно олабавена. Најголемиот дел од времето го минуваат дома, многу пасивно и со погубни вечерни и ноќни оброци пред телевизорот. Притоа нема правила: некогаш во зголемувањето на телесната тежина предничат партнерките, а некогаш партнерите. Повеќето не го сфаќаат својот проблем сериозно. А за да се реши, најважно е да сфатите дека нема само физичка туку и психичка природа и дека е краен момент за промена на стилот на живеење.