ЗБОГУВАЊЕ

Првин мислев да ја игнорирам веста што ја прочитав на „Сакам да кажам“. Нешто како, игнорираш и, не постои…Но, Билјана Беличанец веќе не е жива. И, како да кажеш дека те боли, а да не се протолкува како патетика, особено што освен професионален ангажман, како новинар, во едно среќно време ја имав Биљана и како комшивка во Капиштец…

Темјанушка од кристал…
Затоа се решив да го објавам ова интервју, го ископав токму од тоа друго време. Старо е како споменар, сликите бледат ама зборовите се исти, живеат.
Објавено е на 20.10.2010 година во Утрински весник, каде работев цели 18 години.

НИЕ СМЕ ГОЛЕМИ ДЕЦА

„Сите души се кревки и нежни. Сите се подложни на повреди, навреди. Тоа е дел од процесот во самата природа на секое битие. И се` зависи колку одбранбениот механизам е силен при напад. Но, со оглед на тоа, не знам колку пати ни се случува да си ја отвораме душата и да ја соголуваме пред голем аудиториум и повторно како пердув на ветер, па однесен со виорот. Чудно нели? Кревки како лушпа од јајце, а истовремено силни како дреново дрво. И на крајот на краиштата, кому не му годи фалба, убав збор, награда (аплауз). Посебно тоа им значи на децата. А што сме ние, ако не мали – големи деца“- во ова незадолжително интервју вели актерката Билјана Беличанец, откривајќи ја својата кревка природа.

Колку улогите што ги добивате наликуваат една на друга? Во смисла на Вашиот печат, белег…? Улогите во „Демонот од Дебар Маало“, „Кинегода во Карлаленд“, „Кандид во земјата…“ изгледаат прилично инспиративно?
– Драго ми е ако навистина се инспиративни. Секако, се трудам колку е можно да се поразлични една од друга. Тие се различни личности ставени во различни контексти и ситуации, од различно време, простор. И ако некој поглед, насмевка или збор, потсетува на некоја претходна, би сакала тоа да се толкува како мој белег-печат.

Во однос на професијата, може ли и дали се чувствува ист ентузијазам и со 20, 30, 40 години…?
– Како и во животот што има угоре-удолу, налево-надесно, така некако е и во работниот век – претпоставувам. Но, за еден актер е најважно да не дозволи никогаш да не умре детето во него. Колку попалаво, љубопитно, храбро, наивно, невино, често го зачуваме и го негуваме детето во нас самите, толку е подолг векот за актерот.

Кога не им верувате на ласкавците? Или, како ги препознавате лажговците?
– Сакам кога луѓето што ми зборуваат да ме гледаат в очи, а оние што лажат, обично, сами се издаваат гледајќи настрана, некаде таму горе… А и оние другите се проѕирни како паус-хартија, па лесно е да ги сетиш. А како инаку би се мереле до каде сме стасани ако не постојат и такви. Но, за сите има надеж…

Родена сте под среќна ѕвезда – од самиот старт прифатена од публиката, а и денес се памети Туфи во „Здраво генијалци“.
– Благодарам на среќната ѕвезда, што во еден момент се појави како еден зрак и ми го осветли патот по кој треба да тргнам. Одвреме-навреме по некое облаче ќе ја засенеше, но таа, фала му на Бога, не се предаде толку лесно и не згасна. Свети упорно, а јас се обидувам колку што можам да ја следам во чекор, да не ја изневерам. Туфи од „Здраво генијалци“ е лик што се` уште живее во сеќавањето на многумина, сега веќе момци и девојки. Јас тогаш можеби и не бев свесна дека дечињата растеле со тие ликови исто како и јас со Трајче дрварчето или со ликовите од „Луди години“, „Бушава азбука“. Драго ми е што се` уште се сеќаваат на тој лик. Да, тоа беше убав период кога стотици детски очи низ цела Македонија искрено се радуваа кога ќе ги посетевме, па уште ако се сликаа со нас и добиеја автограм … Секако дека сето ова исполнува. Или, пак, кога ќе ти пријдат и ќе ти кажат дека претходната вечер те гледале во некоја од претставите и си ги насмеал до солзи, или колку се воодушевени од енергијата, пеењето во „Последните Македонци“ и како вистината до срце ги заболела… Дефинитивно, исполнува – дава сила, но е и долг за во иднина да не потфрлиш – изневериш.

Ја задржувате ли насмевката гледајќи некои нови клинци? Што мислите за новите генерации?
– Им завидувам! И им се радувам. Тоа е можеби најубавиот период. Сакаат се` да кажат – да покажат што знаат и умеат. Како наплив се. А морам да признам дека се многу похрабри, свои, што ми се допаѓа. Но, имаат и поголем касмет од нас и од нашите генерации. Овие сегашните наидуваат на широко отворени врати од институциите и имаат големи шанси, кои повеќето вешто ги користат. И се рамноправни колеги по секоја основа. Како и да е – ги сакам, им се радувам. Кога сакаат, со задоволство им помагам.

Колку сте носталгични по доброто старо време, а со самото тоа отворени за нови пријателства?
– Носталгична сум и многу често во мојот интимен затворен свет знам да живеам во спомените и со нив. Таму е топло, убаво, заштитено. Ама сум отворена и за нови пријателства, но сега сето тоа оди по некој друг повоздржан, порезервиран пат. Па, ако се испостави дека вреди, тогаш заслужува и внимание. И вратата ја отворам. Од секој може да се научи нешто.

Како се справувате со секојдневјето, останува ли време за Вас, сега откако сте мајка? Или тоа го сметате за себично?
– Не, не мислам дека е себично ако се избориш за свое време. Напротив, тоа е неопходно за да го зачуваш сопствениот идентитет. И дечињата мои, иако се деца, сепак, се борат да изградат свој идентитет. И иако семејното секојдневје 90 отсто ни се одвива во дневната соба, сите на купче, за момент ќе забележиш како, макар на пет минути, некој си влегол во својата соба – во својот мал свет.

Вашата тајна во справувањето со стресот? Имате ли некои ритуали на „чистење“, одите ли на јога…?

– Стресот, па тоа е како добро утро на секој актер. Самото кревање на завесата е трн во здрава нога. Во тоа е возбудата, можеби, кога адреналинот е покачен, а срцето го чувствуваш и в грло. Не ги избегнувам, ако се сретнам со некој од нив (а ги среќаваме во истиот момент кога го напуштаме гнездото), се трудам колку можам повешто да се справам, нормално со што помалку последици. Но, само да знаете колку материјал лежи во нив за некоја наредна улога… Јас сум си сама на себе еден голем експеримент и улогата на заморче во експериментот, пак сум јас. Затоа свесно ги избегнувам сите древни, а и алтернативни вештини што водат до духовен мир. Барем засега. Иако им верувам. Верувам дека с` е во енергијата, онаа иста што е многу битна алатка во мојот занает, можеби покрај вербата, најбитна. Тешко е да управуваш со кормило по бранови, но е возбудливо. А замислете колку е напорно по мирни води. Кога ќе се закачи мил, може и да удри реа.

Што мислите за Вашиот најголем непријател?
– Јас сум си можеби најголем и верен пријател сама на себе, но во исто време и најголем непријател. Знам сама да се прелажам, па знам потоа и да се казнам. Знам и да си набијам неко лудо темпо на метрономот, темпо што на другите не им е својствено, па се чудам што им е? Зошто затајуваат? Па, за момент ќе подзастанам и порано или подоцна ќе сфатам дека тие не се кабает, туку јас. Да, знам да згрешам, но знам и да се извинам и да побарам прошка.

Валентина Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени