Зимска вечера: Палента, качамак или бакардан

 

Старото традиционално јадење од балканските простори, коешто во модерните времиња го носи вкусот на егзотика за странците, но и за овдешните нови генерации, се препознава под неколку имиња, меѓу кои најчестите варијанти се качамак, палента и бакардан.

Планински качамак

Потребно е: 250 г пченкарно брашно, младо овчо сирење и малку сол.

Иситнетото сирење се става во тенџере и полека се загрева со мешање, се додека не пушти млеко. Потоа се додава брашното и се меша на тивок оган, се додека масата не почне да пушта маснотија и да се одвојува од ѕидовите на садот. По потреба се додава уште малку сол и веднаш се служи.

Качамак со кајгана

Потребно е: половина килограм пченкарно брашно, 250 г. павлака, 4 јајца, малку сол и масло, и по желба- магдонос

Во поголем лонец се ставаат 2 л. вода и една лажичка сол, па кога водата ќе проврие, се сипува пченкарното брашно, со постојано мешање. Се вари 20 минути со мешање, додека качамакот не почне да се одвојува од ѕидовите на садот во којшто се вари. Додека е врел качамакот се сипува во чинијата каде што ќе се служи, се премачкува со павлака и одозгора се става испржената кајгана. По желба се посипува со исечкан магдонос и веднаш се служи.

Качамак со кромид

Потребно е: половина килограм пченкарно брашно, 2-3 главички кромид, малку масло за јадење и сол, лажица црвен пипер, кисело млеко.

Се ставаат да провријат на оган 2,5 л. вода со една лажица сол а потоа постепено се замешува брашното и се вари со постојано мешање, се додека качамакот не се одвои од рабовите на садот. Се префрла во чинија за служење и се прелива со кромид пржен во масло и зачинети со црн пипер. Се служи веднаш, со кисело млеко.

ФОТО- lepaisrecna.rs

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени