17.4 C
Skopje
вторник, мај 20, 2025
spot_img

Златна Бубамара – лек за корона вирусот и за лажните херои

Вчерашното 23-то издание на единствената и саканата „Златна бубамара на популарноста“, ни ги зацементира симпатиите кон Сашко Коцев, го потврди муабетот дека и годинава не штеделе на награди, и најважното- го победи корона вирусот!
Навистина, сите предупредувања дека корона е безмилоцен џелат на кој око не му трепнува за последиците, паднаа во вода пред и во преполната Арена Борис Трајковски.


Е, кој да одолее на овоземните убавини, хумор зачинет со сарказам и понекое метафорче, атрактивни гости и километарско траење, што веќе стана синоним на нашата популарна манифестација?
Ништо ново дека најсакани делови се стенд- ап настапите на Сашко Коцев, кој откри многу корисни работи. На пример, дека дишењето во време на актуелното загадување може да се штеди, особено кога си на власт и најособено- за време на секс.

Освен што не потсети и просветли со „добро старо смеење“, боемски ја изведе „Дотако сам дно живота“ актуелизирајќи ги Кики, Фрики и Џики, најспомнуваните ликови во изминатата година.
Во делот -рекет, покрај торбата полна со топчиња се одгатна загатката поврзана со документите.
„Нема пасоши, пааааа, нема пластика. А нема пластика затоа што луѓето ја горат! Само треба да ти текне“…


Во четиричасовна забава се присетивме на првата водителка на Бубамара, шармантната Ирена Спировска, ја слушнавме саканата „Proud“ и со гордост го изгледавме настапот на танцовото студио „Еурека“ со малите херои- деца со попреченост и инвалидитет. Во многуте пораки за љубов, громогласно поздравена наградата за инклузивност, имаше уште неколку сентиш- моменти, од кои го издвојувам делот со тимот од „Медена земја“ кои ја добија наградата за Интернационален успех.


-Она што немавме шанса да го кажеме на Оскарите, ќе го кажеме сега. Светот се измори од лажни херои и затоа овие луѓе се сега со нас – рече режисерката Тамара Котевска, и токму нејзината изјава е најцитираната мисла неделава.
Во чест на „мали а големи“, Атиџе Муратова ја испеа својата омилена песна, измами громогласни аплаузи, враќајќи ни ги сликите од филмот и универзалните пораки што гордо ги носиме во реверот на срцето.


Во ноќта на наградувањето имавме можност да го видиме Раде Шербеџија, Столе Попов, екипата на „Преспав“, на Фчерашни вести, Влатко Стефановски, Игор Џамбазов, Гиле од Електрични оргазам, Галија, Тамара, ѕвездено небо и многу носталгија кои се случија за време на заедничката изведба на Џокси и хорот „Мирче Ацев“ во евергрин темата- „На Велигден сум се заљубил“, настапот на „Танец“, кавалџијата Ангеле Димовски… Мерак до мерак, публиката задоволна а богами и луѓето што како на лента се менуваа на сцената.
Иако Шербеџија спомна дека брзо заборава на награди, за да може да му се врати на животот, во продолжение следува делот со сите наградени.


Најдобра детска тв серија: „Дајте музика”
Песна за век и векови: „Велигден”, Џокси
Најдобра пејачка: Тамара
Хит на годината: „Proud“
Спортски подвиг: Илина Арсова
Најдобра сатирична емисија: „Фчерашни новости
Трајни музички вредности: „Електричен оргазам”
Најдобра театарска претстава: „Мој термин”, МНТ
Најдобар театрски актер: Јордан Симонов
Најдобра театарска актерка: Тања Кочовска
Најпопуларна регионална ѕвезда: Јелена Розга
Животно дело: кавалџијата Ангеле Димовски
Животно дело во сферата на филмот: Столе Попов
Најголем интернационален успех: „Медена земја”
Амбасадор на македонската култура: „Танец”
Интернационална награда за животно дело: Раде Шербеџија
Концерт на годината: Влатко Стефановски
Музички продуцент: Мите Димовски – „Тра ла ла”
Најпопуларен тв проект: „Преспав”
Тв-актерка: Јелена Јованова
Спортски успех на годината: РК „Вардар”
Трајни музички вредности: група „Галија”
Трајни музички вредности во рок музика: Ристо Вртев – „Архангел”

Пејач на годината: Влатко Лозановски

И уште нешто за крај. Манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ наполни 23 години, време идеално за создавање спомени и за детектирање на лажни херои. Со среќа до и во следното издание!
Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена