Изложба. Од вечерва до 21 ноември во Музејот на современа уметност: „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор

Вечерва, (20.00ч), во Музејот на современа уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Изложбата се реализира во соработка со Амбасадата на Германија и Архитектонскиот факултет во Скопје и по повод стогодишнината на познатата и исклучително влијателна архитектонска школа Баухаус.

Постановката свечено ќе ја отвори Амбасадорот на Германија, Томас Герберих, а кратки обраќања за значењето на Баухаус и за изложбата ќе имаат и авторот Жан Молитор и д-р. Ана Ивановска Дескова, од Архитектонскиот факултет Скопје.

Авторот на изложбата, Жан Молитор ќе биде присутен во деновите и по отворањето, кога ќе одржи и работилница со група македонски фотографи, чија специјалност е фотографијата на  архитектурата.

На 6 ноември, во кино-салата на МСУ со почеток во 19 часот ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш.

Ќе бидат изложени 50 фотографии што ја прикажуваат архитектурата на Модерната од сите нејзини најразлични аспекти.

Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на Модерната, која од 2016 година научно е поддржана од историчарката по архитектура, д-р Каија Фос. Во проектот  „бау1хаус“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење.

Областа на истражување се протега од Вајмар, каде што во 1919 година е основано легендарното уметничко училиште Баухаус, преку цела Европа до Африка, Америка и Азија. Изложбата на фотографии патува во места, каде што луѓето со децении живеат со своите архитектонски богатства, но можеби не се секогаш свесни за нив. Речиси секаде има изненадувачки траги на Модерната: меѓу Берлин и Кабул, Штутгарт и Тел Авив, Санкт-Петербург и Хавана, во Гватемала или во Букаву во Конго се наоѓаат секогаш одново врвни дела на градежната уметност без кич.

Изложбата во различни комплекси се доближува до целиот спектар на модерното градење. Во центар на вниманието не се архитектонските икони како врвните зданија во Десау, туку пред сѐ згради што го документираат меѓународниот дух на времето во нивното секојдневие, меѓу нив, станбени површини, кина, училишта, населби, театри, вили, болници, бензиски пумпи и индустриски градби. Тие ги отсликуваат и важните прашања што се поставуваат во првата половина од 20 век: нова мобилност, социјална градба на станови, градска хигиена, медицинска грижа како и настојувањето за образование и активности во слободното време.

Преку висококвалитетни црно-бели фотографии, прочистени од секакви други влијанија што пречат, Молитор се концентрира со трезвен поглед на естетиката на архитектурата. Снимени од една лесно издигната позиција, се чини дека зградите со своите јасни линии, заоблени фасади и стаклени агли лебдат речиси безвременски.

Во рамките на изложбената поставка, поместен е и избор на фотографии кои упатуваат на неколку значајни градби извлечени од ткивото на Скопје. Тие се само дел од градбите кои сведочат за начинот на кој Скопје ја апсорбира естетиката на европските авангардни правци, Модерната, Интернационалниот стил или сѐ она што Молитор широко го вбројува во „Баухаус“, а мислејќи пред сѐ на новата функционалност, новата совршена естетика и новиот метод на обмислување и создавање архитектура.

Оваа архитектура во Скопје се создава во неколку наврати; во скромен обем, но со извонредно значење за првпат се појавува во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941). Истовремени со градбите кои сѐ уште носат белези на академизмот и неговите локални подваријанти, делата на Иблер и Злоковиќ во Скопје храбро ја воведуваат естетиката на европската авангарда. Повоениот период (1945-1963) веќе добива широк модернизациски карактер и додава нов, обемен архитектонски слој кој во себе ги обединува предвоените искуства и новите истражувања и стекнати знаења. Речиси без исклучок во делата на Леви, Ранковиќ, Брезоски, Петричиќ…  доминира естетиката на едноставни, „бели“ волумени и големите застаклени површини.

Ваквиот начин на архитектонско изразување и обмислување на просторот во континуитет продолжува да опстојува и во периодот на постземјотресната обнова и изградба на Скопје (1963- раните 1980-ти години), овојпат како еден од мноштвото можни архитектонски јазици (структурализам, метаболизам, брутализам итн.).

Изложбата ќе трае до 21 ноември година

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени