Илина Ведран : Кога плачеме ги береме плодовите за моментите кога се смееме

„Секој ден од животот е можност, без разлика дали е празник или не. Пострашно од невколопување во феноменот на празниците е, цела година да живееме тотално исклучени од сегашниот момент, чекајќи да дојде повод за да бидеме среќни и весели“- вели познатиот животен тренер Илина Ведран.
Ова интервју морате да го препрочитате неколку пати затоа што хероината на текстот инспирираа да подразмислите каде сте, потоа, за емотивната заглавеност, енергијата на парите, и смиреноста што доаѓа со сознанието дека, се што се случува е за нашето најголемо добро.

Веселото расположение, еуфорја, позитивен дух.., се одлика на празниците: одсекаде сме бомбардирани со среќни и насмени лица кои наведуваат на славеничка атмосфера. Но, не влегуваат сите во тој брод, се повеќе се засилува „струја“ што не може да си го притисне копчето „нова година“ и да „лудува“, не се сите програмирани на ист начин. Што ако не се вклопиме во феноменот- празници и Нова година?
– Новата Година сама по себе е добра да размислиме што е тоа што сме направиле во изминатата година за да бидеме подобра личност. Колку животи сме допреле и како сме допринеле околината во која живееме да биде подобро место за живеење. Можеби сме се соочиле со разни предизвици кои не биле толку пријатни, но благодарение на нив можеме да го искусиме животот на сосема нов начин… За мене секој ден од животот е можност, без разлика дали е празник или не. Пострашно од тоа да не се вклопиме во тој феномен на празници е цела година да живееме тотално исклучени од сегашниот момент, чекајќи да дојде некој повод за да можеме да бидеме среќни и весели и да се прегрнеме со луѓето кои навистина ни значат.

Доколу доброто расположение се разбере како социјална дисциплина на заедничко живеење, бидејќи никој не се смее, не празнува и не се весели – сам, можеби зад сето ова се крие голема осаменост. И како тоа, токму за време на празниците, секогаш некој незаменливо да ни фали?
– Многу често во животот, кога однадвор работите ни се подредени, забораваме на своето вистинско Јас, на СЕБЕ, мислејќи дека отсекогаш ќе можеме да го контролираме она кое е надвор од нас. Луѓето во нашиот живот си доаѓаат и одат, секој е тука со своја причина. Некои остануваат засекогаш, некои заминуваат откога ќе заврши нашата заедничка приказна, која секогаш ни помага да научиме нешто за себе. Познавам многу луѓе кои се опкружени со луѓе, но сепак се чувствуваат осамено. Осаменоста не е поради тоа што имаме физички недостаток од некого, туку поради тоа што недостасува нешто важно во нашиот живот, без кое не би можеле да се чувствуваме среќно и исполнето. Кога чувствуваме недостаток, она што недостасува во нашиот живот сме самите ние.

Што мислите колку финансискиот момент не прави асоцијални. Што тогаш? И дали луѓето денес е многу потешко да ги насмееш отколку да ги расплачеш?
-Кога постојат вистински пријателства, парите не играат никаква улога. Вредноста која ја има секој човек на оваа планета не се мери преку финансиите. Како и да е, парите се само енергија, доколку правилно постапуваме со нив, секогаш ќе ги имаме онолку колку што ни се потребни. Можеме да имаме пари и страв да не ги изгубиме, но тој страв да ни се манифестира и на другите полиња во животот и да бидеме асоцијални поради стравот кој го носиме. Денеска постојат луѓе кои се смеат и луѓе кои плачат, како и да е, и тагата и радоста се природни човечки емоции и сосема е во ред еднаш да бидеме насмени, следниот пат расплакани и обратно. Кога плачеме ги береме плодовите за оние моменти кога се смееме, се е тоа дел од животот.

Времето што го живееме изобилува со можности, сеедно дали се тоа „лајф коучи“ или клипови на јутјуб каналот, кои го третирааат животот во сите сегменти, самите да си најдеме решение за своите маки. Ама кога тоа не се случува, значи ли дека не се почитуваме доволно?
– Доколку сакаме да направиме промена во својот живот, денеска има многу можности за тоа, за разлика од минатото. Сето тоа бидејќи луѓето веќе стануваат свесни дека не можат да функционираат со толку многу насобрани емотивни содржини и разни ограничувања кои ги спречуваат да ги остварат своите животни цели. Ова време е време на трансформација и секој ја чувствува таа потреба, која доаѓа длабоко одвнатре. Сепак работата на себе е долг процес кој бара трпение и истрајност. Многу често кога сме заглавени емотивно во своите проблеми, не можеме да го видиме решението иако се наоѓа пред нас. Затоа и постојат животни тренери или учители кои можат да подадат рака додека се поминува низ тунелот на промената, бидејќи кога е некој надвор од ситуацијата, може да ни помогне да го пронајдеме решението и да излеземе од ограничувачките мисли и верувања. Она што е важно за да се случи тоа не се само прочитани книги, видео клипови и многу информации, бидејќи некогаш преголемата информираност и знаење не затвараат уште повеќе. Важно е човек да ја препознае потребата длабоко во себе и да тргне по патот со верба и препуштање дека се што се случува е за наше најголемо добро. Кога го почитуваме процесот на животот и животните ситуации, тогаш промената сигурно ќе се случи.

Кои се вашите искуства, дали луѓето најпосле ги отвараат и најтемните одаи на своите души, со цел да бидат среќни? И, има ли некаква родова доминација по тоа прашање, кој е посмел, мажите или жените?
-Луѓето кои доаѓаат на моите обуки најчесто се подготвени да се ослободат од теретот на ограничувањата. За да внесеме нешто ново во својот живот, потребно е да превземеме одговорност за нашите несвесни навики и обрасци на однесување преку кои несвесно ги креираме искуствата. Ако ги погледнеме своите искуства, особено оние кои не ни се допаѓаат, како нешто кое сме сакале да го искусиме за да внатрешно се развиеме и да се ослободиме од блокадите кои не попречуваат да живееме исполнето, тогаш ќе прифатиме дека се што е надвор само ни помоага да видиме што имаме внатре. Сепак подобро е да одлучиме да направиме позитивна промена во својот живот од инспирација, него ли да бидеме принудени, кога животот ќе не потсети на нашите најтемни одаи кои не сакаме да ги видиме… Обично, повеќе жените се заинтересирани за ваков вид на обуки, како и да е женскиот принцип е многу значаен за подигнување на свеста кај мажите. Има една поговорка која вели „Тивка вода, брег рони“.

За крај, дали веселите глави размислуваат подобро од „темните“? И, дали кога имате дете, поинаку и приоѓате на Новата година и празнувањето?
– Секако дека ако умот ни е бистар ќе размислуваме подобро, отколку кога сме заробени во темни приказни. Се е до свеста на човекот, многу луѓе денеска живеат во своите создадени ментални приказни незнаејќи дека постои и сосема друга реалност која можат да ја видат ако ја променат перцепцијата.
Секој период од животот има своја убавина и кога имаме и кога немаме деца. Се разбира дека кога не сме сами потребно е да се прилагодиме, но и тоа има своја убавина која не може да се купи со ништо на овој свет.
Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени