Се вративте од одмор, не помина ни една недела и веќе имате проблеми со кожата- ја чувствувате затегнато, почна да се лупи, непривлечна е на изглед, уште понепријатна на допир. За да се врати на стар колосек и повторно биде блескава, нежна и со мазна текстура, неопходна е дополнителна нега.
-Луѓето најчесто се жалат на сува кожа во долниот дел на нозете (колената, глуждовите и стапалата), рацете и лицето, но сувата кожа може да се појави и на бутовите и стомакот. Овој тип на кожа може да е наследна, да е последица на стареење или да е причинета од некоја болест, вели Вероника Чадловска од козметичкото студио „Афродита“.
Како што не информира Чадловска, независно од причините што не ѝ дозволуваат на вашата кожа да задржи доволно влажност, постојат многу нешта кои можете да ги направите за да го подобрите изгледот на сувата кожа.
ШТО НЕ ТРЕБА ДА ПРАВИТЕ
Не се туширајте долго и со жешка вода
Жешката вода побрзо ги отстранува природните масла кои ја хидратираат кожата. Истото се случува кога поминувате долго време под тушот. Обидете се да го ограничите времетраењето на вашето туширање на 10 минути дневно и да се туширате со топла вода.
Не користете силни сапуни
Силните сапуни и детергенти можат значително да ја уништат вашата кожа. Користете нежни препарати и гелови за туширање со хидратантни својства. Особено внимавајте при изборот на сапун за раце или детергент за миење садови, затоа што нив ги користите многупати во текот на денот.
Не користете груби сунѓери за капење
Најдобро е да го избегнувате користењето на сунѓери за капење затоа што триењето може да доведе до оштетување на кожата. Но, ако не сакате да се откажете од сунѓерите, тријте се многу нежно, без да вршите голем притисок.
Не се бричете без претходно омекнување на кожата и влакната
Бричењето може дополнително да ја иритира сувата кожа. Најдобро е да се бричите по туширање, кога влакната се меки. Задолжително користете крем или гел за бричење, кој се препорачува да отстои три минути пред да започнете со бричењето. Секогаш бричете се во насока на растење на влакната.
Бидете нежни кога се бришете
Избегнувајте го грубото триење со крпата, затоа што тоа ќе ја иритира вашата кожа. Само лесно тапкајте ја кожата со крпата, но оставете ја влажна.
Не заборавајте да ја хидратирате кожата
Хидратантниот крем и млекото за тело создаваат бариера која не дозволува кожата да остане без неопходната влажност. Најдобро е хидратантниот крем или млекото за тело да го нанесете 3-5 минути по туширањето, додека кожата е сè уште влажна.
Јадете храна богата со омега-3 масни киселини
Еден од симптомите кои укажуваат на тоа дека вашето тело има потреба од повеќе омега-3 масни киселини е појавата на сува кожа и чешање. Омега-3 масните киселини ги зацврстуваат бариерите на кожата кои ги чуваат природните масла. Одлични извори на омега-3 масни киселини се лососот, сардините, лененото семе, оревите.
Пијте многу вода
Пијте најмалку осум чаши вода дневно за да ја одржувате вашата кожа добро хидратирана.
Носете облека од природни влакна. Преферирајте памучна облека, бидејќи таа ѝ дозволува на кожата да дише, додека волнената и синтетичката облека предизвикуваат чешање и иритација на кожата.
Ексфолирајте ја вашата кожа
Хидратантниот крем е многу поефективен ако го нанесете на ексфолирана кожа, ослободена од сувиот слој мртви клетки. Сепак, не претерувајте со користењето на пилинзи, затоа што со тоа може уште повеќе да ѝ ја одземете влажноста на кожата. Ексфолирајте ја кожата по целото тело еднаш неделно.
ПРИРОДНА НЕГА
Маслиново масло
Делотворното маслиново масло е одличен природен „лек“ за сувата кожа. Тоа може да ја омекне кожата на лактите, колената, стапалата, рацете или лицето. Кога чувствувате дека кожата ви е многу затегната и сува, под хидратантниот крем или млеко за тело, нанесете тенок слој маслиново масло.
Мед
Сувите напукани усни лесно можете да ги претворите во меки и привлечни со премачкување со тенок слој мед.
Пилинг од кафеав шеќер и маслиново масло
За да ги отстраните мртвите клетки од површинскиот слој на кожата, измешајте еднакви количини кафеав шеќер и маслиново масло и нежно протријте ја кожата со кружни движења.
Микс од жолчка и мед
Измешајте една жолчка од јајце со 2-3 лажички мед и со масирање нанесете ја смесата на лицето и вратот. Измијте ја кожата по петнаесетина минути.
Фото- Pexels