14.8 C
Skopje
вторник, април 29, 2025
spot_img

Ирена Ристиќ за акцијата „Не биди ѓубре“- Не е срамота да се чисти, срамота е да се валка

„Ова ни е сега прва акција спроведена во Клинички центар. Следна акција е во Заводот за рехабилитација задутре попладне (19 јули)  во 18.30 часот“, вели актерката Ирена Ристиќ која заедно со уште неколку ентузијасти се нафати да го средува она за што со децении државата е успиена а народот не сака да го види. А и кога го гледа  полесно му е да го фрли сметот кај што ќе му дојде отколку да гледа чиста околина крај себе.  Акцијата „Не биди ѓубре“ можеби е малубројна, но со доволно голема порака за сите нас.

Дали на акцијата се приклучија и обични граѓани на кои им пречи ѓубрето или …?

-На повикот за акција нормално не се одзваа сите. За мој вкус многу малку се фатија за лопата. Поточно само жени од мојата фела.  Сања, Сабина Ајрула, Јасмина Василева, Симона, Тања и Трајче од МОБ.  Претпоставувам останатите имаат обврски или се по одмори.  Секако оптимистот во мене се надева на се поголем број колеги  со засукани ракави.  Не е срамота да се чисти, срамота е да се валка и да се биде рамнодушен на ова ниво на загаденост на животната средина.

Сигурна сум дека свеста ќе проработи барем кај еден граѓанин и тоа е доволно

Дали требаше да дозволиме да дојдат деца од Холандија да ни покажат како да се грижиме за околината или треба  да ни проработи свеста?

-Најмногу ме израдуваа граѓаните кои спонтано ни се приклучија.  Особено една идна докторка која, кога не виде без размислување ни помогна.  Инспирацијата за конкретнава иницијатива е од сонот на Сања Арсовска и немав поим дека чистеле Холанѓани. Жив резил сме.

Акцијата „Не биди ѓубре“ може ли да се прошири и со значење на општиот менталитет кај нас?

-Непотребно ќе трошам зборови и скапоцено  време за елаборација какви сме како народ.  Знаеме. Само тоа правиме. Констатираме и не правиме ништо.  За среќа не сме сите исти па по малку го креваме просекот.  За да се смени свеста за актуелнава тема  треба на плоштад масовно да се сечат екстремитетите со кои е сторено делото, и после додека крвари плус ќотек да се удри.  Тоа индиректно ќе помогне и за другите теми за кои свеста е на ниско или на никакво ниво.

До кога ќе трае акцијата и дали сметаш дека барем малку ќе ја разбуди свеста?

-Со оглед на процентот на примитивноста на поголемиот дел од граѓаните, кои останаа во РМ, акцијава ќе трае чинам дури да се пензионирам јас.  Сигурна сум дека свеста ќе проработи барем кај еден граѓанин и тоа е доволно.

Како љубител на животни дали ти пречи што не го собираат изметот и не ставаат маски на кучињата?

Кучешкиот измет мора да се собере

-Кучешкиот измет мора да се собере, сопственикот е должен да го направи тоа.  Ако сопственикот не го направи тоа, супер казна би било  соодветна служба да му го собере изметот и да му го размачка по дома.  По ѕидот, над телевизорот и дел во спалната соба, непосредно до перниците на кои ја одмара својата совест.  Но, да прашам нешто? Каде е државата?  Да не си ја видела скоро?  Те молам ако ја видиш кажи и дека ми недостасува и дека многу ја сакам. (В.М.)

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена