КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – ДЕНОТ НА МАЈКИТЕ
Додека се мислев околу темата за мојата 34-та колумна, ми заѕвони мобилниот. Татко ми. „Околу 9 часот дали ќе бидеш на работа? Мајка ти правеше руска салата, па да ти донесе да пробаш…“ Како не, тука сум. Во секое време. Особено за нејзината вонсериска руска салата.
Мајка. Ете ја темата. Случајно се поклопува и со утрешниот празник, 8-ми март, меѓународниот ден на жената. И секако, Денот на мајката.
Признавам, и пред телефонскиот повик размислував да посветам една колумна за овој специфичен ден, во неговото предвечерие, и вкусот на руската беше капак за да се одлучам да пишувам за оваа тема.
Се разбира „руската салата“ е само евтина метафора за грижата на мојата мајка во изминативе 47 години. Како на филмска лента ми се враќаат слики, од детството, младоста, повозрасните години… Мајката е најголемо богатство.
Се сеќавам на нејзиното загрижено лице додека чекавме во „Млин Балкан“ да ми стават инјекција, се сеќавам и на сликовниците што ми ги купуваше по примањето на инјекцијата, од човекот што продаваше до амбулантата, се сеќаавам на нејзините врели пишии во Јанче, на набрекнатите вени на рацете, додека носеше свежа вода од чешмата во Мањоиче, на мирисот на спружените пелени во дворот и на нејзината вешта игра со штипките, се сеќавам на вкусот на сите природни сокови направени од нејзините раце, на сите ајвари, компоти, тулумби, еклери, торти, кифлички… Се сеќавам на тој фамозен пијалок „пивоквас“, со арома на крушка, се сеќавам и на една шлаканица кога ѝ кажав дека Еми сака друг…
Се сеќавам на сите фотографии, на кои е млада и убава. Со црна коса, нашминката и среќна. Се сеќавам и на една Нова Година, кога облече едно прекрасно долго здолниште, направи фризура, стави еден голем ѓердан и со татко ми отидоа на прослава. Личеше на античка божица. Барем, во моите очи.
Сите овие години го имам истиот проблем кога ќе дојде 8-ми март. Што да ѝ купам?! Ако ја прашаш, таа не сака ништо. Има сé. Се радува на ситници. На букет цвеќе, на некоја пластична матракука за домаќинството, на било што… На два реда внимание, невешто кажани преку мобилен телефон и на подголтнато извинување дека сум презафатен и дека нема да дојдам да ја видам и лично да ѝ честитам.
А, и што да ѝ подариш за 8-ми март, а да биде достојно на нејзината жртва?! Доволно скапо и силно, за да ѝ ги вратиш најубавите години, што ги потрошила за да те исчува и од едно парче месо од 3 ипол килограми, да те израсне во голем човек?! Да те школува, да те воспитува, да те храни, да те брани, да навива за тебе, секаде и секогаш… Да бидеш за неа најдобар, подобар од сите, и кога другите не мислат така.
Чат-пат, ја спомнував мајка ми во некој инсерт во моите колумни, но постојано некако го пролонгирав времето кога ќе ѝ посветам само нејзе 50-тина редови. Се разбира, тоа е премалку простор за да кажам колку ми значи, колку сум ѝ благодарен за сé што направила за мене и колку сум среќен што ја имам покрај себе или, барем знам дека постои и мисли на мене, на некои три километри оддалеченост. Можам да ја видам, можам да ја прегрнам, можам да ги вкусам нејзините прекрасни јадења и да наздравам со нејзиниот омилен „Витач“. Му благодарам на Господ за тоа. Таа многу не верува во тие работи, ама не ми се меша кога јас верувам.
Да, ова е вистинското време да ја напишам мојата колумна за мојата мајка Лилјана и за сите мајки во светот.
8 – ми март е празник на жената. Жената, која го има пасвордот за животот, жената, која е посилниот пол, жената, која е центар на светот… Причината за сите песни, романи, војни, насмевки, солзи, желби, стравови… И кога е изморена, несреќна, обесправена, несакана, отфрлена, сама, заборавена… Жената е најпрекрасниот цвет, кој постои во Универзумот.
Но, да се вратиме на мајка ми. Монтажерката Лиле, од некогашната Телевизија Скопје, во просториите во Нерези. Жената, на која ѝ беше поважно да ме роди, отколку да студира монтажа во Загреб! Жената која ги спакува сите желби, соништа и амбиции и без да пушти солза или да повиши тон, одлучи да се посвети на својот писател Велко и на својот дом. Цел живот. Мајко, ти ја заслужуваш најголемата пензија во светот! Тој чек е во моето срце.
Мајка ми редовно ги чита сите мои колумни. Малку подоцна, зашто нема Интернет. Кога ќе дојде брат ми и кога ќе ѝ даде да прочита од телефонот. Ветувам дека таа ќе го добие првиот примерок од мојата книга, во која еден ден ќе се најдат сите колумни што ги објавувам на овој Сајт. Мајка ми ужива во сите мои успеси, сите овие години. Ги знае сите мои песни напамет. Со задоволство ги слуша и плаче. Никогаш не разбрав зошто плаче додека ги слуша? Па, не се сите мои текстови толку тажни?
Ако работата ме однесе во друг правец или ако (и оваа година) побрзам прво дома да ѝ честитам 8-ми март на мојата сопруга Соња, немој да се налутиш, мајко! Ти знаеш колку те сакам. Ако не знаеш или ако не сум ти кажал, еве сега јавно ти кажувам. А за да сфатиш подобро, ќе речам: „Те сакам, исто колку што ти ме сакаш мене!“
Оваа колумна е мојот годинешен подарок за тебе!
Прочитај ја, расплачи се како што само ти умееш, напиј се голта „Витач“ и пушти си ја мојата песна „Мајко проштевај“, во изведба на Душко Георгиевски.
П.С: Руската беше феноменална, како и секогаш!
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ
Коментарите се затворени