Се плашам од стравот. Страв ми е да не се исплашам. Дали некогаш сте се исплашиле од стравот? Хм, многу филозофски. Постојат многу стравови. Со некои сум успеал да се запознаам, а со некои дури и да се ракувам. Некои не сакам ниту името да им го споменам.
Како би го опишал стравот? Во психологијата сигурно има многу дефиниции. Дали е исто страв и фобија? Веројатно да. Прочитав некаде дека и стравот има своја градација. Страв, па преплашеност, па ужас, како највисок левел на стравот. А прв душман на стравот да ти била храброста.
Џон Кејл две години по моето раѓање ја испеал песната „Стравот е најдобриот пријател на човекот“. Јас пак долго бев во заблуда и мислев дека тоа е епитет за кучето…
Првиот страв во мојот живот беше стравот од темница. Кога мајка ми ќе ја изгасеше светилката во собата, милион најстрашни сцени ми поминуваа низ главата. Сенки од разни векови се бркаа по ѕидовите на собата и веројатно од тој период влече корени мојата желба за драматуршки ангажман. Темницата и неговиот прв братучед мракот ми беа првите непријатели, особено зимно време, кога морав долго да бидам во нивно друштво. Секогаш ја чувствував истата нелагодност измешана со страв и кога требаше да свртам зад аголот во дворот на мојата родна куќа. Во двата правци. Веројатно тука се прашував што ли мни носи следниот чекор? Крие ли некое изненадување? Опасност. Закана. Првиот страв го победив со столна ламба. Таа светеше цела ноќ и можеше да си прави муабет со сенките од сите векови. Тие си најдоа занимација, а јас можев спокојно да спијам.
Вториот страв ми беше од Старо купуем. За тие што не знаат што е „Старо купуем“, а и не ја слушнале истоимената песна од Дарио, би кажал дека Старо купуем е личност од различна националност (најчесто Ромска) која вози велосипед, велосипед со мотор или импровизирана количка, има глас со безброј децибели и купува по багателна цена по скопските улици: стари акумулатори, бојлери, фрижидери, шпорети, купииииим! Јасно е дека ме плашеше неговиот одвратен писклив глас, кој ечеше меѓу старите куќи. Тој страв го победував со бегство од мојата улица во двор, од каде што безбедно го ѕиркав ликот и превозното средство на гореспоменатиот господин Старо купуем.
Фото/Pexels
29 редови потрошив за само два страва? Каљко ли ќе ги соберам сите мои стравови во 21 ред? Ај, ќе се обидам некако.
Имам страв од летање, страв од змија, страв од успех, страв од неуспех, страв од војна, страв од мир, страв од немир, страв од земјотрес, страв од смртта, страв од непознато, страв од дежа ву, страв од домашни и од шумски животни, страв од страшни сцени во хорор филмови, страв од инфлација, страв од поплава, страв од банкрот, страв од саксија (кога поминувам под зграда), страв од …
Многу стравови за еден слободен човек, а?
Еден лав плаче од страв. Тоа беше книга, која во мое време се обработуваше како лектира релативно рано. Не знам како е денес? И дали толку се плашат и поновите генерации.
Одиме, страв по страв. Како точки на дневен ред.
Стравот од летање го победувам со тоа што сум свесен дека немам крилја, не глумам Икар и летам само со авион. Банџи, параглајдери, супермени и слични чаролии не сакам.
Се плашам од брз и неочекуван успех, кој ќе ми го донесе првиот милион евра. Не за друго, не знам во кои плакари жена ми ќе ја складира и чува целата брендирана гардероба, што ќе ја купи со тие пари?!
Се плашам и од неуспех, а него го победувам со тоа што си велам дека тој можеби е успех, само јас тоа ќе го откријам некој друг ден, месец или година.
Од војната се плашам и секогаш ќе се плашам. Толку многу ме бомбардираа со информации (од прво одделение до последните вести на ТВ) колку луѓе загинале во Првата светска војна, во Пруската војна, во Чеченската војна, во сите војни во Екс Југославија… – што камен да бев, ќе се исплашев од некоја мина или зоља.
Стравот од поплава го победувам со тоа што кадата никогаш не ја полнам до врв, туку ја користам како туш кабина. Тоа е стара, еврејска финта. И плус, ја намалува сметката за вода.
Стравот од змија го победив на тој начин што еднаш ме касна змија во езеро, во Отешево, па мораше еден келнер од Хотел Европа да ме вози дури до Битола за да примам серум, а вујко ми Симо да ме врати од Битола до Отешево, при што ја расипа ламелата на својот тогашен автомобил. За што ја користам оваа прилика да му се извинам. Да, и да му се заблагодарам за убавата скара на Широк Сокак, тој ден. Инаку, се плашам и од дебелината, што не се гледа по мојот почитуван стомак. Тој ми е најголемата инвестиција во животот.
Да, се плашам и од смртта. Иако, како мал мислев дека само јас ќе ја зезнам и ќе се спасам некако. Се плашам и од вечен живот…
Се плашам и од целиот кујнски арсенал во хорор филмовите. И од нивната музика, без која тие филмови би биле гола фарса. Иако, најстрашните сцени ги имам гледано на Собраниски канал. Толку ме нема исплашено ниту убавецот Фреди Кругер.
Се плашам и од помислата да станам политичар.
Во слободно време, не се плашам од ништо.
Огнен Неделковски