Време е за Макфест! Време е за музика. Секој народ сака чоколада (пардон, леб) и игри.
Молкот бидна, се изнамолчевме. Иако, на социјалните мрежи секој втор го стави црвеното ЗА, во различна конотација. Некој на пиперка ајварка, некој на својот ревер, некој со навреда за глупаците кои не го сфатиле моментумот, некој пак со навреда до тие што го сфатиле историскиот миг… Како и да е, мириса на избори. Или ми паднало зрно кафе на ринглата? Нема врска, ние сме спремни.
Ние сме богата земја. Не сме како другите бедни и сиромашни демократии, кои организираат избори на секои четири години. Тоа е многу. Тоа е екстремно долг период. Треба да има избори на секои три месеци. Ние го можеме тоа. Имаме издржлив народ, имаме цврсти гласачки кутии, имаме многу пенкала, имаме и врвки од коноп, за да не ги крадат. Што друго ни треба? Имаме и кандидати. Имаме и безброј партии, притоки на двете главни… Мераци. Еве, и Мони Торинг легна да одмори. До следниот порнич… Каде пак во главна улога ќе биде Црна Арапина. Толку за политика. На сите ни е згадено од неа, ама воајерски пак би „сакале“ секој ден, меѓу две феноменални турски серии, да си гледаме исти експертски сурати, на бесконечни дебати.
Од сите можни избори, јас го избирам Макфест. И неговите песни, кои живеат преку три децении и кои пречекале и испратиле многу политички гарнитури. И кожни, и штофани, со разни етикети. Политиката е курва, а музиката е вечна. Не се доволни триесет редови за да кажам колку го сакам овој фестивал! Ама ќе се обидам.
Во 1986 година имав само 14 ипол години и со подзината уста и со голем восхит уживав во сите песни на првото издание на Макфест. Тие години Макфест го собираше на едно место целиот естраден крем од Југославија. Сите пееа на македонски јазик. Беше убаво, конечно го излечивме нашиот децениски комплекс и докажавме дека одлично може да се пее и на нашиот мајчин јазик! Веќе немаше потреба никому да му се додворуваме и да размислуваме на српско-хрватски. Тогаш првпат ја видов и слушнав Хелена Благне. Имаше некој вселенски стајлинг и вонвременска балада. „Кога те нема“. На Кире Костов и на Васил Пујовски. Од тој период живеат многу песни. Дури Макфест беше прогласен и за најдобар европски фестивал. Свечено си ветив дека еден сончев есенски ден ќе се пеат моите стихови на Макфест!
Долги години, спиритус мовенс на овој голем настан беше харизматичниот Стојан Троицки, кој не штедеше време, пари и енергија од Штип да направи центар на музиката. Уметничките директори се менуваа (големо благодарам до: Славе Димитров, Љупчо Мирковски, Кристијан Габроски…) но, вредниот Столе секогаш беше тука. Им подаде рака на безброј млади пејачи, композитори, автори на стихови, аранжери. Ми подаде рака и мене, во 1990 година, кога имав 18 години. И од срце му благодарам за тоа. Бев пресреќен кога чичко Пецо Лукиќ создаде музика на моите стихови и така се роди „Дали знаеш“. „Иде време снежно, снежно, в душа носи лавина, ќе ја стопли нежно, нежно твојата убавина!“ Баце Ранко секоја година ја пушта на Радио Буба Мара, кога ќе падне првиот снег! Имав среќа токму Хелена Благне да го отпее мојот прв текст. Имав среќа и чичко Пујо (Васил Пујовски) да биде во жири за најдобар текст и да му се допадне мојот текст. Тој беше строг, но и бескрајно правичен. Знаев дека имав најдобар текст, штом така мисли тој. Скромно, и во друштво на дедо ми Филип, се качивме на меѓуградски автобус и пристигнавме во Штип.
Патем, ми раскажуваше за неговите доживувања низ Овчеполието. Се сместивме кај роднината на неговиот кум, чичко Геро. Тие два дена, чичко Геро и неговата вредна домаќинка, тетка Маре беа нашите љубезни домаќини. Во меѓувреме, во прес центарот го запознав Даниел Поповиќ и паднав во несвест, зашто неколку годии пред тоа ги престегав палците од навивање кога тој завиваше на Евросонг за неговата Џули.
Добив награда за најдобар текст, т.н прстен од плексиглас и дрво, кој гордо го чувам на мојата полица веќе 28 години. Да ме потсетува каде сум почнал како автор. Да ме насочува секогаш да ги пишувам моите најубави стихови за ова штипско чудо. За мојот Макфест. Не знаев како треба, па кога го прочитаа моето име, се качив на сцена директно од публиката. Луѓето се чудеа, кое е ова младо момче и што бара на сцената?! А јас си дојдов по мојата награда. Да, јас сум Огнен Неделковски, реков. Сите се чудеа. Мислеа дека некој многу повозрасен ги напишал тие стихови. И така почна сé. Така малиот Оги, стана авторот Огнен Неделковски. На таа сцена. Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. И наградата за најдобар текст долги години го носеше името на еден од најголемите поети кои некогаш Македонија ги родила. Сé до пред неколку години, кога некој приучен општински хрчак, не ја укина.
Во бекстејџот не познавав никого. Тогаш се запознав со Драган Каранфиловски – Бојс, со Кемал Монтено, со Григор Копров, со Ванчо Димитров, со Питер Џон Босе, со Љупка Димитровска… На излезот од Домот на културата, додека размислував каде да одам и да нарачам пастрмајлија, неколку дечиња со тетратки во рацете дотрчаа до мене. Се зачудив. „Повелете, деца?!“ – љубезно им реков. „Ве молам да ни дадете автограм“ – насмеано ми рекоа и трепкаа со очињаата. „Ама, јас не сум пејач, не сум познат…“ – им реков. „Ако, ве молам дајте ни автограм!“ – инсистираа. Со солзи во очите, им шарнав некои иницијали во тетратките и сфатив дека го положив приемниот испит на естрадата, Денес, можеби беш некое од тие дечиња се преталентиарните композитори од Штип, Иле Спасев, Панче Илиев Касапски или Илија Ќосевски? Можеби автограм сум им дал и на пејачите Ѓорѓи Димитров, Давид Миладинов или Зоран Илиев, кога биле деца?
Годинава уметнички директор на Макфест е мојот долгогодишен соработник Владимир Дојчиновски – Дојчин. Ги знам сите негои идеи, го поддржувам и му посакувам мирно фестивалско море. И нека победи песната!