12.8 C
Skopje
вторник, април 22, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ- КОЛУМНИ ЗА ДУША : АВТО МО БИЛ

Авто Мо Бил не е прв братучед на Мони Торинг. Тој е потреба, нужда, стилски престиж, олицетворение на (не)моќ, прва љубов на многу тинејџерки… Јас лично никогаш не сум ги сакал автомобилите (во продолжение ќе ги викам „коли“, како што сите ги викаме – да не ми замерат дежурните лингвисти, кои „мајка ми и татко ми“ ги пишуваат заедно!)
Како мал не сакав да играм со коли. Моите ја пробаа финтата, машко дете – купи му коли, топки, пиштоли… – и ќе биде мирно. Ама им упали само со топките. Имав две-три малечки количиња и ги чував врз фрижидерот. Не се сеќавам дека некогаш ги повозев по ќилимот или во дворот. Имав другари кои имаа цела колекција на количиња и ги знаеа сите коли по име и презиме. Јас не знаев ниту една. Го знаев само „Фијатот 1300“ на (неизбежниот) вујко ми Симо и подоцна „пезетката“ на татко ми Велко.
Првата средба со Неговото височество Менувач ми беше под Кале, на оној импровизиран полигон, кој не знам дали уште постои? Имав некои 18 години, значи бев зрело полнолетен. Појдовме со татко ми на полигонот. Ми ги објасни брзините. Ладно ги менував брзините, од прва до четврта, преку лер. И два-три пати во рикверц. Пустата „Пезетка“ немаше 5-та брзина. И тука заврши часот?!
„Штоооооооо?! – му се врекнав на татко ми како Загор на Чико – „Нема да ме пуштиш да повозам малку?!!!!“ „Ни случајно!“ – беше дециден тој, додека ме враќаше накај дома. „Ќе ти уплатам часови и ќе те учи инструктор.“ И така би.
Се разбира, полагав во првата приватна авто школа во Скопје. Не сакав да ризикувам. И да паѓам 18 пати. Се наоѓаше во Автокоманда. Беше некоја смешна кованица, која се римува. Добро де, знам точно како се викаше, ама не сакам да правам бесплатна реклама! Може уште постои Школата… Мислам дека мојот инструктор се викаше Марјан. Тоа е идеално и типично име за инструктор, иако не се лоши ни Борјан, Зоран или Васко. Класика. Човекот беше стрплив и темелен. Никогаш нема да заборавам како изгледаше мојот прв вистински час. Отидовме во парк и тој ми рече: „Седни на возачкото место и сега тргни!“ „Каде да тргнам, бе?!“ „Па, да возиш!“ – се насмевна Марјан. Оф, мори мајко! Минута подоцна, не ми се веруваше дека јас возам низ најголемиот скопски шпиц. Триесетте часови пројдоа за миг и горе долу го извозев цело Скопје, со акцент на местата каде што живееа роднините на Марјан и каде што редовно носевме детергенти, нешто за јадење, пиење и сл.
Тестови положив од прва. Отидовме на полигон. Бројните вежби не ми даваа никаква сигурност дека ќе успеам да паркирам помеѓу две линии. Марјан ми кажуваше некоја математика, агли, синуси, косинуси, за да паркираш од прва меѓу две линии. Се препотив стопати, го стопив возачот на Југото (со кое полагав) и паркирав некако. Комисијата рече: „Браво, дечко, положи!“ Не ми се веруваше. Излегов да видам како сум паркирал. Неверојатно! Како под конец, до милиметар прецизно. Никогаш повеќе не успеав да паркирам толку добро… А возам од 1992 година, па сега видете колку сум добар шофер.
Нејсе, следуваше голготата наречена градско возење (или жаргонски, „вожња“). Полагав со нивното Југо и загреан и залетан по неочекуваниот успех на полигонот, решив да положам од прва. Пред „Хемпро“ се редеа икс кандидати со Југото и дојде редот на мене. Самоуверено влегов во Југото, го вклучив моторот. И тргнав. Колата изгаси. Четвртастиот (од Комисијата до мене) се насмевна и рече: „Хм, пробај пак!“ Трипати тргнував и трипати скапаното Југо гасеше. Се разбира, идиотите ми ја дигнале рачната, а јас занесен не сфатив. И паднав. На евтина финта. Честопати и подоцна ми се случуваше истата глупост, а неретко страдаа почитуваните гуртни на сите крнтии кои ги возев.
Вториот пат паднав зашто влегов во кривина на Бит пазар со трета брзина (и ден денес правам така). А третиот пат полагав на 26-ти март. Утрото нé изненади силен снег. Ја качив Комисијата (која тежеше едно два тона – веројатно ми ги пратија најдебелите што ги имаа!) во кутрото Југо и тргнавме. А снегот си паѓаше и си паѓаше… Цело време возев и им се жалев дена ништо не ми се гледа. Четвртастиот ме погледна и љубопитно праша: „Кој пат полагаш?“ „Трет. – промрморев, убеден дека сум паднал.“ „Не е страшно, – се исклешти волот – Јас полагав 24 пати!“
Оф, мори мајко, ми пратиле претседател на комисија искомплексиран тип што полагал десет години!? Ќе ме враќа до бескрај… Помислив. Кој ќе зема дополнителни часови?!
Нејсе, положив. Дури утредента ми текна дека цело време возев без да ги вклучам брисачите. Затоа не ми се гледало додека возев…
Друг пат ќе ви раскажам за сите мои коли. Секогаш ме мачело прашањето дали е подобро да возиш или да те возат? Некои велат: „И да загинам, бар од своја рака. Не дозволувам некоја будала да го има мојот живот во негови раце!“ Можеби е така.
Познавав многу добри возачи, кои за жал го напуштија овој свет по туѓа возачка грешка.


Еден од нив беше и мојот пријател и соработник Тоше Проески. Никогаш нема да ја заборавам нашата последна средба. Беше 5-ти октомври 2007 година, се возев по „Илинденска“, замислен, изморен, се враќав од работа. Некаде во висина на фонтаната, застана колоната пред мене. Застанав и јас. Од спротивната страна го забележав џипот на Тоше. Тој на возачкото место, а до него зетот Славен. Срдечно ме поздрави со раката, а јас му посакав да има многу среќа на вечерашниот концерт. Повеќе не се видовме… Животот отсвире крај. Тогаш ги замразив сите автомобили на светот…
Утре е Концертот во негова чест. Се надевам дека Салата „Борис Трајковски“ (или како веќе се вика?!) утре во 20 часот ќе биде исполнета до последно место.
Ајде да покажеме дека се уште го сакаме Тоше, како кога беше меѓу нас. Зарем ги заборавивме неговите песни, неговата љубов, неговата харизма, позитивна енергија? Се разбира не. Љубовта никогаш не умира. Таа струи меѓу нас, како радио бран…
Не сакам да верувам дека Здравко Чолиќ повеќе му значи на овој харикири народ?

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена