КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ – КОЛУМНИ ЗА ДУША : ВОЗДУХ

Таман се решив да одвојам 50 реда сиво за воздухот во мојата нова колумна и, некој им јави горе на другарите од Вселенскиот комитет и пуштија ветер. Свеж ветер. Од северо-западно-јужен правец. Далеку од развигорче, ама благопријатно. Анџак и ние троа да подишиме убавиње. Ашколсун, другари од Комитетот. Ви благодарам што мислите на нашите бронхии. Се надевам дека овој ветер ќе дува следните три месеци и ќе нема потреба од радикални мерки. И нишање на фотељи и позиции. Анџак луѓето ги стокмија дебелите газови во ними. Што убаво си чадат сите возила по улициве. Колони. Сиромаштија, скап бензин. Тоа ти е. Плус, од нешто мора да се умре! Не ќе живееме по 400 години. Сте го читале Дарвин?
Пред некој ден решив да не го загадувам воздухот барем еден ден во годината со мојата продувана сива Мечка и уредно си чекав 2-ка во Автокоманда. Кога дојде еден крш, од времето на Анте Марковиќ. Дуваше од сите страни. Дупла двојка, директно од Музеј на РМ. Пардон, СРМ. А шоферот беше некој внук на Фанџо. Сите му бегаа од патот. За десет минути ме донесе од Автокоманда до Карпош. Аферим, мајсторе! Како се преведува промаја на англиски? А на француски?
Деновиве низ Скопје не можеш никого да препознаеш на улица. Гледаш само очи. Некој носи маска, некој шал, некој гас маска од ЈНА. Што и да е, да се заштитат дишните патишта. Нема врска што истите тие типови и типки пушат по три кутии цигари на ден, важно надвор се заштитени. Тас таман. Додуша, мојата драга анама пуши само по една кутија на ден. Секој ден. Некои тенки цигарчиња. Без језиви слики на нив. Без ракови и импотенции. Вели дека ич не биле штетни. Напротив. Биле дури и здрави. Имале никотин колку да се смири кога ќе ја изнервирам.
Пред некоја вечер, кога во нашиот Карпош имаше наезда од ПМ честички, Анамата ми, уредно си провери на сајтот колкава е загаденоста во нашиот вилает и одлучи таа вчер да не пуши во нашата Пушална. Прибидејќи, нашиот стан нема балкон, ниту тераса (морав да излегувам на улица за да пеам „Излези момче право на терса“, на времето, кога бевме 4-та кош сила во ЕУ), мојата Анама САН има уредено една соба со голема врата и во неа пуши цигари. Таму пушат и гости кога ќе ни дојдат на гости, а таму ги крие и сите роднини, кога треба да им соопшти нешто што не е за моите драматуршки уши. Нејсе, таа вечер мојата Анама реши да пуши во тоалет. Вриштев-пиштев неколку минути. Џабе. Си ја пушти светилката во тоалетот, која воедно е и калорифер и со лезет си ја испуши цигарата. Додека траеја рекламите на нејзината трета турска серија, тој ден. Браво! Така ќе го заштитиме нашето ценето здравје. Предлагам и кампања „Цигара вос екој тоалет!“ Инаку, додека траат нејзините бесконечни турски лимонади, јас можам да правам муабет само за време на рекламите! Фер.
Загадено е, да. Секогаш било загадено. И кога имаше милијарда дрва во Скопје. Секој што знае барем малку географија, јасно му е што е котлина. Дупка. Бунар. Ај, оди проветри бунар да те видам? Пред 25 години (поима немам кој беше тогаш на власт?!) се сеќавам една вечер одевме на гости кај вујко ми и вујна ми во Капиштец. Тогаш имаше некој глуп адет, регрутот пред да се јави во касарна, да ги посети најблиските. Брат ми беше регрутот, да. Е, таа вечер воздухот во Скопје беше жолт. Имаше сулфур милион пати повеќе од дозволеното. Па што?! Еве, сме живи и здрави. И си пишуваме колумни. А вие си ги читате…
Плус, каде бевте цела година? Беше загадено и во јули. Ама, не забележавте, оти цело лето преговаравте за името по грчките плажи, плажичиња и таверни. Признавам, и јас преговарав. Ама, само 14 дена. Асли. Ќе одев и повеќе, ама ме спречи Референдумот. Мони Торинг не можеше без мене. Елбете, таков е животот.
Многу Турцизми, а? Е, многу. Чист воздух, чист јазик, чиста нација… Е, нема тоа, другови и другарице во 21 век. Немаше ни во 20-ти, ама нејсе. Чунки така било пишано. А од писанија никој не побегнал. Ниту фатил усвета. Еднаш и јас да звучам како Стале Попов, за мој ќеиф.
Кога бев во Анкара во посета на нивниот радиодифузен регулатор, кој патем, изгледа како вселенски брод и во него има сé што душа ќе ти посака во работно време, па дури и фризер (што мене особено би ми значело!), една анама во зрели (накај скапани) години ме гледаше долго. Меѓу две голтки јени раки, го поднамести чаршавот на масата, дискретно се накашла и пред сите 20 души ми рече: „Ти многу личиш на наш човек!“ Се разбира, тоа го сфатив како асли комплимент и рафално како пушка малихерка ѝ реплицирав: „Нормално, госпоѓо. Вашите ефендии беа пет векови во нашите вилаети. Сетики некоја моја баба била израдувана на некоја запустена чешма од некој избричен и намирисан бег или агалар?!“ Аферим, џокук! Крикнаа сите на масата и наздравија со нова тура јени раки. Како нашата струмичка мастика, ама џанам троа појака. И кажавме две-три песни, наша музика, нивни текстови. Ако музиката има сајбија?! А непара има… Јас речиси 30 години се трудам да бидам сајбија на моите илјадници текстови, се борам секој уредно да ме спомене во „Бекстејџ“ или во „Стисли плеј“. А за сто години, кога Јутјуб ќе замине во историјата, никој нема да знае дека текстот на „Излажи ме уште еднаш“, на пример, го напишал некој си Огнен. Па уште и Неделковски. А ќе ја пеат. Се надевам.
Како се изговара „Неделковски“ на англиски јазик?
А на француски?
Каква врска има овој муабет со воздухот?
Завршија рекламите. ПССССТ! Турциииии! На малите екрани, аген! Продолжувам да си пишувам. До следниот блок реклами. Таман да си соберам нов материјал за зборување. Или за карање. Па, може и на српски…

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени