КОЛУМНА.Наде Молеровиќ: Наместо да гледате што прават и „какви“ се другите, фокусирајте се на себеси

 

Кога ќе сфатиме дека емоциите си ги предизвикуваме самите на себеси, ќе разбереме многу нешта. Сето тоа е поврзано со креирањето на соствениот живот, и тогаш е јасно дека емоциите се показатели на нашите мисли, на фокусот- што ни е важно, кој ни е важен, на убедувањето, на негативните емоции кои се показател дека не сме во склад со себе.

Нашиот поглед на другите луѓе зборува за нас самите. Дали тоа значи дека ако јас во сите луѓе гледам искреност, емпатија, пријател, добра душа, добра намера, значи дека сум таква личност? Да , Да!

Луѓето читаат и разбираат така како се и што се самите тие, а не како е напишано. Наместо да се фокусирате на другите, што направиле, како се облекле, каде погрешиле…,ставете фокус на себе.

Не осудувајте, не озборувајте ги.

До крај на животот треба да ни биде јасно дека не е светот онаков каков е, туку како го гледаме ние. Не е живот тоа што се случува , туку како ние гледаме на тоа што ни се случува.

Јас лично не ги гледам луѓето како злобни, расипани, неискрени, дволични. Не сакам да мислам дека некој има задни намери во комуникацијата, не сакам да гледам дека е дволичен, дека е лажлив, не, и не сакам така да гледам. Поубаво ми е кога ги доживувам како суштества на кои им е потребна љубезност, подршка, внимание и почит. Мене ми е така полесно доживувавњето, не ме оптоварува со помислата, а, дали сака да ме изигра? А, дали е искрен? Дали сака да ја искористи оваа или онаа информација која ја споделувам, дали тоа значи ова …она…и, се некои негативни мисли и конструкции на завери и задни намери. Јас само таквите злобните луѓе ги разбирам како тажни, несреќни, неостварени, тие луѓе ги носат борбите во себе, и немаат друг начин од агресија и навреда. Ги разбирам дека секој напад значи и повик за помош, ним им е потребна љубов, страдни се за внимание.

Среќните и успешните луѓе, самосвесните никогаш нема да ги навредуваат другите, немаат потреба од тоа. Најчесто денес на социјалните мрежи ќе се изначитате и изначудите на лавината од негативни коментари, забелешки, омраза, злоба за луѓе и личности кои не им се допаѓаат, па ги навредуваат. Оние луѓе кои имаат фокус на себе, сопствените цели и идеи се развиваат, учат, читаат, се надградуваат, успеваат и немаат време да се фокусираат на другите. Толку е едноставно. Многу ретко , навистина многу ретко на социјалните мрежи кои ги користам се впуштам во докажување и оправање зошто е нешто вака или онака, зошто е некој ваков или онаков.Тие кои вулгарно напаѓаат некого, се закануваат, пуштаат клетви и разни други непристојни, навредливи зборови, потполно ги разбирам и сожалувам.Тоа е само изблик на внатрешни борби со самиот себе, затоа што фокусот во животот го насочиле кон другите луѓе, особено кон оние кои не им се допаѓаат, не кон себе и сопствениот личен и професионален растеж.

Тие кои се успешни, реализирани и среќни луѓе имаат потреба да помогнат и другите да се остварат и другите да бидат среќни.

Никогаш среќна личност нема намерно да  ве повреди со збор или дело, навредуваат само оние кои не се познаваат себе си, оти имаат ниска самодоверба. Само кога повредуваат или зборуваат лоши работи за другите, тогаш се чувствуваат поважни, повредни и моќни. Само оние кои биле навредувани, омаловажувани и немале подршка од најблиските, пријателите, само тие ќе сакаат да го направат истото тоа на другите, само затоа што во тие моменти се чувствуваат малку посреќни.

Тие би се однесувале на друг начин само ако знаат, но не знаат, тие ги пренесуваат шаблоните на однесувања какви што ги гледале, чувствувале од од најблиските, родителите и околината. Кога се чувствувате некогаш нервозно, сакте да нападнете, навредите , препознајте ја таа негативна емоција кај вас пред да реагирате агресивнои констатирајте: Е ова е до мене? Не е до другите! Променете ја емоцијата спрема оние кои ве напаѓаат, осудуваат, навредуваат, променете го погледот кон нив, разберете дека ним им е потребна прегратка, потребна им е љубов. Кога на ваков начин ќе ги гледате негативните, злобните луѓе околу вас , ќе ви биде полесно, поедноставно и најважно ќе го одржите сопствениот мир, позитивната мисла и емоција. Бидете промена која сакате да ја видите во другите луѓе. Бидете оној кој ќе ги разбере другите луѓе. Сите тие негативни, злобни, завидливи, лицемерни луѓе имаат свои приказни поради кои се такви.

Најголема потреба за љубов имаат оние за кои мислиме дека не ја заслужуваат.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени