КОЛУМНА. Наде Молеровиќ: Поставете си ги вистинските прашања

Волтер рекол : „Проценете го човекот според прашањата кои ги поставува, наместо по неговите одговори”. Сите ние имаме проблеми. Некои се многу мали и лесно решливи, но има и потешки проблеми кои со поставување на едно едноставно прашање може да ни се причинат како лесно решливи.

Тогаш, свесни ли сме всушност колку проблеми НЕМАМЕ? Дали сме свесни колку проблеми и немаме и никогаш не сме ги имале? Такво олеснување чувствуваме по вака поставено прашање.

Ако имаш основни услови за живот, биди свесен дека живееш подобро од мнозинството луѓе на оваа планета.Ова е сосема друга перспектива на гледање на проблемите. Ние, луѓето повеќе сакаме да набројуваме што се немаме, отколку што се имаме. Понекогаш вистинските прашања се одговорите кои нам ни требаат. Доколку си ги поставуваме клучните и суштинските прашања полесно ќе донесеме и одлуки за промена на квалитетот и навиките во нашиот живот. Никогаш не е предоцна да се започне разговор со себеси, доколку сакаме да си признаеме и промениме на подобро. Ако се плашите од искреноста на одговорите, ќе си живеете во страв од поставување прашања.Кога ќе ве прашаат луѓето што сакате да бидете, им кажувате тоа што тие сакаат да го слушнат. Сакате да престанат да ве прашуваат затоа што се чувствувате непријатно.

Тешките прашања го градат вашиот карактер. Ви помагаат да се пронајдете себе си и својата животна цел. Доколку ги одберете вистинските, ќе се одлучите за вашиот пат во животот и ќе се поштедите од многу разочарувања на кои ќе наидете. Почнете да се прашувате за важни работи.Еве неколку прашања, идеи како и кои суштински, мислечки, инспиративни и потикнувачки прашања да си ги поставите:

Имам ли цел во животот?

Дали денес работев за да ја постигнам целта? Успешните луѓе ја разбрале важноста на поставување цели на краток или на подолг рок, имаат своја сопствена мисија и визија како се гледаат себе си во иднината. Се фокусираат на своите цели, дисципилинирани се, организирани и мотивирани.

Која лоша навика треба да ја променам за да успеам?

Што ми пречи кај себе? Можам ли да си признаам дека не сум совршена? Доколку сум некоја друга дали би се одбрала себе си за пријателка?

Што ме мотивира денес?

Мотивацијата е сила која не турка напред, не води кон нашите цели.Како да си ја потхраните внатрешната мотивација? Секогаш одберете друштво и пријатели кои се поуспешни од вас, од нив можете да учите секојдневно, секако доколку сакате.Која е мојата страст, пасија? Во што уживам највеќе? Што ме прави посебна? Во што сум најдобра?Со овие прашања ќе се откривате, подобрувате и ќе работите на својот личен раст кој трае целоживотно.

Дали денес бев доволно љубезна?

Се сакам ли себе си поради тоа каква личност сум? Можам ли да бидам подобра? Ако треба да бидам по нешто запаметена од луѓето, што е тоа? Кое е моето најголемо достигнување? Дали сум среќна од животот што го живеам? Што би променила ? ……Прашања…прашања кои можат да ти го променат животот на подобро!

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени