Колумна. Наде Молеровиќ: Љубовта вели: што да дадам а егото: што да земам

Животот ќе ни биде убав ако умееме да го менаџираме светот околу нас.Колку добро, колку успешно се менаџираме ние, нашите емоции, однесувања и доживувања толку и ќе живееме исполнет и задоволен живот.Всушност треба да сфатиме дека животот бара менаџирање.

Колку сме ние оспособени да се справуваме со се она што ни се случува во секојдневието е клучното животно прашање. Ако не сме во состојба да водиме грижа за нашето тело, нашиот ум, како да се справуваме со различни емоции, во ситуации и состојби, како да очекуваме животот да ни биде убав? Каков придонес ќе имаме во заедницата, општеството и воопшто, во светот ако не успеваме да се менаџираме себе си? Колку ќе ни биде хармоничен и спокоен животот навистина зависи само од тоа колку успешно самите ќе се менаџираме.

Каде се учи тоа? Како се учи? Дали сакаме да учиме? Тоа се животни прашања, ако не сме закопани во нечии уверувања дека сме најдобрите и најпаметните. Ние сме тоа што сме, благодарение на надворешните влијанија, но и од уверувањата кои сме ги разбрале како непобитна и непроменлива вистина за самите себе си. Нашиот ум е всушнот исполнет со многу импресии и спомени, уверувања и нечии замислени вистини. Но ние не сме само тело и ум. Мислиме дека ќе бидеме среќни со завршувањето на нашето образование, а потоа мислиме дека ќе сме среќни со нашата работа, па, можеби посреќни ако заработиме многу пари…ако се омажиме/ожениме можеби ќе бидеме среќни…и се така…па дали сме?

Тие верувања дека ако исполниме уште нешто од овие наши претстави кога би биле среќни, уште ова па ќе бидам…и така, животот изминува, а среќни лица на луѓе кои ги среќавате на улица ретко можете да видите. Што им се случува на луѓето?

Како генерација на луѓе на оваа наша планета сме најблаголсловени, со најголеми технолошки изуми кои само ни го олеснуваат животот, а сепак се помалку  има среќни луѓе.

Ниедна претходна генерација не ги уживала овие удобства, освен ние. Ниедна!! Но, дали сме посреќни?

Не, затоа што не се менаџираме добро. Ние можеби добро ги менаџираме надворешните ситуации, но има и нешто што е надвор од нашата контрола и моќ. Како тоа да го разбереме?Работи кои не можеме да ги менуваме и не зависат од нас, треба да ги прифатиме.

Затоа што, се што се случува надвор, се случува и во нас, треба да селекираме, да одбереме како ќе постапиме за да бидеме среќни и мирни. Надворешнит свет и се што се случува е нешто што ние не го контролираме и можеби не е по наша волја.Тоа е природата на животот. Доколку не успеете да ги контролирате вашите емоции, ум,енергија, тогаш за жал вие сте роб на некој кој ќе одлучи да влијае на вас како да се чувствувате. Доколку некои други решаваат што ќе се случува околу вас, ваше е, вие да решите како ќе се днесувате кон се што се случува.

Затоа, потребно е да се спознаете себе си, вие не сте вашето тело, вашата работа и статус, вие не сте вашата привремена моќ или функција, вие не сте вашите пари, вие не сте вашиот автомобил.Тоа не ја купува вашата среќа, можеби привремено задоволство, но, кратко.

Ако сакате да го живеете животот со целиот свој потенцијал и можности, отфрлете ги старите убедувања, уверувања кои ви се наметнати од родителите, училиштето, околината, медиумите, дека треба да бидете вакви или онакви, прифатете дека не сте совршени, признајте си ги грешките и слабостите, признајте си дека има уште многу да научите, учете секојдневно од секого, не е срамота да не знаеш, не е срамота да си тој што си, таков каков си и биди среќен поради тоа.

Родители драги и комплиметите кои од најрана возраст ги давате на вашите деца дека се најумните, најпаметните, најзнајните, нај ..нај..нај….е ,само потхранување на лажното и некорисното его кое низ животот нема да може да се справи со реалноста и предизвиците и ќе биде постојано незадоволно и несреќно.

Егото почнува да се развива, гради, јакне….детето ќе се чувствува важно во општеството поради мобилниот, велосипедот, скутерот…, а, не поради знаењето.Во јавноста се создала една лага: углед поради тоа што се поседува, ама, не поради карактеристиките на личноста..Наградата на децата не  е поради знаењето, туку поради поседување на материјални нешта.Тоа не е среќно поради самоото себе , туку поради можноста да се пофали пред другите за добиените награди…скутер, мобилен….Егото се развиваа и понатаму, расте и се создава втората лага: надмоќ во општеството и другите околу себе, споредување со другите, имам нешто што другите немаат, подобар сум од нив.

На сите нас егото ни е потребно  од неколку причини, тоа ни кажува кога нешто не работиме како треба, тоа ни кажува кога не се однесуваме како треба, поради егото ние знаеме што треба да правиме за да не бидеме тажни. Егото е изговор и оправдување. На срцето му треба искуство и љубов. Љубовта вели, што можам да дадам? Егото вели, што можам да земем? Дали давам повеќе отколку што треба да добијам?

Аристотел рекол; кога со планетава би владеела љубовта сите закони би биле непотребни.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени