Сакате зимница? Правите зимница? Јадете зимница?
Јас да. Познавам луѓе кои се грозат од помислата да прават ајвар или да спремаат жива туршија, но кога ќе тропнат првите снегулки на прозорецот, трчаат во најблискиот маркет и купуваат индустриски ајвар. Или ајвер. Заради итрите Словенци.
Но, има и такви кои ја почитуваат традицијата и уживаат да подготвуваат зимница за своите најблиски. Иако е тоа една од најтешките активности, за кои јас знам.
Тука морам да ја пофалам мојата балдска Илина, која е вистински експерт за подготовка на сите видови зимница.Таа знае да подготви пиперки на 300 начини и сите да бидат вкусни. Малиџано, ајвар, лутеница со цепкани пиперки, зелена лутеница… Убавини. За зимски мераци. Нејзината визба е вистинска фабрика за најубава зимница.Имаме ајвар дури и кога одиме на море. По една тегла редовно му даваме и на нашиот Платамонски домаќин Костас. Јасас!

Со ова не сакам да се гребам за да ми даде две-три тегли лутеница (или благица – со нелути пиерки), бидејќи Илина секогаш и од срце ја споделува својата зимница со целото многубројно семејство, до трето колено. Илина е една од ретките домаќинки кои навистина уживаат во сите фази од подготовката на зимницата. Таа самата пазари пиперки, ги носи до дома, цепи дрва, ги мие пиперките, ги пече и уредно ги сортира во ќеси. Потоа, малку преморена, бара помош. И со право. Многу-многу не го сака процесот на лупење на пиперките, но за среќа тука се нејзините две ќерки, Марија и Константина, чии вредни прстиња се вистински машинчиња за отстранување на досадните лушпи и семки, а тука е и незаменливата тетка Кота, која е вредна како атомска мравка, како и баба ми Полка, под чие будно команданско око се случува целиот процес на подготовка на зимницата.И понекогаш јас, кога ќе се затекнам во нивниот прекрасен двор во Гостивар. Лупи и мојата Соња, иако нема многу сведоци на тој настан.
Откако сите пиперки ќе се излупат и исцедат, повторно стапува на сила неуморната Илина, која има волшебен рецепт за пржење на ајварот и никогаш (ама навистина никогаш!) не ѝ испливува зејтинот на површината, што е погубно за секој добар ајвар! Баба ми Полка, како непризнаен иноватор, има измислено патент дрвена мешалка, која овозможува од солидна далечина да се меша ајварот, без притоа да дојде до несакано валкање на брендираната гардероба. Последната фаза е брзо и вешто пакување на ајварот во чисти и стерилизирани тегли, кои ветуваат вакуумска прегратка сé до следниот одмор во Грција. И за тоа е експерт Илина, со претходнонаведените помошнички. Во меѓувреме, тетка Кота е безбедно префрлена до дома, во населбата Дутлок, од страна на најдобриот шофер на светот, Маки Баџанаки.
Баба ми Цвета од Чаир (така ја викавме за да ја издвоиме од другата баба, која исто така се викаше Цвета) беше светски шампион за правење жива туршија. Нејзините пиперки беа најжолти, највкусни и траеа најдолго. Нејзиниот карфиол имаше прекрасен вкус на нива, а сецканите моркови и малите краставички беа вистински џокер во приказната. Таа ставаше огромни количини жива туршија и толку беше вкусна што човек можеше да јаде туршија и леб и да биде задоволен и сит. Не, нема да забегам во гастрономска колумна, зашто мојата старосватица Вања ги пишува најдобрите гастрономски колумниво светот…
Пред многу години, мајка ми правеше десетина врсти сокови, компоти, домашен кечап.
Правеше сок од јагоди, од вишни, од кајсии, праски… Вложуваше огромен труд, а ние (деца ко деца) не сакавме да пиеме домашни сокови и купувавме сок на растварање, за да бидеме модерни. Тогаш не знаевме дека тие сокови се чиста хемија, база која е иста и само се разблажува со вода. Денес ги бараме тие органски сокови, ама ги нема. Мајка ми веќе не е расположена за нивна изработка. И ги нема истите години, како некогаш.
Релативно слабиот интерес за мојата последна колумна ме замисли и ми покажа две работи. А можеби и повеќе… Луѓето не сакаат филозофирање. Ги заболе нив како јас сум се чувствувал додека сум го пакувал куферот. Сакаат теми од секојдневниот живот.
Овој народ сака политика. И добро е за него што постојано му се случува политика и што 24/7 е бомбардиран од политика. Од исти експерти кои мудруваат на внатрешно политички и надворешнополитички теми на сите телевизии наизменично, само ги менуваат оделата и вратоврските (кои некои неписмени ги нарекуваат и краватите или кравата, што во речникот на македонски јазик е домашно животно, кое дава млеко и одвреме-навреме вика МУУУУ!)
Како и да е, 50 редови можам да исполнам и со опишување на четврт бурек со месо и мало јогуртче со маалска бурекчилница и да се чувствувам како Толстој на времето, ама тоа не е штосот.
Не се плашете, ова не е нов преск, но се уште трагам по вистинскиот рецепт за колумна, која ќе разбуди интерес, која ќе предизвика емоција и која ќе нé врати со временска машина во минатото, а при тоа нема да звучи како југоносталгичарска парола. Ја памтам поранешна Југославија, но не сум баш убеден дека во неа сите живееа многу убаво и имаа сé што им требаше?! Можеби, горе-доле сите имаа слични приходи, но во самоуправно Скопје имаше само еден трговски центар (ГТЦ), една Југопластика, едно БЕКО (кое пред некое време сурово го рушеа пред мои очи, блок по блок) и толку… Немаше што да се купи, немаше лименки кока кола, немаше странски чоколади, немаше кафе… Имаше еден ТВ канал и една радио станица. И два весника, Вечер и Нова Македонија.
Ги охрабрувам моите читатели преку коментари на ФБ да ми напишат дали се задоволни од моите колумни, што им пречи во нив, што сакаат да потенцирам повеќе и за кои теми би сакале да пишувам? Секоја идеја е добредојдена и корисна.
Одам да појадувам тазе бел леб и ајвар. Не, сирење на јадам веќе 45 години.
ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ