Во предвечерието на молкот, се одлучив да зборувам за молкот. Колку бил молкот важен во мојот живот, во времето кога немавме интернет, а имавме душа. Што сé сум премолчил, а сум требал да кажам… Што сé сум ставил под ќилим, чекајќи го Аладин да се качи на ќилимот и да ме однесе до вратите на успехот.
Генетскиот код на Македонецот најдобро е опишан во поговорката „Наведната глава никој не ја сече“. Дедо ми Филип велеше: „Покриен газ (пардон, задник!) никој не го плука.“
Молкот е меѓу редови вешто скриен и во двете горенаведени поговорки. Ако ја неведнеш главата за да се спасиш од сабјата, логично е да ја затвориш и устата. По можност да ставиш патент на неа. И не е битно што можеби главата СЕПАК ќе ти летне, важно устата да ја држиш затворена. А тоа со задникот, веројатно генијалниот народен уметник сметал дека ако си молчиш и ако не се истакнуваш, при што споменатиот дел од телото е само вулгарен синоним за нашата вековна повлеченост, никој нема да ти направи ништо лошо. А ни добро.
Уште од најмала возраст имав средба очи в очи со господинот Молк.
„Потивко, татко ти спие!“ – беше репликата кога ќе раскажував дома некои случки од училиште, а татко ми редовно попладне вежбаше турска гимнастика на каучот во кујната.
„Потивко, комшиите ќе ти викнат милиција! – кога на најгласно ја слушав „Липе цвату“ на новиот Пионир систем, кој ми го донесе дедо ми од некоја од земјите на Бенелукс, а беше еден од првите во моето маало.
„Тишина, ученици! Часот почна.“ – на сите можни наставници и професори, кои беа дел од мојот живот цели 16 години.
„Псссссст! Се снима!“ – ќе крикнеше режисерот кога пишував генијални научни емисии за МТВ.
„Ќути, (скопска верзија на Молчи!) што ќе речат комшиите!“
„Не кажувај никому дека си ме видел…“
„Молчи си ти, не се истакнувај! Другите нека кажат.“
„Потивко, и ѕидовите имаат уши!“
„Молчењето е злато.“
Кое црно злато, да му се сневиди. Познавам многу човечиња кои натрупаа торби со злато, додека ние молчевме.
Од друга страна, молкот е и убава работа. Никој не може да открие што мислиш, па дури некој и да знае да ти ги прочита мислите, ќе остане во дилема што си сакал да му кажеш.
Прв братучед на Молкот е Волкот. Го познаваме од приказната за Црвенкапа и од многу цртани филмови. Сме се запознале неколку пати во Зоолошка градина. Не дај Боже да се сретнеме тет а тет во некоја македонска вукојебина.
Најчесто Волкот го јаде Молкот, а Мони Торинг е тука да се одлучи во кого ќе се вљуби, во Молкот, како вреден, правичен и дружељубив, домаќински тип на човек или во Волкот – олицетворение на хохштаплер, бандит, криминалец, хедонист,политичар и што уште не.
Мони Торинг ја запознав пред три ипол години. Велат дека побегнала од шаторот на Црна Арапина (55 години, неосудуван) и дека на времето била убава и повлечена девојка, која многу сакала да гледа телевизија. Пукнатината веднаш ги освои сите мои органи и организации, а посебно се насели во моите очи. Мони Торинг сигурно била дел од монологот на трите наречници при моето раѓање, кога се качиле на јаболкницата над мојата трошна куќа на улица „Х.С.“, која еден ден сигурно ќе биде „Спомен шупа на Огнен Неделковски“, зашто веројатно уште долги години ќе трае мораториумот за градење во Центар. Од интензивното дружење со Мони Торинг имам многу незаборавни моменти, особено видливи во црвените шари во моите очи, кои д-р Жанина симпатично ги вика „коњуктивитис акутис“ и редовно ми препорачува вештачки солзи! Зошто вешатчки, драга докторке, кога можам убаво да си се расплачам, два-три пати на ден?!
А замислете молкот да траеше 19 дена, а кампањата само еден ден?! Колку убаво ќе беше. Ќе си молчевме и тивко ќе си се мразевме секој со секого. До следниот изборен круг. Или референдум со провокативно прашање: „Дали да садиме детелина или медицинска Мара во ливадата во Ограѓе во село Јанче, веднаш до добот“.
Еве ја Мони Торинг, ми чепка по тастатурата и ми бара да направам некој нов внос во базата. ОК, Мони Торинг, ти си жената на мојот живот! А сите обиди да те прекрстат во Господин Надзор, ги отфрлам со индигнација, зашто ме потсетуваат на другарот Назор, за кого партизаните влечеа посебна крава, за да има свежо млеко, кое ќе го пие меѓу две битки.
„Молчете, почна молкот!“
ОГНЕН НЕДЕ!ЛКОВСКИ