2.8 C
Skopje
четврток, јануари 23, 2025
spot_img

Колумни за душа- Кога немавме интернет: Пресек и унија

Никогаш не сум бил добар математичар. Сите што добро ме познаваат знаат дека отсекогаш сум кубурел со оваа наука. Иако, мојата школска другарка Мирјана, која е професор по математика, тврди дека е тоа така, зашто не сум налетал на вистинска професорка по овој мошне значаен предмет! Во осмолетка, наместо да слушам за операциите со децимални броеви, ги броев многубројните бемки (помали и поголеми) на лицето на наставничката В. А во средно, извлеков една двојка кај професрот Џ. со помош на една скапа запалка на вујко ми С. (Соња, извини, пак го споменав вујко ми Симо!)

Како и да е, би сакал во оваа колумна најпрво да направам пресек на реакциите на моите блиски по моите први три објавени колумни на овој почитуван сајт…

Јас и пресек!? (Смајли.) Крали Марко и Фејсбук! Искрено, за мене не постои Геометрија. Само алгебра. Признавам дека никогаш во животот не сум решил ниедна задача од оваа област. Не сум одредил периметар на круг, ниту плоштина на ромбоид! Па што? Ни мојата пријателка Кристина, која е математичар и физичар, никогаш во животот не напишала свои стихови! Но, тоа не ѝ пречи да ужива во моите стихови. Уживаме во нашите различности. Замислете, сите да пишувавме песни? Кому ќе ги продавав јас моите соништа, желби, разочарувања, таги, надежи? Иако, ни продажбата, ни наплатата не се како што беа понапред! (Смајли, јави се!)Дури некои од естрадата се обидуваат терминот “Гратис”, да го вметнат како мое средно име!? Ама, лесно не се давам. Нов ред.

Нејсе, правиме пресек на првите три писанија под етикетата “Колумни за душа – Кога немавме Интернет”.

Мојот баџанак Маки, меѓу две голтки узо на терасата кај Костас во Платамона, отворено ми рече дека тоа што некој ја отворил мојата колумна, не значи и дека ја прочитал!? И во право е. Сега планирам, да направам мини анкета меѓу моите лајкувачи и да ги прашам како се викал коњот што носел дрва во мојата улица и во чиј двор во Јанче сум играл кошарка? Ако не знаат, значи мамеле со својот лајк. Лажен лајк. Како лажен цепелин.
Мојата, еднакво почитувана сопруга Соња, ми префрли дека сум премногу личен во колумните. Очигледно го прескокнала воведот во мојата прва колумна. Нека простат нејзините опеани руси коси, но мене повеќе ми значел вкусот на сокот од дренки во дворот на тетка Севда во Јанче, отколку глобалното затоплување и последиците од него по двеста години! Да, „И немале некоја баш добра порака, поента!“ Квака, што би рекле светските вицепрваци во фудбал.

Внуките Марија и Тина (на терасата на Костас, меѓу два залака риба ципура) ги отворија колумните, ама се сомневам дека издржаа да ги прочитаат до средина… Иако, точно одговорија кога ги испрашав за темата на истите!

Син ми Филип не ни посака да ги прочита. Тој чита само спортски вести. Него го интересира колку дресови од Роналдо летово продал Јувентус и дали на тој начин ќе си ги врати веднаш парите од трансферот? И каде ќе потпише Наинкохгфбган!? Дали Циндриќ (сепак) ќе остане во Кијелце? И дали Шкендија е посилна од Салцбург, Црвена Ѕвезда и Розенборг?

Мојата колешка Б. остана без својот коментар на ФБ. Го избришав. И се налути. Замислете, ме праша отворено: „Кога толку сум сакал гоблени, зошто самиот не сум си везел!?” Хм, па не сум толку родово изнијансиран, ниту освестен, за да купам конци и игла и да нурнам во некое Вилерово ремек дело, колешке драга!

Навивачките реакции на моите пријатели, од типот “Браво, мајсторе” или “Супер, Огнен”, ич не ги есапам! Не давам славата да ми удри во главата. Баба ми Цвета (која веројатно горе некаде сега прави мекици или шие некој нов фустан!) ми велеше: “Убаво што победи твојот текст на Макфест, само пази да не ти влезе вода в уши?! Нема, бабо!
Ме радува што најчитани се колумните за сексот. Значи сме потентна нација. Или, би сакале тоа да бидеме… Изборот е помеѓу душата. И телото. И двете имаат тајни. Мојата Г точка е во моето перо! (Дали е ова доволно добра порака, Мои четири букви?!)

Еве уште една, за крај: Сите сме унија, од душа и тело!

Доволно?

 

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави