Оваа колумна му ја посветувам на неговото Височество Телефонот. Бел, црн, или црвен, а генијално измислен од господин господин Бел. Со цел да ги поврзе луѓето на одредена оддалеченост. И веројатно да ги направи поблиски. Повеќе да зборуваат еден со друг, повеќе да комуницираат, повеќе да се сакаат, повеќе бизниси да прават… Иако, енигмата виси во воздух децении и децении. Дали го измислил Антонио Меучо, Јохан Филип Рајс или Александар Бел? Или некој анонимен поштар, кој си играл со жици, слушалки и импулси. Нејсе, кој и да го измислил, сигурно бил Македонец. Или имал тетин од Непроштено или баба од Јурумлери. Плус, Бел починал на втори август, во цветот на староста, на 75 годишна возраст. Ако Википедија лаже, ве лажам и јас!?
Во моето потесно и пошироко семејство прв телефон имаа баба ми Цвета и дедо ми Филип. Голем црн телефон, како Кригер во „Отпишаните“. На тој телефон, дедо ми секое утро, со години, се јавуваше на работа и велеше: „Лефтера, прати шофер!“ Беше генерален директор во „Југотутун“ (до 1986 година, така што не чепна од приватизацијата!), а тетка Лефтера беше негова секретарка. Телефонот супер ја вршеше својата функција, освен кога не зборуваше двојникот! Тоа беше проблем. Требаше да дозборува двојникот, па да добиеш слободна линија. Ако се погодеше двојникот да има ќерка која со часови „води љубов на телефон“ со својот дечко, нервозата растеше, а телефонот беше „мртов“.

Подоцна, кога татко ми доби општествен стан од Телевизија Скопје (да, во времето на социјализмот се доделуваа станови и за нив се плаќаше мала ќирија со години!) и ние ставивме телефон. Не беше како црниот телефон од „Отпишаните“, од кој Марија го предупредуваше Прле дека попладнето ќе прават рација Германците во нејзиниот стан, но беше функционален. И имаше солиден двојник – пензионери. Циции, кои чекаа некој да ги побара. Ама и кога ги бараа, нашиот телефон беше „капут“ (со апостроф на у!)…
Фиксниот телефон најчесто беше поставен во ходникот. На одредена височина од околу еден метар, во висина на стомакот. Да не се оптеретуваат рацете додека зборуваш. Страдаа само нозете, затоа што мораше да се стои додека се зборува. Задолжително некој вешт роднина го бушеше ѕидот и поставуваше некое дрвено постолје, на кое под телефонот стоеше хеклано миленце со цветна шара и мало лефтерче, во кое беа испишани телефонски броеви и нивните сопственици. Напишани со лош печатен ракопис, човек не знаеше дали тоа е бројот на Зора или на легендарниот јунак Зоро?!
До тефтерчето имаше и пенкало, кое никогаш не пишуваше.
Во мое време, поради фиксните телефони пропаднаа многу љубовни врски. Беше невозможно да ја добиеш таа што ја сакаш или што ти е симпатија. Требаше да се прескокне баукот наречен нејзин татко. А тој редовно беше стражар пред чудото на Бел (веројатно Беловски!).Се губеше секое чувство, кога од другата страна на жицата дебелиот Кербер ќе речеше баритонско „Да?!“ Јас редовно му ја спуштав слушалката. И потоа велев „Не!“ Замислете му ја фацата кога седми пат требаше да стане од фотелјата, да помине неколку чекори до ходникот и да го повтори грозното „Да?!“ А од другата страна слуша само „Тит, тит, тит, тииииит…“ И кога конечно ќе собереш храброст, осмиот пат, и ќе речеш: „Фиљан девојка ми треба!“ Тој ќе ти одговори, еднакво нељубезно: „Не е дома!“ Следно јавување амин!
Како мал, гледав холивудски филмови и се чудев како можат истовремено да се возат во автомобил и да зборуваат на телефон?! Кога првпат купив мобилен (односно, кога го земав телефонот од жена ми), најголем ќеиф ми беше да зборувам во кола. Се чуствував како Џемс Бонд, на времето… Се надевам ова не го читаат од МВР?!
Во ерата на мобилни телефони, во едно парче имаш сé: телефон, телевизор, часовник, аларм, именик…. Уживанција. Алиенација. Бескрајно отуѓување. Еве пример од последниот одмор. На иста тераса, во јужна Македонија, во исто време седат седум луѓе и сите зјапаат во својот телефон. А мајката и таткото (за да не забележи синот и тоа да го вознемири!) ја продолжуваат претходно започнатата караница со посредство на господин Вибер или Вајбер, кој како милува да си го вика. И си се караат пола саат, тивко, културно, ненаметливо. Никому не пречат, никого не замараат… А ефектот е постигнат.
И за крај, штосот на една моја колешка и нејзината мајка. Колешката отишла на работа и ѝ рекла на својата мајка да ѝ прати „змија“ако има некој проблем со внукот кој го чува. Неколку часови подоцна, мајката упорно ѕвонела на мобилниот од ќерката, а кога оваа избезумено се јавила, мајката среќно викнала:„Змија!“
м-р. ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ