12.8 C
Skopje
вторник, април 22, 2025
spot_img

Колумни за душа- Кога немавме интернет: Татковци и синови

На крајот сме од уште едно лето. Мојот класен Веле Ивановски велеше: „Тоа се броени денови. Брзо поминуваат.“ Последната недела од август ме потсетува на непријатното чувство дека наскоро ќе почне школската година, со сите свои темни и светли валери, дека се при крај подготовките за Охрид фест, а јас завршувам на инјекција од премногу обврски (сега Охрид фест ќе биде на 6, 7 и 8 септември и без мој ангажман!), дека треба да се подготвуваат последните два испита (кога студирав драматургија на ФДУ), дека треба да се мисли на зимница и на училишните помагала на син ми (кога станав татко на ученик)… Сепак, иако би се очекувало да пишувам на тема лето (као во мојот стих „Од песок срца две ќе направам“), јас одлучив оваа колумна да ја посветам на сите татковци. Во сенка на мајките, тие вредни и боцкави суштества, со цигара во раката и со заталкан поглед во далечина, додека пијат пиво од криглата… Постојано загрижени, за сегашноста што ќе пројде , за иднината што ќе дојде, за минатото што не се враќа.

Да, ова е колумна за татко ми Велко, стар Скопјанец, роден во Чаир, од татко Неделко – Нецо кондураџијата и мајка Цвета, вредна домаќинка, чии златни прсти создадоаа безброј ракотворби. А следната колумна ќе биде за мене, како татко. Па, секој нека си направи паралела во својата глава. Ако сака.

Татко ми Велко е писател, со големо П. Вистински писател. Цел работен век го помина во детската редакција на МТВ. Безброј деца пораснаа со неговите ТВ серии. За разлика од мене, кој се доживува себеси како квази писател (зашто најчесто пишувам текстови за песни!), тој е величина во македонската литература. Особено во литературата за деца. Неговата „Втората смена“ е лектира за сите генерации. Со негов потпис се преку 30 книги. Во мојата библиотека неговиот опус зазема големо и почесно место. За мене, татко ми Велко е поголем литерат од сите македонски писатели заедно. Но, тоа е веројатно субјективно. Иако, понекогаш и жиријата од фелата мислеа така…

Многу рано сфатив дека татко ми е творец. Дека создава нови светови, нови приказни, нови ликови. Наутро, во саботите нé будеше звукот на неговата машина за пишување, марка „Олимпија“… Вредно чукаше на неа: текстови за Развигор, за Другарче, за Наш свет, за Росица, безброј сценарија, раскази, новели, романи… Многу бев горд, кога на 10 годишна возраст ми даде да му ги средам копиите направени под индиго за некој конкурс за ТВ драма на Телевизија Скопје. Ги средив петте копии, како под конец. И тогаш ми влезе чивијата за пишување и создавање. Посакав да бидам како него. Во тоа време, имаше такви конкурси. Сеуште го памтам звукот на трчањето на мајка ми по скалите, за да им се пофали на своите родители дека тивкиот генијалец од Чаир (татко ми) повторно освоил втора награда на некој голем конкурс за ТВ драма или ТВ серија, а првата награда воопшто не била доделена!

Татко ми Велко Неделковски е писател, со големо П. Вистински писател. Цел работен век го помина во детската редакција на МТВ. Безброј деца пораснаа со неговите ТВ серии.

Кога бев петто одделение, во ОУ Васил Главинов во Топаанско Поле, едно Ромче од осмо одделение еден ден ме застана во ходникот и ме праша? „Слушнав дека татко ти е писар? Дали е точно?“ Да, му одговорив, пишува книги. „Супер – рече новиот пријател – отсега ќе бидеш под моја заштита во училиштево!“ Тој важеше за еден од најсилните осмооделенци (веројатно имаше повторувано, но не повеќе од два пати?!)

Кога сакав да се запишам на драматургија на ФДУ, еден од професорите таму гласно се запрашал: „А зошто мора син му на Велко да студира баш драматургија?!“ За среќа, Горан Стефановски, Благоја Иванов, Столе Попов и Јелена Лужина не мислеа така, го препознаа мојот талент и бев прв на листата на примени студенти (по еднонеделната голгота која тогаш се викаше Приемен испит).

Додека студирав, мислев дека го насобрав целото знаење на светот за нашиот занает и често се обидував да му продадам некоја драматуршка финта на татко ми. Тоа не одеше баш мазно и лесно. Тој имаше огромно искуство во професијата и не баш радо ги прифаќаше моите нови, тукушто научени лекции. Тоа резултираше со бескрајни разговори, вербални надмудрувања и професионални караници, не зборување со денови…

Признавам, мојот прв текст „Дали знаеш“, испеан од Хелена Благне на Макфест 1990 година и награден како најдобар текст, беше половина дело на татко ми! Јас само метрички го средив… Тој му го даде текстот на чичко Пецо Лукиќ и така започна мојот естраден лет. Признавам и дека татко ми прв му се јави на композиторот Григор Копров и го замоли да посвети внимание на текстовите што му ги пратив, во име на некое нивно поранешно другарување во диското на Хотел Турист. Или некое слично место, од нивната младост… Да, татко ми Велко имаше клучна улога во моите почетоци на естрадата. И ден денес, кога ќе слушне некоја моја нова песна, ќе се замисли, ќе направи кратка пауза и ќе рече: „Хм, интересно си го срочил…“ Тие неколку зборови ми се поголеми и подраги од сите награди што сум ги освоил на естрадата овие 28 години.

А мајка ми… Таа е приказна за себе. Секогаш плаче кога си слуша песните со мои текстови. Не знам зошто?! Веројатно сфаќа дека не била залудна целата нејзина жртва за семејството и напуштањето на монтажерската работа во ТВ Скопје на крајот на 1970 година… Иако, имаше неколку месеци (во прва година средно насочено УСО Јосип Броз – културолошка насока) кога ме нарекуваше „лажен дијамнат“! Но, ова не е нејзина колумна и не знам како влета во неа?! Ех, мајки…

„Опрости ми, папе, све те грубе ричи

И мој живот сада  на твој живот сличи…

Опрости ми, папе, сад разумим тебе

Гледам твоју слику гледајучи себе!

 

По загубата на големиот Оливер Драгоевиќ и соочувањето со фактот дека музиката прави траги во вечноста, сакам (додека е време) на овој начин да му се извинам за сите груби зборови на мојот татко, големиот писател Велко Неделковски! Да беше во Шведска или во некоја друга нормална држава, досега неговите книги материјално ќе обезбедеа неколку поколенија! Ама, нејсе, тоа е. Од географијата си патиме!

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена