16.8 C
Skopje
сабота, април 19, 2025
spot_img

Колумни за душа- Кога немавме интернет: Синови и татковци

Во претходната колумна ви ветив дека мојот 7-ми колумнистички обид ќе го посветам на себеси, како татко. Но, најпрво би сакал да кажам збор-два за реакциите на колумната посветена на мојот татко Велко. Во принцип, сите беа позитивни. Некои ја нарекоа сентиш колумна, некои сметаа дека требало да потенцирам дека Велко е многу трудољубив и премногу скромен, а најчест беше коментарот дека „крушата под круша паѓа“…

Значи, ова е колумна за син ми Филип. Мојот наследник. Детето на љубовта. Малиот немирко со руса коса, кој трчаше секое попладне низ тревниците на Карпош 4, собираше шишарки и јадеше корнет со шлаг (кобајаги сладолед) во Лептокарија и во Палма. Беше толку немирен, што еднаш газдата на Палма нé замоли да си одиме и да дојдеме за неколку години (кога Филип ќе биде помирен). Не можеше да му прости што почна да му го корне цвеќето од жардинерите… Од најмала возраст Филип избираше играчки кои произведуваат некоја музика. Како бебе уживаше во нежната мелодија на пчелките над неговото детско креветче, а подоцна доби и мало клавирче со неколку дирки (едната во меѓувреме ја скрши), па свиреше со седум ноти. Јас никогаш не планирав да го форсирам моето дете или да го терам да се занимава со музика. Иако, потајно се надевав дека еден ден ќе стане композитор. За да биде главен, да зема повеќе пари и да не биде на маргините како нас, текстописците. Иако, јас веќе 28 години сметам и убеден сум дека е текстот најважниот дел на една песна. Без зборови, песната би била инструменталка. Колегите композитори, пак сметаат дека тие се најважна алка во делото и дека без музика, јас би можел евентуално моите стихови да ги рецитирам на некој струшки ручек на поезијата, во Радожда, на пример…

Како и да е, син ми Филип многу рано покажа музички афинитети. Мајка му секоја вечер му пееше разни песни пред заспивање. Една вечер, таа беше службено отсутна и јас ги дочекав моите пет минути. (Отсекогаш сакав да пеам, а немам никаков слух! – проверено од Мирче Панев и од проф. Благој Цанев!) Почнав да му пеам и. по само една минута, грубо ми рече: „Не пеј! Лошо пееш!“ Имаше само три години. Тогаш конечно заврши мојата последна надеж дека еден сончев ден ќе бидам новиот пејач на „Бјело дугме“.

Филип се одлучи за клавирот и ние го запишавме во единственото рокенрол училиште во светот, „Ентерпрајс“, на моите пријатели Фани и Валентино Скендеровски. Првата година му предаваше Ана Костова, но не издржа многу.Неговата хиперактивност не му дозволуваше да се дружи со пијаното. Следната година почна да ги учи тајните на музиката и во следните неколку години, благодарение на Андријана Јаневска ги совлада нотите. Ние бевме пресреќни. Малиот палавко секоја сабота одеше на часови по пијано, беше прв на пробите за сите концерти и со голема страст свиреше по две-три песни заедно со бенд од свои врсници, на прекрасните завршни концерти на ова музичко училиште. Сепак, во саботите сакаше да поспие и понекогаш се обидуваше да ескивира. Јас се нервирав и сакав да го отпишам, но Соња беше упорна и најде начин да го скроти и да го мотивира да издржи и да ги совлада музичките тајни. Баба ми Цвета, со својата пензионерска заштеда, му го купи првото електрично пијано и идниот композитор ги имаше сите услови за да започне да создава.

Благодарение на големата помош на моите колеги и пријатели Славиша Ќиброски, Цане Петров и Горан Милошески, Филип вредно и посветено ги создаде своите први композиции. Но, на наше големо изненадување веднаш покажа голема амбиција. Посака веднаш неговите песни да ги пејат најдобрите македонски пејачи, да учествува на нашите фестивали, да победи на Евровизија… Малиот палавко (меѓу две игри со неговите омилени пластични животни) ги снимал сите наши успеси и чекал момент кога ќе ни се придружи на сцената…

После многу успешни и помалку успешни обиди, создаде мелодија, за која Андријана Јаневска направи убава демо снимка и ја пративме на Макфест. Таму почнав јас како автор, сметав дека и Филип треба таму да дебитира. На 18 години. Како мене. Благодарение на наклонетоста, големиот атер и челичните нерви на мојот пријател Љупчо Мирковски (кој тогаш беше директор на Макфест), песната го доживеа светлото на денот. Ја исполни Ѓорѓи Димитров. „За тебе роден“ се вика. Соња и ден денес тврди дека згрешивме што ја дадовме на Фестивалот. Јас не мислам така… Нејсе, песната за  два поена не влезе во финале, наместо неа, влезе некој пејач од Ирска. „Така растат композитори!“ – му реков на Филип, кога му забележав солза во едното око.

Оттогаш поминаа три години, Филип веќе има десетина композиции. Две детски песни, испеани на „Чунга Лунга“ во Охрид. Минатата година имаше интересна балада на „Макфест“, „Љубовта нема граници“, но харизматичната Мартина Митревска, за жал, не влезе во финалето.

Пред некој ден, излезе новото цеде на Нино Величковски, на него има две композиции на Филип, „Лина“ и „Гушни ме како тогаш“. Се разбира, со мои текстови. Првата ќе ја пее на Охрид фест, а со втората нашиот драг Нино настапи на „Лешок Фест“.

Наскоро, Денис Димоски ќе ја отпее на Охрид фест новата песна на Филип, „Не знам“, а на Макфест (ФАЛА ДОЈЧИН, ФАЛА ДАРКО ТАСЕВ!) годинава талентираната Ивона Јовановиќ ќе го отпее новото дело на мојот син, наречено „Убав е овој свет“… Наесен, групата „Нокаут“ ќе има песна од Филип на нивното ново цеде…

На „Макфест“ (ФАЛА ДОЈЧИН, ФАЛА ДАРКО ТАСЕВ!) годинава талентираната Ивона Јовановиќ ќе го отпее новото дело на мојот син, наречено „Убав е овој свет“

Се извинувам што оваа колумна е малку подолга од моите претходни, но до бескрај би можел да пишувам за мојот единствен син. Да, јас и Соња сме многу горди на неговите успеси. Додека патуваме некаде со нашиот автомобил, уживаме со звуците на песните на Филип.

Како изгледа нашата соработка? Хм, многу е интересна. Филип е многу талентиран, но и многу брз (на мајка му!) Сака сé, веднаш и сега! Се разбира, јас сум тука да ја кренам рачната и да му кажам дека е потребно многу труд за да се направи една мелодија! Нашата соработка е полна со кратки караници, убедувања и лутења, но и мотивации да продолжи понтаму и да ги извлече најдобрите ноти од својот талент! Откако ќе ја создаде мелодијата, веднаш ми ја праќа на маил, со пропратен текст: „Ова е мојата најнова песна, се надевам дека е ОК.“ Јас го враќам безброј пати, додека не направи мелодија која мене ќе ме наежи. Кога ќе го постигне тоа, седнувам и го извлекувам најдоброто од себе. Сакам текстовите на тие песни да бидат перфектни. И се надевам дека е така… Верувам дека јас и колегата Филип (како што го викам) ќе станеме музички тандем, кој ќе биде со задоволство прифатен од сите македонски пејачи, а нашите песни ќе станат евргрини. Интересно е што Филип не ни помислува да напише текст. Зборовите не му значат ништо. Ги сака само нотите.

Дали под крушата падна јаболко?

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена