Марина Перазиќ, големата ѕвезда од минатиот век: Со нова килажа како во нова кожа

Блондинката со совршени пропорции, Марина Перазиќ своевремено, поточно во 80-тите години во минатиот век жареше и палеше низ земјата што денес ја нема. Во Југославија „Денис и Денис“ ја слушаа (а, богами и ја гледаа) тогашните тренди девојки и момчиња, кои денес, многу години подоцна, ги знаат хитовите „Програм твог компјутера“,„Ја сам лажлива“, „Соба 23“ …
Марина има живот вреден за пишување книга – во време на најголемата популарност се вљубува и романтично остава се, заминувајќи со својот сакан преку бара. Години на барање, осознавање, живеење… Кога љубовта, и покрај силниот интезитет пука како меур, се враќа назад, во некогашната, сега распадната татковина, издава албум „Иста како море“ и одвреме-навреме го полни домашниот буџет со учество во риалити шоуа.
Таа е особена по неколку работи, ама и по искреноста, професионалноста и следењето на некој внатрешен глас што и дозволува да го запали зеленото светло.

Изгледате одлично, зрачите со убава енергија. На што се должи Вашиот нов изглед?
– Да, видно ослабнав, но за моите строги критериуми не е доволно тоа. Продолжив со вежбањето, времето е убаво и сите работи ги завршувам одејќи пеш. Многу водам сметка за исхраната, се обидувам да јадам во согласност со мојата крвна група, речиси и да го заборавив вкусот на лебот, тестенините, компирите и колачињата. Не јадам ниту месо зашто не ми годи… Инаку, не сум баш некој карактер кога е храната во прашање.

За Вас навистина многу се знае, се пишува, се претпоставува. Што најмногу Ви пречи и што велите дека ова е, сепак, „данокот“ на 21 век? Во времето на вашата големата популарност не можеше да се пласира се` и сешто по медиумите?
– Денеска се знае повеќе отколку што навистина е. Обожавам медиуми, но не и кога сум во нив. Не сум желна за слава и популарност, но изгледа дека неанонимен живот ми е кармичка лекција во овој живот. Колку и да бегам, повторно морам да се вратам во центарот на интересирањето, за да опстојам. Искрено, копнеам за некоја работа со солидна заработувачка што би ме исполнувала, а со која не би била медиумски експонирана.

Фото: ФБ

Кога ќе се сетите на периодот на 80-тите години, што ви ја топли душата? Бевте многу популарна, славна, со безброј можности на дланка. Дали денес, од оваа временска дистанца, нешто би направиле поинаку?
– Се` што се случуваше во 1980-тите години, кога бев на врвот на популарноста беше едноставно совршено. Како да бев во некој неверојатно убав сон. Ништо не би менувала, а посебно „не“, моето одење за Њујорк, што се случи во вистинското време, кога батериите ми беа наполно празни, односно кога бев презаситена од интензивната кариера, недостигот од приватност и слободно време, а тогаш во исто време и започна инфлацијата.

Кога отидовте за Америка, ја „снема“ Југославија.
– Да, многу брзо по моето одење за Њујорк започна одвојување на бившата Југославија. Среќна сум што тој мачен период го поминав во Америка. Отидов во 1988 година кога ништо сериозно не се чувствуваше во воздухот, а се вратив во 1997 кога во поголемиот дел се` беше завршено. Тешко ми е да зборувам за тие времиња.

Љубовта, онаа што жената ја чувствува кон мажот? Што е со неа, се менува ли тоа чувство со години, колку е важна за самодовербата…?
– Љубовта е смисла на животот и треба постојано да се бара и од неа да не се откажува. Доколку по некое чудо ја најдовте, треба постојано да ја негувате како најчуствително растение. Убава дефиниција на љубов и како таа да се разликува од младешко заљубување ја даде Скот Пек во книгата „Пат по кој поретко се оди“. Со години тоа некако само по себе се кажува, се разбира, дури откако ќе почувствуваш вистинска љубов, полна со двострано почитување и прифаќање, без желба некого да менуваме, зошто тоа е невозможно! За жал, многу луѓе не знаат да сакаат, ама за тоа не се виновни само тие, исто како и нивните родители: да знаеле, сигурно би ги научиле! Хендикепот на незнаење или неможноста да се сака се пренесува како некоја генетска болест од една на друга генерација. Потребно е многу работа и стручна помош за да се надмине тоа… Среќна сум што знам да сакам и сакам безрезервно, не очекувајќи ништо за возврат. Таква љубов секогаш се враќа со љубов, поубава е и пополна од онаа на која се надевавме. Вистинската љубов ја надминува фантазијата и нашите скромни очекувања!
Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!