-4.2 C
Skopje
среда, февруари 5, 2025
spot_img

Моето детство: Бујна фантазија, експерименти и неуспешна фризерска кариера

Приказната врзана за детството, најубавиот, најбезгрижниот период што се памети цел живот, па и повеќе од тоа, во прво лице еднина, ја раскажува Сузе Турунџиева.
„Родена сум во Битола, како второ дете, бидејќи 4 години постариот брат Панде многу сакал сестра, на која и го смислил и името…Поради учителската работата на моите родители, кои уште како млади работеле во Мариовско село Маково, во најраното детство имав среќа, да трчам безгрижно по пространите расутени ливади, да го дишам чистиот воздух, да ги допирам облаците…. Заедно со семејството, имавме едногодишна авантура и прилика да живееме во училница од старото напуштено училиште во Маково, бидејќи од другата страна на патот веќе се изгради новото… Додека тие имаа настава, мене најчесто ме чуваа поголемите селски деца, нивни поранешни ученици. Ме носеа со нив, дури ме земаа и додека ги истеруваа овците на пасење а со нив бев и кога се нижеше тутунот… Го помнам мирисот на свежо набраниот тутун, и црнилото кое останува на лепливите прсти, додека тој се ниже на иглата. Најчеста занимација ми беше, разделување на мали од големи лисја тутун, и тие не смееја да бидат нанижани на истата игла…


По карактер бев мирно девојче, кое не е по зборувањето. Имав бујна фантазија, и во моментите на осаменост, многу мечтаев… Никогаш не сум имала никакви стравови ниту ако останам сама дома, ниту пак ако се најдам во потполна темница. Напротив, уживав во самотијата, во се наоѓав некаква смисла и смислував начини да ја надитрам здодевноста. Сакав да експериментирам со парчиња материјал, да им правам нови фустанчиња на куклите, да ги шминкам, а кога потпораснав сакав да бидам и фризерка. Првиот и последен клиент кој ми ја даде довербата да го стрижам, беше мојот покоен татко Васко, кој буквално ми дозволуваше се, и никогаш не ми наоѓаше забелешка, дури и да му отворев дупка во косата. Напротив, дури и ќе ме почастеше со една 100-ка….
Нема да заборавам како заврши мојата „фризерска кариера“… Бев трето одделение, имав многу кукли, но најубава и најскапа беше џиновската убавица што ми ја донесе чичко ми од Швајцарија. Таа имаше раскошен фламенго фустан со безброј карнери во многу бои, долга црна коса, изразено сини очи.. Поради нејзината уникатност, ми доаѓаа многу другарки, само да ја видат и да ја подржат на кратко. Бидејќи експериментирав со материјали, со помош на мојата мајка Блага и сошивме кусо здолниште и деколтирано блузиче, за да биде ИН, и за да има резервна облека…Во тие години, мој миленик и најпопуларен во бившата Југославија беше Здравко Чолиќ, со неговата верна придружба- Локици! Инспирирани од нив, иљадници жени и кај нас, во малата Македонија, имаа лелеави фризури наречени- локица! И јас, да не останам покуса, веќе „проверена фризерка“, скроив таен план, да ја истрижам мојата најубава кукла, да и направам фризура – локица, и демек, да ги изненадам родителите…. Едно попладне, додека моите гледаа некоја забавно- хумористична емисија на телевизија, ги зедов ножиците, се затворив во соба, се сокрив позади врата, за да можам да ја кријам куклата ако некој влезе, и почнав да и го менувам стајлингот… Резултатот беше многу поразителен… катастрофален… Знам дека во еден момент се отвори вратата и влезе мајка ми, а јас немав време да реагирам… Кога виде што правам, и кога ги виде долгите црни прамени коса разлетани по паркетот, можете да претпоставите што се случи… Го добив првиот и последниот спектакуларен ќотек од мајка ми, во кој морам да призанаам, таа се надмина себеси… Така, од тогаш ги замразив и куклите… а посебно локиците!
…Дека има нешто поинакво во мојот глас бев свесна уште од малечка и во зградата каде што живеевме во Битола, ме викаа – славејчето… Во мојот влез, најгоре на 4. кат, беше многу акустично, и таму неретко трчав по скалите и пеев, за да си го слушам гласот, кој од големото ехо магично се разнесуваше и допираше до сите станови под нас… Сакав многу да пеам, и бев најсреќното дете кога ме запишаа во нижото музичко училиште. Тогаш знаев дека музиката ќе ме води во животот, и дека со неа ќе се дружам се додека дишам…“ (Вања Тодоровска)

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена