2.8 C
Skopje
четврток, јануари 23, 2025
spot_img

Моето детство: Глумец на мајка

Приказната врзана за детството, најубавиот и најбезгрижниот период на секој човек, ја носиме цел живот, и уште повеќе од тоа, таа понатаму не` обликува и дооформува во луѓе. Денес ја имаме приказната на Ѓорги Тодоровски -Трупче.
„Мојата приказна почнува токму во Битола, во едно прекрасно семејство каде што царуваше чесноста, скромноста и посветеноста кон семејството. Татко ми беше работник, чесен, бестрашен, силен и храбар и се сеќавам како еднаш од третиот кат во зградата каде што живеевме, го симнаа со јаже за да извлече едно дете од кат или два подолу. Ех, колку бев среќен што токму тој херој е мојот татко. Мајка ми беше скромна, домаќинка, која несебично се бореше да ги одгледа своите три сина. Никогаш не не` остави гладни, неиспеглани, нечисти или запоставени. Жена која ги правеше најубавите манџи, на која ништо не ~ беше тешко и секогаш полна со љубов. Им благодарам и на двајцата и нека почиваат во мир, таму каде што се, на „некое облаче“ и пијат заедничко кафе… Се` уште ги сакам бескрајно и премногу ми недостасуваат.


Роден сум во центарот на Битола зад Саатот, на улица „Стерјо Ѓоргиев“ број 24. Тоа беше една стара куќа, пред која имаше огромен двор каде што ние како ситни ѕвончиња игравме во прашината и калта, во зависност од времето. Зад куќата имаше уште еден двор, поплочен со камени плочи од кои јас и ден денес носам лузна на брадата.
Битола беше многу убав град. Не џабе го викаат Градот на конзулите. Не можам да го заборавам стариот театар. Неговите ложи со црвено кадифе, огромната кадифена завеса, ќумбето на дрва и чичко Ќемал. Ги паметам и малите, дрвени мостови на реката Драгор. Саатот што долго време ја пееше „Биљана платно белеше“. Прошетките од Широк сокак до Паркот заедно со мајка ми и татко ми, а јас и брат ми облечени во исто свечено руво како петличиња се тркалавме по калдрмата. Убавите цркви. Безистенот – никогаш нема да го заборавам. Тука мајка ми купуваше штофови на метро. Тука се купуваше и зеленчук од тезгите под кои течеше водичка. Тука беа и големите кепенци, како оние во Старата чаршија, од Пазарот. Кога ќе видам слични такви во Турција или во некоја телевизиска емисија срцето ми се кине зошто никој не се сети да ги зачува. Потоа Битолските анови, каде што татко ми во недела одеше на чашка ракија додека мајка ми го средуваше домот и го подготвуваше неделниот ручек. С` уште го чувствувам мирисот на чорбата од петел. Постоеја и клубови на фирмите во кои работеа татковците каде што играа билијард, шах, домино или гледаа некој спортски натпревар на единствениот црно-бел телевизор. Ние го гледавме „Шампион“ – серискиот филм за еден убав коњ (Вранец) и го пиевме пијалакот на мојата младост „кокта“ – затоа ја сакам и денес. Таму го изгледав славниот натпревар „Реал Мадрид“ – „Партизан“ и бокс-мечот Клеј – Фрејзер, доцна во ноќта.

Инаку, бев мирно слабо русокосо момче со сини очи. Не јадев ништо. Ако каснев една тулумба, тоа ми беше и појадок и ручек и вечера. А тогаш мајка ми беше најсреќната мајка на светот (можеби затоа и ден денес не можам да им одолеам на тулумбите и баклавите). Се сеќавам имаше една единствена ќебапчилница, во центарот, до мостот на реката Драгор. Ако изедев ќебапче или две, тоа причинуваше славење во нашиот дом. Тогаш бев 15-ина килограми – сосе кревет.

Кога дојдов во забавиште си мислев дека сум помал и од најмалите. Многу ја сакав мојата учителка Марија Краева од која ги научив првите песнички, правилното однесување и радоста при правењето украси за Нова година. Лампион – тоа беше мисловна именка за мене. Иако ги имаше, убави, стаклени, за мене беа недостапни.


Кога дојдов во прво одделение бев кај учителката Вангелица Петрова. Прекрасна жена, која остави силен печат во мојот понатамошен развој. Мислам дека и бев слабост оти за неа бев „мало глувченце“. Се сеќавам колку ноќи плачев кога завршував четврто одделение, скришно во мојот кревет, затоа што ја губев. Мојата учителка ме научи на најубавите работи – да ја сакам уметноста, да читам книги, да подарувам цвеќе, да сакам, да почитувам. Поради неа до мојата 21. година од животот немав опцуено ниеднаш, зошто кога на првата претстава што ја гледав, „Лавот го боли забот“, во мојата детска еуфорија силно извикав дека лавот го „за…“ докторот. Во тој момент таа ме прекори објаснувајќи ми дека тој збор не ми доликува и дека лесно можам да го заменам со „изигра“, „насамари“ и сл. Нејзиниот совет и денес го практикувам и многу ретко ми се испушта да кажам нешто лошо. Таа беше вистинска учителка.
Од тоа време ги помнам и моите соученици: Ајрие, Садик, Ирина, Славица, Десанка, Јовче… Моите другари: Пепнуот, Блендот, Муцето, Лука, Оливер и нека ми простат останатите – ги има многу. За многумина не знам на која страна од светот се. Со дел од овие како и сите деца правевме и глупости. Ги знаевме сите сливи, дудинки, дуњи низ битолските гробишта, и одевме да собираме. Ги паметам и битолски бавчанџии: Зуберка, Дивиот, Мустакот и другите, кога од нивните бавчи крадевме зелки, трупки, моркови и „други глупости“, а тие н` бркаа. Се сеќавам кога „ловевме риби“ во градскиот јаз, или кога по целиот дрворед на улицата „Прилепска“ се натпреварувавме кој ќе помине повеќе дрва одејќи од гранка на гранка без да се симне. Тотална лудост. Се сеќавам и кога учев да возам велосипед и кога дојдов дома плачејќи и со крвави колена. На прашањето „Зошто плачеш, кој ти го стори тоа?“ и по одговорот „сам“, знам дека мајка ми ја зеде метлата и се обиде „убаво“ да ме истресе. Потоа на блискиот рид кој тогаш ми изгледаше како планина, поради мојата височина – метро и жилет, со другарите влечејќи се за нашите ремени се качувавме како планинари, а одозгора се пуштавме лизгајќи се на картон. А задниците и панталоните ни беа партали… Немаше компјутери, ама имаше непроценливо дружење и игри – „Челик, чомак“, „Долга магарица“, „Фанта“, „Билии“, „Ашици“, „Народна“, „Котка“, „Сикимај“, „Маалски фудбал“ – ех, убави времиња. Се сеќавам кога со лагери правевме нешто налик на скејтборд и се пуштавме од Тумбе-кафе. Да знаат нозете да кажуваат колку модринки и рани имаа, колку патики сум искинал „кочејќи“…
Ми текнува и на лизгалките што ги правевме од парче паркет и две подебели жици. Малите пластични скии кои ги купував во „Тутун“, прв пат, ги имаше црвени и сини. Си доаѓав дома жива вода по падовите на снегот… Се сеќавам и кога коленото ми отиде на внатрешната страна. И на тоа се сеќавам, но тоа е детството. Ако не паметиш кога ти ја скршија главата – ништо не си направил. Тоа мене ми го направи една Верче од првиот кат. Со камен. А и ден денес не знам зошто. Немаше проблем, немаше паника. Татко ми наструже од кожениот ремен и ми стави на раната. И среќни ти рани јунаку – ај на здравје.“
Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави