Моето детство: Повеќе ја гледав светлината на ѕвездите, отколку темнината на небото
Како денот по утрото, така човек по детството се знае, велат филозофите. Детството е нашиот остров на копнеж, наша безгрижност, тоа е куќата на спомените, па затоа со радост одново и одново сакаме да се сетиме какви бевме како деца.
Актерот Петар Горко не сакаше да и даде тажен тон на оваа рубрика, затоа што рано остана без татко, туку да ја слави радоста и да се сеќава на убавите нешта од своето детство.
„Научив дека работите што премногу ги сакаме и работите од кои премногу се плашиме ќе ни се остварат, па затоа одлучив повеќе да посакувам отколку да се плашам. Секој ден поминат со баба, дедо и другарите ми носеше радост. Растев безгрижно, неоптоварен со светските и политичките проблеми. Се гордеам што прераснав во космополитска личност, благодарение на таа безгрижност и неподеленост меѓу децата.
Се сеќавам дека бев мирно дете, но полно со фантазии и сакајќи да направам нешто интересно, оригинално, знаев да погрешам. Бевме повеќе братучеди во една куќа а јас – ороводец. Можевме да организираме фестивал на песни, да играме игри со кучето и мачињата, да ги малтретираме, ама никогаш не ги повредувавме.
Се сеќвам, имаше многу деца во маалото, во центарот на Битола, а малку коли. Улицата беше дел од нашето детство, игравме ’камај’, ’да бие топката’, криенка, кула од тули, во зима од снег правевме огради како дворци и се тепавме со топки со децата од другото маало. Многу забава, смеење и креативни натпревари.
Инаку, првата симпатија ја имав уште во забавиште, убаво се сеќавам, јас сум еден од оние другари со силна и прецизна меморија. Одев во Пионерскиот дом во рецитаторска секција, патувавме низ бивша Југославија на разни натпревари, имаше размени на ученици. Не поминуваше ниту еден државен празник без самостојни и заеднички настапи со ’четворицата рецитатори’. Се сеќавам, еднаш за 29 ноември во киното ’Партизан’ во Битола, нас четворицата рецитатори со големи црвени папки не` фати таква смеа, што ги кренавме папките да не ни се гледаат лицата и од рециталот ништо не бидна. Умревме од смеење. А казната беше страшна – да не настапуваме еден период. Колку што знам, сакав да се експонирам и целта ми беше да бидам конферансие – водител, а не само рецитатор.
Настапувавме и за нови години и тоа секогаш со познати актери – Петар Стојковски-Бабецот, Јоана Поповска и некаде во осмо одделение, ги замолив да ме однесат во театар. Бев примерно момче и така почнав да играм, првата претстава, професионална, ми беше „Ивкова слава“ каде што го толкував ликот на Митанче. Така долго време и ме викаа постарите глумци, не ми го знаеја името. И – така почна големата љубов кон театарот.
…Се сеќавам и на убавите прошетки на Дедо Мраз (Бабец) низ градот, шетавме како деца од Пионерски дом, заедно со него на трактор или камионче, новогодишно украсено и беше прекрасно. Тоа ми остана како убав белег и годинава одбележувам 20 години откако и јас сум Дедо Мраз. Не одевме многу на море, но кога ќе го здогледав синиот Јадран, плачев од среќа! Со брат ми учевме да пливаме и тоа со колан, не` врзуваше татко ми и навистина беше смешно…
Многу сакав да гледам во небо, ги гледав ѕвездите и најчестото прашање ми беше – колкаво е небото, има ли крај, колкав ли е тој бескрај… Во секој случај, ја гледав светлината од ѕвездите повеќе отколку темнината на небото.
…Сериозен сум само каде што треба, инаку, ако прашате во театар колку години имам, ќе ви речат – три! Јас сум едно големо дете и еднаш напишав – ако некој проба да го убие детето во мене, ме убил и мене. Тој детски жар ме правеше љубопитен, весел, сакав да видам, да пробам се`, колку пати ќе се изгорев и буквално, но не се предавав, се` беше искуство. Сакав да правам шеги во училиште, бев среќен кога сите се смеат… Смеалчето во мене и денес остана и ако се засмеам на сцена, завесата се спушта…“