Како денот по утрото, така човек по детството се знае, велат филозофите. Детството е нашиот остров на копнеж, наша безгрижност, тоа е куќа на нашите спомени, па затоа со радост одново и одново сакаме да се сетиме какви бевме како деца. Денес, на убавите детски спомени се сеќава Зоран Џорлев.
„Детството го поминав во Струмица, каде што сум роден во 1967 година. Мојата улица „Пере Тошев“, веднаш под киното, ќе ја паметам цел живот. Инаку, најраните сеќавања ми се врзани за сестра ми Софче и братот Ице. Софче, некоја година постара, имаше заштитнички порив во себе, посебно изразен кога сум јас во прашање. Многу беше интересно – секогаш кога некој не` задеваше, кога ќе се појавеше Софче, децата трчаа викајќи: „Бегајте, иде сестрата на Ице и Зоки“.
Иако беше девојче, постојано не` бранеше од се` и сешто. Во тоа време палавштините беа познати кај сите деца во маалото. Игравме „мижничка“ (жмурки), камај (со пушки и пиштоли), керна (плочки) и сл… По толку многу случки, сигурен сум дека никогаш нема да ги заборавам другарите од маалата: Мите, Бубе, Мито,Томе, Жан, Донка, Коле, Вангелица, Јанко… Дел од нив се во Струмица, дел по дијаспората…. Најтежок период во безгрижните години на детството беше времето кога се преселивме во Скопје. За Софче и Ице не беше толку страшно бидејќи беа повозрасни, но јас, првоодделенец, се соочив со сосема нова средина, нови другарчиња, друг менталитет….Училишниот џагор беше сосема различен од оној што го имаше на мојата улица „Пере Тошев“…
Инаку, бев многу палаво дете, најпознат по брзото трчање и најинтересно – штом ќе стигнев дома, пред врата задолжително паѓав и ги дерев колената, на кои и денес имам лузни. Често пати кришум бегав од дома, па мајка ми Грозда знаеше да ми облече големи чевли, но и тоа не помагаше да ги реализирам идеите.
Во нашата куќа во Струмица продефилираа безброј музичари и пејачи. Татко ми Наско држеше секојдневни проби, особено пред да замине на некоја турнеја, и сакал- нејќел, во мене се всади музиката, посебно македонската народна, која татко ми цел живот ја работеше и промовираше. Во центарот на градот постоеше книжарница што ја водеше чичко Јосиф, другарот на тато, и во неа често пати со голем восхит свирев на труба, хармоника, гитара… Желбата за свирење виолина се појави подоцна, поточно во 73. година кога се преселивме во Скопје, но стана реалност дури во 1977, бидејќи претходно, по преслушувањето во музичкото училиште во Скопје, бев одреден да свирам пијано, затоа што „сум немал предиспозиции за виолина“…
Времето на моето детство во Струмица не беше поврзано со видеоигри,ТВ, компјутер, мобилни телефони и моите деца првенствено ги воспитувам да наоѓаат забава во заедничкото дружење, шетање во парк, гледање фотографии проследено со разговори…
Бидејќи сум татко, се трудам да поминам што повеќе време со моите, бидејки татко ми патуваше многу. Кога сум се родил, па се` додека не наполнив 40 дена, тој бил на турнеја. Подоцна почнав да свирам со него за да сме заедно што повеќе време, да биде до мене. Животот на слободен уметник беше многу тежок за тато… Инаку, тој беше страствен фотограф и затоа имаме купишта фотографии дома. Сите тројца располагаме со албуми, во кои на секоја фотографија е уредно запишана евиденција – датум и место на сликање, колку сме пораснале од претходната „фотосесија“…
Симпатиите се незаобиколен дел од детството, а еве како беше со мене. Во основно училиште научив да свирам гитара и бев главен забавувач на екскурзиите во училиштето, а и подоцна кога одевме во парк, пред „Ванила“, пред коцката на плоштад….Многу сум чувствителен и сентиментален, па често се вљубував. Таа детска љубов е посебна и секој што ја почувствувал знае колку е искрена и чиста. Сентименталноста ја носам во себе и кога сакам – сакам да сум сакан.
Бевме весело и среќно семејство и во нашата куќа многу се празнуваше – Св. Атанас (по татко ми Наско), Водици (по брат ми Ристо), сите родендени, но Божиќ и Велигден беа најсвечени денови во нашиот дом. Го паметам Божиќ и бадниковата вечера и Велигден најмногу поради вапсаните јајца. Се сеќавам и на Прочка кога амкавме јајца и јадевме бела алва и кадаиф… Распустите пак беа приказна за себе. Научив да пливам многу рано на летните одмори во Дојран и со часови не излегував од вода. Тоа ми стана навика, што ја усвоиле и моите деца и сопругата.“ (Вања Тодоровска)