Момо Николоски ја загуби битката со канцерот, почина во прегратките на сопругата Валбурга

По неколкумесечната битка со абдоменален канцер, почина музичарот Момо Николоски (1957), човек, кој велат оние што го познаваат, ќе продолжи да пее таму каде што замина.

Имено, музиката му беше главен двигател во животот – заврши Музичка академија, отсек етномузикологија, испеа многу хитови:  „Молчи срце молчи“, „Билјана“, „Дано, Данице“, Биди со мене“, „Само осамените“, „Една младост во Струга“, освои многу фестивали а во 2015 година доби награда за животно дело.
Како и секогаш во животот, Момо се бореше чесно и не се предаде до последен миг, кога беше прикличен на инфузија. Во јануари годинава, неговата сопруга Валбурга, која не се одвојуваше ниту миг од својот човек, побара помош за да лекувањето, односно операцијата и лекувањето да се случуваат во некој од европските центри. За тоа требаа финансии, и таа напиша на својот фб профил.


„Ова е мојата љубов. Човекот на мојот живот. Моето вечно момче и мојата рајска музика во срцето. Цел живот со неговата песна развеселуваше, но и безброј пати помагаше на луѓе кои беа соочени со животни предизвици. Сега е неговиот ред. Сега е нашиот ред. Ни треба помош, оти звуците на љубовта не смеат да згаснат, сега, кога најмногу си требаме еден на друг. Не сакам да го дадам, нема да го дадам! Неговата топла душа е моето скришно, безбедно место, таму не живее темнината, таму има доволно светлина за сто животи и уште еден. Секогаш бев тука за вас и вие за мене. Барајте ме, вие кои знаете колку го љубам, но и вие другите, кои сакат некого и некој ве сака. Овој филм мора да заврши со среќен крај, со ваша и Божја помош, а во моја режија. Мече мое, судбино моја, продолжи да танцуваш со мене! Јас, ти и музиката.“
Помошта беше подржана со хуманитарен концерт од неговите колеги, но болеста грабаше, на моменти итро и подмукло, на моменти транспарантно грабејќи кон својата цел.
Пред десетина дена исконтактирав со Валбурга, Момо беше на интензивна нега. Се наслутуваше крај, а неговата сопруга ми рече „полека ја губиме војната и срцето ми се крши на безброј парчиња, но моите солзи не се гледаат, јас плачам насмеана“.
Иако збогувањата се тешки, сите сме тука за да ја најдеме својата цел, и никој од нас не е вечен. Момо ја оствари својата цел во музиката, ја доживеа големата поврзаност и љубов и со Валбурга и пред се, беше човек.

Комеморацијата е утре во 10.00ч. во Домот на културата во Ѓорче Петров.
(В.Т.)

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени