Мојата кујна. Безгрижен леб
Овој леб не се меси, затоа и го нареков безгрижен. Можеби и не е леб туку погача, не е важно. Најважно е што е како магнет- го правите еднаш и потоа ви станува неделен ритуал.
И повторно, се е од око- ги мешам „сите“ брашна што ќе ги најдам дома, најчесто се тоа пченично и хељдино, понекогаш имам и пченкарно, додавам едно изматено јајце, малку сол и шеќер, сув квасец од кесичка и лажица, две павлака.
Сетоа тоа го мешам со негазирана флаширана вода а тестото треба да наликува на густа, најгуста смеса за палачинки. Додавам и маслиново масло.
Сега тестото го ставам во подмачкана тепсија да отстои неколку часа. Кога ќе ми се бендиса стасувањето, кога е видливо, го попрскувам со маслиновото масло и со ленено семе.
Кога куќата убаво ќе замириса на леб, кога истиот ќе смени боја (за неполн час), знам дека е готов. И дека е време за декаденција со безгрижен леб,сирење, макало и домат.
Текст и фото: Вања Тодоровска
Коментарите се затворени