Сакам да каснам нешто месено, пита, питулица, „шодае“ и со денови се борам со овој гастрономски хедонизам. Дали и другите на плус 40 степени, на оваа невидена горештина имаат таква луда желба, мислам- им се јаде „најопасното“ или јас сум терсене?
Затоа решив да направам компромис: ќе месам и здраво и вкусно: питулици со брашно од хељда.
Хељда е здрава псеудожитарка и, да, со неа успешно се слабее, добра е за дијабетичари, за срце, и пребогата со витамини и минареали: магнезиум, бакар, цинк, железо, селен, калиум и витамините од Б група.
Правам вообичаена смеса за палачинки со јајца, млеко и газирана вода, невообичаено е само брашното, бидејќи е од хељда. Нешто слично пробав на Златибор, Србија, ја нарекуваат „хељдопита“, и ја јадат како деликатес, со сечени мали триаголнести парченца, со многу богат фил, со кајмак и кравјо сирење.
Мојот фил е „полајт“, со урда, јајца и млеко.
Но првин да ги направам палачинките. Смесата е малку леплива, ама изгледа интересно, како прошарана со црни точкици. Додавам масло и тргнувам во авантура.
Кога ја потрошив смесата, го направив гореспоменатиот фил. Во огноотпорна чинија, заради полесно сечење, почнав да ги редам, со филот помеѓу, ми излегоа околу пет слоја. Направив неколку фотографии и ја ставив питулицата во загреана рерна, да се пече околу 20- тина минути.
Кога ја извадив беше прекрасна, почекав малку да се излади и исеков убаво парче, да му наздравам на животот. Топло ви ја препорачувам, вистинско уживање е оваа здрава питулица со хељда.
Текст и фото: Вања Тодоровска