Мојата кујна. Мусака со макарони и тиквички

Работен ден е, има сонце, значи се опремивме со добро расположение, а тиквичките се пристапни и за поголеми готвачки „потфати“. Оваа мусака е идеална за доцен ручек и рана вечера, кој како милува.
Мусаката ја правам без брзање, мераклиско – домаќински, ми се залепи вкусот за непцето уште пред некоја година, во едно мрзливо декадентно лето.
Лесна е и вкусна со „претставителни“ парчиња.
Одиме вака: првин тиквичките ги сечам на тркалца и ги запекувам во рерна, мастрафот е малку сол и некоја капка масло на секоја.
Макароните се сварени „ал денте“, и сега ги редам во слоеви.
Првин се макароните а потоа филот- тиквички, што обемно ги зачинувам со босилек.
Најубаво е босилекот да е свеж, но и овој од кесичка врши работа. Така редам се додека не ги потрошам, и тиквичките и макароните.
На крај, одозгора ставам неколку изматени јајца и јогурт, колку да се запече и да фати убава кора. Наросувам со босилек, тој е вкусот на целата приказна.
Уживајте.
П.С. Ако сакате да исечете убаво парче, ќе треба да почекате мусаката да се излади и состојките да се соединат. Јас често го немам тоа трпение.


Текст и фото: Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!