Мојата новогодишна софра. Празничната магија на Димитар Апостолов, страствен хедонист и супериорен естета помеѓу гурманите

Димитар Апостолов, односно неговите постови со храна се апсолутно најомилени на социјалните мрежи, бидејќи го зборуваат јазикот на љубовта, предаденоста, естетиката, еден богат внатрешен свет престорен во гурманските предизвици: торти, колачи, лепчиња, кифличиња… Вистинска магија што, еве, предизвикува, можеби и ветува дека светот, кога ќе го дадеме најдоброто од себе, кога ќе го извлечеме нектарот, навистина е убаво место за живеење… Го контактирав Димитар деновиве, бев љубопитна каква е неговата празнична трпеза и навистина им заблазнувам на сите што новогодишната ноќ ќе уживаат во неговите гурмански чудесии. Еве што вели тој.

Но, пред да нурнете во прекрасните фотографии на Апостолов, прочитајте го неговото новогодишно мени, спојот на традиционалното, урбаното и најубавото.
– За хедонисти како мене, кога станува збор за новогодишни празници, настанува хаос во главата и се прават разно- разни комбинации.
Традиционалните работи кои мора да ги има на трпезата се нормално- домашните печива, кифлици, погачици, топчиња, со сусам и разни семиња, лисната пита со праз…. тука е и неизбежната руска салата во неколку дози, пилешка салата со печурки, француска со урда.

Како главно јадење веќе неколку години се сервира ладно свинско печено каре, кое 24 часа стои во маринада од сенф, вино, и многу зачини. Се пече околу 6 часа и неколку пати во текот на печењето се прелива со растопен жежок путер, за да добие крцкава кора. Месото го сервирам заедно со даска од сите можни сирења кои можам да ги најдам, во прилог со домашно изготвените џемчиња од лути пиперки, од краставици и нане, чатни (мармелад каде се испреплетуваат слатко- кисело- лути вкусови со разни мирудии) од јагоди, сливи, дуњи.
За да на крај се заслади, следат неколкуте десерти за сите да бидат задоволни, од торти, колачи со темно чоколадо, до кремпити со многу ванила, многу ореви и се разбира неизмерна љубов кон готвењето и конзумирањето на храната.
Ви посакувам слатка и вкусна 2022!

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!