Мојата сестра, мегафон на мојата совест

 

Од личното искуство знам дека е среќа, привилегија, да имаш сестра: колку повеќе созревам, подрагоцена ми е.
Сестрите се мегафони на нашето его и вистински соговорници за моменти кога мислиме дека молчењето е злато. Да имаш сестра значи да го чуеш и она што не го сакаш, тоа е специјална другарка што те исправа кога ќе се свиткаш… Еве што велат познатите за своите сестри.

Анета Андонова: Љубов и чувство на одговорност


Мартина се појави во мојот живот кога ги спакував куклите и играчките и се фатив за книгите.Тогаш бев голема за играчки, но мала за сериозни работи. Сепак Мартина ми беше доверена, па јас ја земав од градинка, од училиште, и’ го пополнував времето до враќањето на моите родители од работа. Така всушност се гради врска во која, освен љубов се гради чувство на одговорност. Таа врска трае, па дури и сега кога сме доволно возрасни да се грижиме една за друга, а оние што не знаат, ќе речат – дури и премногу….Но, ЕДНА Е СЕСТРА! Заедничките летувања, патувања, излегувања, па и другарки, уште повеќе не поврзуваат во чувството дека ги делиме истите морални и човечки вредности. Мојата сестра навистина е мегафон на мојата совест.

Росана Сариќ- Тодоровска : Без Маријана сум половина човек

Некаде прочитав дека разделбата на близнаците често се рефлектира со физичка болка. Јас би додала- и со психичка. Има моменти кога и јас и Маријана точно знаеме и чувствуваме дека нешто не е во ред, дека има некаков проблем, толку сме поврзани… Сестра ми повеќе од 20 години е во Австралија, мене ми отежнале како да се 200 и животот без неа, не е ист. Секогаш имам некаква внатрешна болка и чувство на празнина. Ние двете сме слични во многу нешта, дефинитивно еднојајчени близначки- го имаме доброто домашно воспитание како база, подарок од родителите, и двете сме работливи, чуствителни, со тоа што јас не знам да ги сокријам емоциите а Маријана е посилна или се прави таква… Големи професионалци сме, се даваме до последен атом во она што го сакаме, мајчинството ни е приоритет… Разликите се во мојата претерана педантност и нејзината релаксираност, за што и се восхитувам. Се разбираме и од поглед, и не паметам дека сме се скарале, толку сме дел од едно цело. Кога и да помислам на Маријана, ми доаѓаат солзи а истото е и со неа. Затоа и нашите средби почнуваат и завршуваат со солзи. Некогаш си велам, половина живот ми помина во плачење по сестра ми и далечната Австралија. Плачам од радост кога ќе ја видам и потоа, кога ја испраќам. Затоа и ќе речам, сестра ми не е моја специјална другарка, туку мојата душа, среќа, моето се!

Александар Масевски: Иако помала, Ангела има заштитнички став

Ангела е три години помала од мене, а во нашето семејство и тоа како се знаеше кој е помал, а кој постар, во смисла на позитивми примери, кој кого треба да заштитува, кој е привилегиран да прави повеке грешки и кој е тој што ќе одговара за грешките на привилегираниот, да не речам помалиот. Кога ќе го вклучите фактот дека имам и 7 ипол години помал брат, тогаш уште појасна ќе ви стане сликата за моите обврски и должности како најстар син…. Пораснавме во Кисела Вода каде што децата (а не имаше многу) играа заедно пред и зад зградата и на неколкупати Ангела, иако помала, се поставуваше заштитнички кон мене. Застануваше меѓу скараните страни и велеше: „Да не си го пипнал брат ми!“. Тоа беше ултра симпатично. Имавме спокојно детство и не сеќавам дека некогаш сме се скарале. Интересно е дека долги години живеевме заедно во Амстердам и тогаш нели, доаѓа до израз домашното воспитување. Се подржувавме и помагавме безусловно, а тоа е многу важен елемент за успешно интегрирање во земја што не е твоја татковина. Да се ослониш на некој што ти е најблизок е особено важно во почетокот, па и за понатаму бидејќи е единствен претставник на најблиското семејство. Сега е повеќе од јасно колку многу се сложуваме генерално. Секако дека имаме и свои различности, но тоа е нормално. Ретко се критикуваме. Можеби јас сум тој кој почесто го правел тоа во минатото, но да потсетам: јас сум постариот брат! Како и да е, да се има сетра „не е лесно“, ама е уште потешко да се замисли животот без неа.

Маргарига Христова: Мелина ми е безусловна подршка

Сестра ми Мелина е мојата најдобра другарка, најдобар критичар, безусловна поддршка, мојата Ахилова пета. Разлика сме само две години, но за мене таа е- помалото сестриче. Уште од најрано детство родителите не воспитуваа да бидеме блиски и да се поддржуваме – иако сме бескрајно различни, и физички и карактерно, сепак се разбираме брзо а многу често зборуваме во ист глас. Таа е типичен хороскопски овен (тврдоглава, упорна, истрајна, работлива, бескрајно искрена) а јас како зодијачка риба, (емотивна, грижлива, попустлива кон блиските, но со пореална проценка за луѓето и ситуациите), знам сериозно и цврсто да настапам поставувајќи се заштитнички . Ние двете си имаме и многу заеднички интереси, како што е нашата најголема страст – патувањата и најубаво ни е кога тоа го правиме заедно. Уште не сме се вратиле, веќе размислуваме за следната дестинација. Зборуваме за се и сешто, нашите теми за разговор се непресушни и секогаш ни фали време. Кога ќе размислам, помеѓу нас никогаш не постоела љубомора, си се подржуваме меѓусебно, се радувам на успесите на Мелина и повеќе од сопствените. Нашите кавги траат кратко и на крај завршуваат со смеење, зошто е апсолутно невозможно сериозно да се скараме. Иако е помлада, многу ми се важни нејзините коментари за музиката бидејќи е непогрешлива во таа област. Имам среќа што ме придружува на сите мои снимања, секогаш заедно ги преслушуваме моите снимки. А кога настапувам во странство и таа не е со мене, и поднесувам детални извештаи и телефонските сметки се навистина високи . Така надоместуваме за пропуштеното.

Алек Наумовски: Мојата толерантна Лори

Имам сестра, Лори, која ги има најдобрите за мене човечки карактеристики- толеранција, стабилност и емпатија. За жал во нашите детски денови мојата сестра беше често мета на моите лоши навики, па еднаш и настрада главата, друг пат ногата. Бескрајно ја сакам нејзината позитивна енегија и за разлика од мене таа е виртуоз во кујната. А посебно ги сакам внуките Нена и Ема кои се реплицирани токму од мојата едниствена Лори.

ВАЊА ТОДОРОВСКА

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени