Мојата кујна. Ќофтиња со тиквици
Што се не се изнаслушав за тиквици: не се калорични а се вкусни, плус се корисни до бескрај: ги имаат витамините А, Ц, К, имаат магнезиум, добри се за срце, за очи, милина да ги јадеш. Затоа ги правам овие ќофтиња, без грижа на совест.
Процедурата е следна.
Се рендаат неколку тиквици а јас, за да ми биде пошарено додавам и рендани моркови, посолувам и чекам неколку минути, да ги исцедам убаво- така обликувањето е полесно. Во овие ќофтиња додавам лажица брашно, лажица презла, сечкан лук (многу) и јајце, за да ја врзе смесата.
Ќофтињата не ги пржам, ги печам во рерна. Ги редам на плех како војници, ги наросувам со малку масло, и чекам да добијат убава боја. Ги познавам кога се готови, фаќаат коричка и ја менуваат бојата… Сега е време за креативност, некои ставаат павлака, а јас ги спојувам, ги наличувам ќофтињата со салата, и уживам во вкусот.
Текст и фото: Вања Тодоровска
Коментарите се затворени