Мојот стил. Ване Маркоски: Најмногу спортска и кежуал гардероба
Гардеробата е моќен медиум врзан за визуелната комуникација, но таа е само дел од целата приказна: облеката е можност да кажеме што криеме во себе. Според твојот стил на облекување, имам чувство дека го љубиш животот и дека си многу отворен?
– Се согласувам. Го љубам животот, слободата, креативноста и се што носи отвореност и спонтаност. Искрено, не сум го знаел ова и ми се допаѓа тоа што го прочитав како информација во прашањето. Ако гардеробата го отсликува нашиот поглед на животот, тогаш ова е вистина. Си го сакам стилот на облекување, неопседнатоста што носам, дали е бренд и што ќе речат другите. Сакам да се чувствувам лично јас убаво во тоа што го носам и друго навистина не е важно.
Што најмногу имаш во својот плакар и колку динамиката на работа се одразува врз облекувањето?
– Најмногу имам спортска и „кежуал” гардероба. Тоа сум го сакал отсекогаш и со текот на времето во плакарот токму ваквата гардероба почна да ми доминира. А, комбинациите бизнис – кежуал, најмногу ми се допаѓаат лично мене.
Омилени парчиња, бои и дезени? Дали сакаш шарени, дезенирани чорапи?
– Сакам јаки бои. Жолта, црвена, плава … Тоа некако доминира во мојот плакар, иако имам и гардероба со потемни бои. Кога вака ќе размислам, се зависи во кој период од годината го купувам нештото. Искрено, немам омилени парчиња и дезени. Ако нешто ми се допаѓа од прв поглед и доколку ми е цената прифатлива и имам пари во мене, се разбира, го купувам без размислување. Дома воопшто немам брендирана гардероба. Не сум опседнат ниту со купување нон-стоп. Сакам се што е убаво и се што ми одговара на мојот буџет. Што се однесува до чорапите, некако во последно време почнуваат да ме привлекуваат шарени и дезенирани чорапи, па затоа и веќе имам неколку пара дома, иако и за ова морам да признаам дека многу не се „притресувам”.
Кога некој настан подразбира свечен дрес код, што тоа во твојот случај значи?
– Порано значеше мислење со денови, совети, па кога ќе се облечев, личев на се, освен на човек :))) Изминативе неколку години се трудам да комбинирам бизнис кежуал стил, но само за таму каде што навистина има потреба, а е поврзано со мојата работа. Ќе видам некоја фотографија на интернет и според тоа што ми се допаѓа, знам да си направам комбинација. Едноставно е.
Постои едно интересно толкување дека на младоста се убаво и прилега а понатаму човек треба да е внимателен во изборот. Што највнимателно одбираш- чевли, костум, палто?
– Јас па го мислам спротивното. За ова поаѓам од свој личен пример. Како ми поминуваат годините, така согледувам дека навистина не се притресувам многу околу изборот на гардероба, а од друга страна одлично се чувствувам во што и да сум облечен. Си го сакам својот начин на облекување и својот начин на живот, па велат ако убаво се чувствуваш во своја кожа, другото и не е важно. Секако дека гардеробата и изборот си бараат внимание, но се оди во пакет, според мене.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени