14.8 C
Skopje
вторник, април 29, 2025
spot_img

Наташа Димитриевска Кривошеев : Во овој свет на лаги, бајките стануваат вистина

Таа е апсолутно интересна личност, жена, која вели „одбивам да пораснам, многу ми е убаво чувството да сум девојчето на тато и верувам дека така и него му го продожувам животот.“
Наташа Димитриевска- Кривошеев, началник на Одделението за управување со човечки ресурси, логистика и односи со јавност во Институт за јавно здравје на РМ, е авторка на три книги : „Ласа“, „Девојко мала“ и „Пинокио и вештерката“, и во ова интервју зборува за најновиот роман, за животот помеѓу лагите и вистината, новинарството некогаш и сега…

„Пинокио и вештерката“ твојата нова, трета книга е преполна со метафори, симболики, духовити и какви се не асоцијации… Што мислиш, можен ли е светот без лаги, или тоа го постигнуваме во „интерни рамки“?
– Ха, ха, ха …. па тогаш би имало само флора и фауна! И тука и таму по некој лик од приказните. Не би ни бил интересен светот без лаги. Има и убави лаги! Не е грев да се излаже. Верувам дека нема човек што не излажал барем еднаш во животот. И јас подлажнувам од време на време, не е дека не. Ама има лага и лага. Нели? Да се излаже кога ќе се процени дека со лажгата ќе го поштедиме излажаниот од непотребна грижа или дисбаланс на рамнотежата е едно, но да се лаже заради лична корист со нансеување тага, болка, материјална штета другому, да се гради среќа врз туѓа несреќа со лаги и измами, да се лаже секогаш секаде и за се континуирано и глобално, да се манипулираат и држат во заблуда луѓе, народи, жители на светот, иста лага ли е? Исто тежи? Неверувам дека некој досега успеал да ја измери лагата, оти таа не се мери, како што не се мери ни вистината. Ама има една изрека која вели дека вистината најчесто боли. Па со оглед на тоа што лагата завладеа со светот, за што секојдевно сме сведоци, според мене луѓето се плашат и се бранат од болка. И така бранејќи се од неа всушност си ја нанесуваат секојдевно преку лагата, и веројатно со тек не време ја навикнале и престанало да ги боли. Ова е мое согледување и не значи дека е треба да се прифати, оти пак и лагата секој различно ја перцепира, доживува, толкува. За некој е вистина тоа што е лага и обратно. Значи се е индивидуално. Е сега ако некој почне да не убедува дека сонцето е зелено…. значи трева му никнало… ха, ха, ха… Лагата е неизбежна, оти без неа нема ни вистина, ама убаво би било ако сите ние поработиме на тоа глобално да ја сведеме на умерено до значително ведро… Колку лагата е присутна во интерни рамки тоа веќе зависи од нас самите и од изборот на тие што го сочинуваат нашето опкружување.

Велиш- да се дознае вистината преку бајки…, со што ја испраќаш пораката- тие што ги заборавиле, да им се вратат а децата, да ги засакаат, да живеат со книгите.
– Па во овој свет на лаги бајките стануваат вистините. Убавите и поучни лаги им помагаат на децата на убав бајковит начин да научат дека ако отруената Снежана се разбуди со бакнежот на принцот, станува збор за моќта на љубовта. Или ако тиквата стане волшебна кочија, а парталавата Пепелашка преубава принцеза нели тоа порачува дека не е се така како што изгледа на прв поглед и дека формата секогаш има содржина до која треба да се продре за да ја имаме целината. Да не судиме само според изгледот. Зошто Убавицата се заљубила во Ѕверот? Ете немал ни џип, ни конто на банка, и згора на се не бил само грд, туку и страшен! Ама таа се заљубила. Зошто? И сега следи тоа дека бил добар имал срце полно со љубов што за возрасните звучи како бла бла бла… ама ете Ѕверот ја освоил Убавицата затоа што таа во неговиот грд лик ја видела убавината на неговата душа, незнаејќи дека всушнот тој е многу згоден принц. Ама била трпелива, благородна и во таков случај кога станува збор за бајките, таквите биваат наградени. А наградата е – среќни до крајот на животот. Пред да почнам да ја пишувам Пинокио и Вештерката, додека се уште ми беше само идеја и скица во главата, си направив мое истражување за тоа колку децата имаат допир со бајките, но пренесени преку родителите. Не, баба и дедо, туку мама и тато. Јас на пет години ги знаев сите бајки, ама тогаш немаше интернет и разно разни игрици. Сега се актуелни некои нови ликови… Покемони, Мокемони, зајчиња, кучиња со извртени глава, Медо и Маша… и тие сите на тоа екраните од таблетите, телефоните, лаптопчињата се нешто трчаат, бараат, бркаат се прпелкаат и не испраќаат, барем за мене, никаква порака до никого, освен до офтомолог… Ако, се во свое време. Не е дека не сум за напредок на технологија, иновации и нови изуми, ама исто толку, или за нијанса повеќе сум и за зачувување и пренесување на трајнте вредности, критериуми и квалитети, врз чии темели впрочем се градеше цивилизацијата. Затоа не е на одмет децата од предучилишна возраст, од време на време од мама или од тато да чујат дека и жабата може со бакнеж да стане принц, но и дека не од секој што е качен на бел коњ, бива принц. Книгата е трајна вредност затоа треба на децата да им дадеме шанса да одберат дали тоа ќе го прифатат или не. Така, и без да бидат свесни за тоа, тие ќе им дадат живот на книгите. Од нив можат само да научат. Што ќе научат од тој што во маскирна облека исфрла оган од оружје на сите страни и гази и убива се пред себе??!! Кој кого лаже тука?! Затоа повеќе е прашење, а пораката секој сам треба да си ја пронајде.

Бидејќи и во Пинокио, како и во сите нас роморат по два гласа, а крајната цел е тие да се ускладат, и кажаното да го следи помислентото, тогаш ова дрвено човече е апсолутно најголемиот херој на наште животи.
– Па сега види, јас за туѓите животи не одлучувам, ама во мојот, да, Пинокио е најголем херој. Беспрекорен во лагата што е наивна до совршенство. И што се случува?! Цепанката на стариот мил Џепето станува момче од крв и месо како награда затоа што го исполнува ветувањето дека нема да лаже повеќе. Значи идејата што Карло Колоди ја реалзизирал во приказната за Пинокио за мене е генијална. Не дека приказните на браќата Грим, Андерсен и на друите автори на детски сказни се помалку добри и поучни, ама Пинокио се издвојува. Тој е единствен, нема множина како принцевите и принцезите и добрите вили… Во мојата книга Пинокио е ставен на големи маки токму заради тоа што јас го доживувам како апсолутен херој во сказните, кој е наивен и неискусен до болка, палав, безгрижен и неодговорен и згора на тоа со дрвена глава…. двата гласа всушност се лагата и вистината, доброто и злото….. што ќе преовлада и што ќе излезе на површината зависи од нас. Што сме помислиле и што ќе кажеме. Не секој од нас секогаш помислува добро, што не значи дека ако некогаш кажеме нешто лошо тоа е рефлекција на помисленото. Лошата мисла не е добра за здравјето… ха ха ха!!!!!!

Оваа твоја книга, жанровски се разликува од претходните, „класични“ романи, каде па беше многу силна во нарацијата. Созреа, порасна…?Всушност, кога стана одговорна и будна во однос на себеси?
– Нарацијата ми е јака страна. Можам во недоглед да раскажувам. Ама мислата ми е многу брза и рацете не можат да ми ја следат. Почна да ме заморува, затоа само успорив малку. Да речеме, фатив некоја друга димензија, за промена. Не гледам на тоа како на созревање и не стремам кон тоа. Не верувам дека некогаш ќе созреам доволно за се што сакам, па затоа и не се оптоварувам на таа тема. Најчесто оставам да ме води инстиктот, оти ми е силно изразен и емоциите што ги имам во изобилство и навистина ми го отежнуваат животот во светот полн со лаги, ама борец сум, стрелец, па се снаоѓам некако. Одговорна кон себе, не знам дали сум баш, оти си дозволувам да ги повторувам грешките. Некој глас во мене што ме тера да се казнувам од време на време, понекогаш не само заради моите туку и заради туѓите грешки… ама тоа сум јас. Барем се трудам и успевам да бидам искрена кон себе. Многу повеќе сум одговорна и обзирна кон другите, ама и казните кон нив се многу суштински ако ме изневерат. Имам прилично висок праг на толеранција и прилагодлива сум, сакам да се потрудам, да угодам не за реципроцитет, не по теркот- на ти го- дај ми го, туку од почит, со љубов, искрено, ама ако за возврат добијам лага, зло, пакост, а не сум побарала ништо, е тогаш прешкртувам и не се враќам. Не сум Вештерка, ама ни Пинокио не сум баш!!! Што се однесува до растењето, пак сум цела на Петар Пан… ха ха ха….. Одбивам да пораснам. Многу ми е убаво чувството да сум девојчето на тато и верувам дека така и него му го продожувам животот.

Верувам дека писанијата се откорнати од твојот живот, некогаш најдиректно, некогаш индиректно, а сигурна сум дека најраните мисли ти се оформуваа од големиот багаж на книги со кои растеше, созреваше… Така ли се случи пишувањето?
– Да, дефинитивно од мојот живот, во кој се испреплетени многу животи. Книги читав многу во еден период од животот. Сега се поретко и поретко. Ги прочитав тие неколку книги и не ги сретнав повторно никаде. Одвреме навреме ги препрочитувам. Ама, не, не ми влијаеа книгите за да почнам да пишувам. Смртта на мајка ми беше пресудна. Кога ја пишував „Ласа“ чувствував толкава болка што мислев дека ќе ме убие, а истовремено ми помагаше да издржам. Некако, пишувајќи ја нејзината тажна животна приказна, непосредно по нејзината напрасна смрт си задавав болка за истовремено да ја намалам преку пишувањето. Кога татко ми, лекторот кој што, кога критикува е како англиска кралица, со силна емоција ја пофали книгата за мајка ми, а академикот Ташко Георгиевски ме охрабри да продолжам да пишувам, некако спонтано излезе и „Девојко мала“, што е баш лефтерно четиво. Оваа, третата е од корен откорната од мојот живот. Некогаш, не сега, сега ќе нема ефект, можеби понатаму ќе кажам каде е тој Замок што е изграден врз гробишта и што навистина се случува таму. Вистинските ликови, во голем број концентрирани на мал простор добија бајковитост зошто и без нив, во светов во кој живееме има премногу зло.
Затоа на тие што ќе ја прочитаат Пинокио и Вештерката топло им ги препорачувам сончогледите на крајот од оваа приказна како патоказ во нивната.

Денес си на сериозна позиција а голем дел од животот го помина како новинар. Се сложуваш ли со мислата дека новинарството е книжевност на брза рака, и дека е најдобро е кога ќе се напушти навреме?
– Денес сум началник на хумани ресурси во нехумано општество… хахахахахаааа. Времето кога бев новинарка беше убаво. Но, кога новинараството престана да биде убаво, оти доби друга форма и димензија на нашите простори за мене престана да биде и професија. Не сметам дека е книжевност ни на брза ни на спора рака. Целта на новинарството е да ја информира јавноста навремено и точно, а новинарот треба да пренесе, а не да мудрува и да врши пропаганда. Звучи како дефиниција, ама и е дефиниција. За мене новинарството е дефиниција. Книжевноста е друга димензија за мене, што не значи и дека е така. Меѓу другото, кога сме веќе кај мојата прва љубов, новинарството, што подоцна ја преточив во односи со јавност, па се видов себе си од двете страни и многу се срамев кога ги согледав позрело нешата, го издвојувам фактот дека некако многу се изпомешаа новинарските алатки меѓу себе и со оние од пиар ситуацијата. Па згора на тоа, па сите новинари станаа и кометатори и репортери и колумнисти и аналитичари и познавачи на состојбите и тоа ама баш во сите области…. Затоа си пишувам книги и си креирам политики во област со многу убава придавка на именката ресурси, човечки…..
Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена