На лице место од Дубаи. Во земјата на среќа целта е да не постои зборот- не може

Секој 2 јануари, години наназад планиравме да бидеме некаде надвор од Скопје. Тоа ни беше некоја семејна традиција која ја практикувавме последните десетина години. Обично посетувавме места во Македонија на кои не сме биле па така едно од најубавите сеќавања ни будат снежните пејзажи кои не изненадија преку ноќ таму некаде во Пехчевско-Беровскиот крај.
Сме биле и на места покрај Егејското море кога на 2 јануари времето било како во пролет, сончево и топло што уште повеќе придонесуваше да се биде со верба и надеж, желба и очекувања дека во секоја наредна година страста да се патува, истражува и ужива некаде низ светот ќе биде реалност.
Знаете почнав да верувам во магијата на моќта, чудата на Св Игнат кој се одбележува на 2 јануари и за кој според народните верувања се смета дека тоа што ќе го правите на овој ден, таква ќе ви биде годината. Јас едноставно си ветив, ќе патувам на овој ден за да ми се отваораат патишта со авантури, откривање на нови дестинации каде ќе си го исполнувам животот со најубави сеќавања.
И така, ова лето Господово 2022 на 2 јануари се затекнав во земјата на Емиратите, Дубаи и островот Рас Ал Каимах. Никогаш не претпоставував дека некогаш воопшто ќе долетам на овој дел од светот. Сум била во Токио, Лондон, Москва, Рига, Лисабон, Сиднеј, Будимпешта, Виена, Лос Ангелес, Сан Франциско и многу други градови низ светот. Дубаи е нешто различно, посебно, невидено и единственото место во светот каде небото не е граница. Светилки во бои, играат во различни форми на највисоко изградените облакодери што некогаш сум ги видела. Камерата не може да долови што се окото може да види.

Како да се опише освен, еден сосема понаков град, поинаков свет, поинаква архитектура и опкружување што ме прават да се чувствувам како дел од една приказна во која сите би посакале да ја ѕирнат па макар и од далеку. Ми наликува како Вегас покрај Персискиот залиф.
Поради брзото ширење на вирусот омикрон Дубаи и заради безбедност го посетивме после полноќ со автомобил кружејќи низ улиците од кои можев да уживам и да се восхитувам на архитектонските чуда што човекот може да ги креира.
Бур Калифа ја видов во облаците гордо исправена со своите 828 метри а, соседните висококатници со своите стотина катови изгледаа мали, високи но мали во споредба со оваа гордост на Дубаи. Тој ме освои со сиот свој сјај, раскош, организираност и животниот стил. Арапите како староседелци го сочинуваат само 20% од скоро 10.000.000 жители.
Патем, 80% од жителите се доселеници припадници на преку 200 нации од целиот свет. Официјални јазици се само англискиот и арапскиот кој е задолжителен јазик за изучување во училиштата низ земјата. Ова е најкосмополитската земја во која сум престојувала. Се прашував како е можно во Емиратите да си дојденец а да се чувствуваш побезбедно отколку во сопствената земја? Како е можно да не сретнуваш полиција на секој агол? Како е можно да се движиш во центарот на Дубаи а, да те исполнува чувството на восхит од футуристичките архитектонски градби на највиските облакодери на светот и да не бидеш под стрес како ќе возиш, каде ќе паркираш, колку ќе платиш? Како е можно покрај толку многу висококатници да нема автомобили паркирани кајгоде? Можно е !
На 31 Декмври тука во Рас Ал Каимах се подготвуваше за Гинис најголемиот и временски најдолгиот огномет имаше многу гости кои доаѓаа од другите емирати, само поради овој настан властите исцртаа на песочните делови паркинг места за голем број автомобили само да не се создаваат гужви и хаос. Мислат како да им обезбедат на граѓаните и гостите поудобен, едноставен пристап за престој и уживање во овој новогодишен огномет. Овде се прави се со план, најпрво никнува инфраструктура, зеленило, простор има за секого.
Обединетите Арапски Емирати во декември го славеа 50 годишниот златен јубилеј од своето постоење. Ви раскажав за правилата и редот кој треба да се почитува. Велат дека според светски извештаи за испитување на коефициент на среќа на своите граѓани тие се први во Арапскиот свет. Во некои извештаи се пишува дека според почитувањето ан човековите права е неслободна земја со која управува семејство на шеикот основач и обединувач на Емиратите. Тој е владетелот, претседател и премиер. Обожуван и сакан од своите граѓани. Се движи слободно без обезбедување. Можете да го видите на некоја бензиска станица како седи во својот автомобил и го јаде својот омилен сендвич. Среќни луѓе посакувам и кај нас во Македонија па макар и биле неслободна земја.

За да ви ја опишам државната филозофија, визијата, иднината на оваа земја владетелот и неговата влада од министри изработиле план за развој на Емиратите за наредните 50 години. Замислете уште од сега ги планираат сите активности, стратегии, политики и стил на живот за да во 2071 година бидат најбогата, најуспешна и најсреќна земја. Овде успехот на една влада се гледа колку луѓето се среќни, не колку е висок БДП . За таа цел имаат Министерство за среќа, Министерство за толеранција и прифаќање на различностите, Министерство за млади, Министерство за климатски промени. Може да бидете најбогата економски но, граѓаните да бидат депресивни, несреќни и тажни. Тука се е во интерес на задоволување на човечките потреби за достоинствен живот. Затоа целата администрација сите потребни документи, папирологии се доставуваат и добиваат онлајн. Ако направите или сте учесник во сообраќајна несреќа, само сликате праќате и завршена работа. Нема давење, нема чекање, нема да неможе. Цел на владата за 2071 година е да не постои зборот Не Може ! Кога правот од песокот ќе остане на твоите раменици никогаш нема да можеш да го исчистиш, ќе се навраќаш во оваа земја постојано и повторно во потрага по убавото, возможното и раскошното.
Благословена и благодарна до Универзумот за остварување на желбата да се патува. Можеби веќе следниот 2 Јануари ќе ве поздравам со некоја убава приказна од некој егзотичен остров. Тоа е мојата желба. Нема да има Не може !!!

Наде Молеровиќ, едукатор, мотиватор и говорник

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!