Новогодишна честитка


Драги мои,

Ја испраќаме старата година подготвени, без задршка, без патетика: беше луда, брза, на моменти напната како полна бешика, предизвикувачки наострена.
Не вртете се по неа, напротив, шепнете и во доверба: патувај среќо, а со тебе сето бреме, сите крадци на спокојни мисли, манипулатори и гњаватори, бај бај.
Ако верувате, ќе имате добра, топла година.
За почеток, засакајте се себеси, ама онака вистински, од длабочина. Не можете да го смените светот, ама можете себеси: отворете се за нова страница, нови убавини, за уште подобар блесок.
Ви посакувам храброст да бидете она што сте. Да ги искачувате внатрешните врвови за да го олесните слегувањето во внатрешните бездни. И така, во уште ден круг.

Драги мои, на ова патување наречено животот, каде сме воз а не железничка станица- што би рекол некој добар ум, ви посакувам и да простувате. Тоа го можат духовно силните, оние што веруваат и бараат, што знаат дека зборовите носат енергија. Бидете добри, најдобри, затоа што добрината усреќува, одбегнувајте примитивно и завидливо однесување.
Радувајте се, раскажувајте, светнете си ги душичките, тоа оди во пакетот со среќата.
Патувајте, затоа што тоа е сигурна база за да си ја освежите и душата и мислите, носталгијата чувајте ја за себе, трагајте по несовршеноста на изворното, уживајте во интерни кулинарски екстраваганции и, не заборавајте: не сте вие капка во окен, туку океан во една капка!
Среќна Нова 2022!

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!