Само што заврши неколкучасовната емисија на државниот сервис на Хрватска, ХРТ1, посветена на Оливер Драгојевиќ. Достоинствено, топло, без многу помпа, да, величенствено – човечки, како што доликува на еден музички великан. И, како што им прилега на збогувањата… Куси разговори, вклучување од Сплит каде што спонтано се пееја неговите песни и сеќавање на концертот од градот под Марјан, од 2000. година.
И јас како бек вокал од мојата дневна соба, со измешани чувства го пеам целиот репертоарот на мојот идол.
А кој не ги знае песните од Оливер? Кој не плачел на Магдалена, на Цесарица? Кој не „подгутнувал“ на „Шта то беше љубав“ и „Ноктурно“? Кој не палел цигара по цигара треперејќи од „Ко сам ја да ти судим“, и кој во годините на освестување не си велел – Нисам ја за те“…
„Опрости ми папе“ ја пеевме „на смешка“ премлади и боси да разбереме дека секоја приказна се повторува. Вечерва, да: опрости ми папе.
Нема што денеска не е кажано за Оливер. Дискографија, концери во најпознати светски сали, дуети, публика, песни, се што прати голема кариера. Од Оливер се простуваат луѓе познати и анонимни, големи и мали, и секој си го чува она делче што неговите песни го направија со сеќавањата.
Распукнат а бескрајно топол глас, надоен од Далматинско море и сонце, мене ме „уништувал“ во исти вакви летни ноќи. Природно, искрено, едноставно каков што е самиот живот… Сакав, многу сакав на песните на Драгојевиќ.
Професионално, со Оливер имав можност да направам неколку интервјуа, и секогаш тој наједноставно ја демистифицирал целата приказна околу песните, пеењето, уникатноста со која ги оживувал стиховите .
Така беше, од збор до збор.
„Добро јутро туго, ди си била ти до сад…“ е можност и јас да се простам од Оливер, да ги затворам очите и да си ветам дека никогаш нема да заборавам што значи да си задоен со чиста емоција без жонглирање со разумот. Илегално, преминав на страната на љубовта, бескомпромисно го бранам кормилото на сентишите на Оливер…Да кажам ли дека со неговите песни се беше уште поромантично а јас, повеќе жена? Сите тие музички совршенства станаа азбука на мојот живот.
Поради многу нешта, но најмногу поради неговата трага во бескрај.
(Вања Тодоровска) фото/bljesak.info
