Кога ќе расчистите со дилемата дека очилата не се само мода, туку потреба очите што подолго да останат здрави и дека е неопходно да содржат заштитен УВ-филтер, ќе внимавате што ставате, вели офталмологот Жанина Петрова.
„Со постојано директно излагање на сончевите зраци, со време може да се појави катаракта или перде, односно заматување на природната леќа во окото. Со добар оперативен зафат, враќањето на видот на катаракта е 100 процентно. Но, уште потежок проблем е провоцирано оштетување од сонцето на задниот дел од окото, таканаречената дегенерација на макуларната регија, односно оштетување на делот од окото со кој јасно гледаме“.
Важно е да се знае дека заштитниот УВ-филтер може да се вгради во сите диоптриски стакла, што е одлична комбинација – тие помагаат за јасен вид и истовремено ги штитат очите и од штетните сончеви зраци.
Освен сонцето, очите знаат и можат да страдаат и поради алергии од шминка, а за прва помош од дома можете да користите чај од камилица.
„Често се јавува пречувствителност и од додатоците што ги има во составот на козметиката, а тоа предизвикува солзење, чешање, црвенило на очите.
Може да се случи и повреда на окото додека се нанесува маскара или очно моливче или со прст да се направи ерозија (гребнатина) на окото.
Некогаш може да предизвикате инфекција од загадена шминка или апликатор на шминка и затоа е многу важно да не користите туѓа, а вашата шминка да ја менувате на неколку месеци“, констатира Петрова.
Патем, кога одиме на очен лекар? Една од најчестите причини е потребата од носење диоптриски очила. Како што не информира офталмологот Петрова, станува збор за рефрактивните аномалии (кратковидост, далековидост и астигматизам), а списокот не завршува со очила. Полесни проблеми се конјунктивитисите (алергиски и инфективни), ама неретки случаи се и врзани за сериозни болести, како што се катарактата (т.н. перде) и глаукомот или очен притисок.
„Некои од овие болести се директно поврзани со возраста и со годините“, вели Петрова. „Посебно дегенеративните болести на окото што се карактеристични за повозрасната популација. Внимавајте – почнувајќи од 42.- 43. година, неизбежна е потреба од користење очила за блиску и тоа за сите оние што немале никакви проблеми дотогаш со видот“.
Многу е важно секојдневно носење на очилата и должност на очниот лекар е да му предочи на пациентот дека нејасниот вид и секојдневното напрегање на очите може да испровоцира пораст на диоптријата.
Алтернатива на диоптриските очила се контактните леќи, чија единствена предност е во комфорот на гледање – видокругот е широк и сеопфатен.(В.Т.)