14.8 C
Skopje
вторник, април 29, 2025
spot_img

Параноја : Самобендисаност, недоверливост, несигурност и….

Параноја е данок на погрешни мисли. Човек создава свет во кој се множат налудничави идеи на сомневање, експанзивност и мегаломанство, меѓу кои доминира сопствената големина, љубомора или чувство на обесправеност. Но, тоа не е се.
Параноја е болест на новото, нашето време. Преголемо стравување дека другите ќе ни направат нешто лошо, беља со која би ни го отежнале животот, сеедно дали е тоа озборување, „тактика“ за да ни се наштети во работата, љубовта, во разни области од „нашиот терен“. За многумина паранојата е минлива фаза но некои луѓе цел живот веруваат дека се дел од некаков заговор. Колку пати, во телефонски разговор, раскажувајќи некоја актуелна тема, сме го прекинувале муабетот, за да го продолжиме „во живо“, колку пати сме имале чувство дека колегите не игнорираат односно смислуваат закачка за да не девалвираат, потценат, партнерот „сомнително“ се однесува а таксистот, премногу навлечен на политиката, како да провоцира? Запираат ли мислите на едно сигурно место, кога конструктивна анализа преминува на едно друго ниво, односно, кога знаеме дека нештата излегле од контола?

Фото- ФОКУС, Професор Георги Чадловски
– Се сеќавам на култниот филм работен по текстот на феноменалниот српски драмски писател Душан Ковачевиќ „Балкански шпијун“. Често, кога им предавав на студентите за паранојата, им го препорачував велејќи дека потоа не им треба дополнително учење за растројствата- вели невропсихијатрот, професор д-р Георги Чадловски. – Токму тој филм многу подобро ја објаснуваше паранојата од нас психијатрите, па така ми стана појасно зошто во француската психијатриска терминологија- развојот на паранојата, често го нарекуваат „летот на паранојата“. Нејзиниот развој најчесто наликува на лет – замислете си една снежна топка на врвот на Водно, која тргнува (летнува) од Крстот надолу и некаде кај Клиничкиот центар нараснала како двокатна зграда а во нејзе се насобрале гранки, камења, отпад… “
Нешто слично се случува и со ова растројството: првичните чудни, можеби невобичаени симптоми после нејзиниот лет се намножуваат, стануваат се поголеми, со безброј псевдологични содржини. Терминот „псевдологични“ професорот Чадловски не случајно го употребува – основната карактеристика на параноичното растројство е псевдологиката, а тоа значи – не толку нелогична, ама сепак надвор од разумот.


„Според класичните сфаќања оваа болест спаѓа во групата на т.н. „ендогени“ растројства каде генетскиот фактор е доминантен . Но многу често растројството се манифестира после некој реален стрес. Болните од параноја често имаат слични карактерни (предморбидни) карактеристики: хипертрофирано его, или како вели народот јас, само јас и никој друг, самобендисаност и нарцисоидност, недоверливост и несигурност, ригидност во целокупното однесување (не може да ги промени одлуките или ставовите, иако сите му докажуваат дека се грешни), склоност кон погрешно расудување, опсесивност и прецизност.“
Интересен е податокот што го кажа професорот Чадловски, дека растројството и не е баш така ретко, како што се чини според статистиките на психијатриските болници, бидејќи се проценува дека само 1% од болните бараат психијатриска помош, додека останатите и не се чувствуваат болни и даваат отпор за било какво психијатриско испитување.
Најчесто болните со параноја се хоспитализираат после некој голем инцидент настанат под дејство на неговата налудничавост. Интересно е да се спомне дека ова растројството е многу почесто кај машкиот пол и обично почнува во средната или постарата возраст.


„ Како да го препознаеме болниот? На почетокот тој со своето однесување не е многу упадлив за околината бидејќи е во состојба да ги камуфлира параноичните преокупации. Но по извесно време параноичниот систем ќе му го преплави однесувањето и нема да е способен да ги прикрива своите болни имагинации. Паранојата расте и се развива, во најголем процент нејзиниот развој е хроничен и прогредиентен. Во зависност од типот на растројството, болниот постојано ќе се жали дека е обесправен, ќе покренува судски обвиненија, ќе троши до последен денар да ја докажува својата правда, ќе се сомнева во верноста на брачниот другар или, пак, ќе зборува дека некоја позната личност (најчесто од сверата на филмот) е заљубена во него и секојдневно ќе и пишува љубовни писма.“
Така, се множат налудничави идеи, меѓу кои доминира сопствена големина , љубомора, чувство на обесправеност, идеи обоени со еротика, идеи на иноваторство. Идеите навидум се логични , средени (или систематизирани, ама по негов патолошки терк), и цврсто поврзани со афективитетот на болниот, и за нив тој се бори до крај . Чадловски објаснува дека болниот никој не може да го разубеди дека тоа што го зборува не содествува со реалноста, дека не е логично, во духот на времето… Оптоварен со тие идеи, болниот станува сомничав, недоверлив, анксиозен и исплашен, повлечен од околината, живее во сопствен параноичен свет и со сите сили се обидува да ги оствари своите налудничави параноични идеи. Со развојот на паранојата постои можност субјект кој е прогонуван од неговите неистомисленици и непријатели да стане прогонувач и да бара начин за одмаздување.
„Сега доаѓаме до фазата лекување. Тоа е воглавно психофармаколошко и има цел да ги намали параноичните содржини, особено анксиозноста, лутината, агресивноста. Терапијата најчесто не е успешна, односно не може да го излечи растројството. Ама и намалувањето на параноичните симптоми е некаква тераписка цел, бидејќи така можат да се избегнат некои непредвидливи агресивни инциенти. Патем, проценето е дека најголемиот дел од криминалните случувања кај психијатриските растројства отпаѓа на паранојата. Особено опасна е параноичната љубомора бидејќи често се случува да се потегне рака кон брачниот другар за да ги задоволи своите “излажани искрени емоции”, заврши професорот Георги Чадловски. (Вања Тодоровска)

Фото- Pexsels, Optimum Consulting

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена