Пепита Танеска, првата лото- дама, денес специјалист-гинеколог, вработена во клиничкиот центар во Љубљана, својот 50. роденден го прослави на Јадран, за време на Вортекс летувањето. Оваа заводлива блондинка, како што велат нејзините блиски одсекогаш била поинаква, „подлабока“, помисловна, па не зачудува фактот за нејзиното духовно нурнување, преиспитување и растење кон целта- позитивните мисли и високата вибрација да го креираат животот.
Неодамна се врати од Вортекс летувањето, што го организира Ана Бучевиќ, регионално најпопуларен лајф- коуч. Те држи ли еуфоријата, се смени ли, и можеби пред се, колку навистина можеме да го креираме животот?
-Вортекс летувањето е дефинитивно најдобрата инвестиција што сум ја направила во последно време.Мелем за душата и телото. Да се биде со Ана Бучевиќ секојдневно е вистинско доживување, таа е неверојатна инспирација. Отидов таму без преголеми очекувања, само да ја гушнам Ана, да ја почувствувам нејзината близина, енергија, а добив нешто што се споредува со чувство за милион долари. Бакнежи, прегратки, насмевки, дружење, секојдневна јога, медитации, непроценливи предавања само во нејзиниот препознатлив стил, со енергија која крева до неверојатни височини.Таму го прославив јубилејниот 50. роденден, Ана ми направи фантастична забава, која ќе ја помнам цел живот… Дали може да се креира? Апсолутно!Тоа е во нашата природа, ние ја креираме нашата реалност секојдневно со сопствените мисли, емоции, убедувања, одлуки, однесување.
„Што е мое ќе си дојде“ на нашиот Дарио стана химна на Ана и кокреаторите.
– Да , токму така! На Вортекс летувањето снимивме и спот за песната. Многу вистина има во неа, а и многу поттикнувачка енергија! Сите честитки до Дарио, но и до Ана која ја препозна моќта на оваа песна. Не поминува ден да не ја слушнам, веќе ја знам на памет и секаде си ја потпевнувам, во кола, на работа, дома…Што е мое ќе си дојде, ако само посакам можам се да остварам, што е мое ќе си дојде!
Кога почувствува потреба за духовно растење? Нештата, се во животот да се гледа со мирнотија достојна на зен учител, потоа позитивна енергија, расположение.., за да вибрацијата се крене и остане на високо ниво…Што најлесно а што најтешко се учи?
-Кога малку ќе погледнам наназад, јас всушност целиот живот повеќе или помалку сум свртена кон духовното, кон Бога, кој морам да признаам бил и е секогаш на мојата страна. Навистина, се чувствувам како негова миленичка. Не постои молитва, која сум му ја посветила од срце а да не ми била услишана, се разбира ако била и е за мое добро. Како што пее Нина Бадриќ во песната „За добре и лоше дане“ –„.. на мојој страни тек поштено срце и Бог, једини пријатељ у животу мом..“ Сепак, во последниве неколку години е тоа духовно будење уште подлабоко благодарение можеби и токму на Ана Бучевиќ, од која научив пред се како најлесно да ја одржувам позитивната вибрација, колку е важна емоцијата и внатрешното чувство на радост во постигнувањето на саканите нешта, за мене проблемите веќе долго се само контрасти, фокусот ми е постојано на она што го сакам и што ми се допаѓа, несебично делам насмевки, поддршка и позитивна енергија околу себе…Што беше најтешко да се научи? Како да се оттргнат непотребните мисли, концепти од типот што ќе биде ако биде…Тука ми помогнаа многу видеата на Ана а и медитациите. Иако јас сум позитивец по природа, сепак на некои работи морав доста да работам. И работам секојдневно, не минува ден без медитација, без да погледнам по којзнае кој пат некое видео на Ана, благодарност кон Бога од срце, за се што имам во мојот живот, читање книги во кои се кријат многу мудрости….
Што мислиш за трендот на се побројни „животни учители“? Стануваме ли се послаби за да се справиме со себе си, околината грижите…? Тренд или потреба, експресно, секој од нас да стане најдобрата верзија на себе си?
-Човековиот живот е полн со предизвици од кои постојано учиме, се развиваме, растеме. Заради преголемата оптеретеност со матерјалните нешта, која во последниот век доживува кулминација, просечниот човек навистина малку знае за себе како духовно битие. Но за среќа работите драстично се менуваат. Духовниот учител, мотивацискиот говорник, видеото, текстот, книгата, мислата, се заедно ти дава патоказ, порано или покасно те доведува до сопствениот внатрешен учител, до самиот себе, до својата душа, таму каде се крие нашата најголема моќ. Ти помагаат да станеш свесен, да се инспирираш и мотивираш од своите желби, не од своите стравови. Голема моќ и мудрост се крие во самите нас. Но, додека да дојдеме до тоа, е тука е потребен добар мотивациски говорник, духовен учител, како сакате наречете го и тоа е сосема ок. До некоја точка, каде сваќаш дека твојот живот, твојата среќа е само во твоите раце.
(Валентина Тодоровска)