16.8 C
Skopje
сабота, април 19, 2025
spot_img

Петар Ѓошев: Амстердам, мојата мерка на слобода и среќа

Петар Ѓошев, на времето популарен тв и радио- водител кај нас, а сега потпреседател за маркетинг и комуникации во „Advidi“ во Амстердам, во Холандската престолнина живее четири години.
Петар ги побива сите теории што веројатно го смислиле грдите мажи, дека во „еден пакет“ можат да се најдат и умот и убавината: успешен е, привлечен и бескрајно духовит и комуникативен.
Освен тоа, херојот на текстот е космополита по убедување, кој животните одлуки ги донесува во од, и кој чувството на слобода го има токму во неконвенционалноста на Амстердам.

Зошто Холандија
Овде живеам скоро 4 години, ама личното чувство е дека се многу повеќе. Амстердам има некоја необјаснива енергија која од првиот ден ти посакува добредојде. После кусо време, скоро експресно, секоја улица ти дава чувство како да си порасанал тука и ретко кој град е толку пријателски настроен кон странци. Самиот факт дека овде има претставници од точно 180 различни националности кажува многу, и тоа чувство веројатно беше едно од пресудните зошто одлучив да се преселам токму тука.

Магнетска привлечност
Навлечен сум на мирот и на чистината на градот. Често се шегувам дека цел град изгледа како центар за рехабилитација – велосипеди, вода, чамци, зелени површини, лебеди, птици… Ретко има метеж (освен за викенд во најтуристичките делови од градот). Целиот систем е направен да не мораш да се бавиш со скоро никакви небитни работи, кои во текот на денот би те вознемириле или би ти трошеле непотребна енергија. И, да- целата ментална архитектура е изградена да те мотивира да го дадеш најдоброто од себе и да се фокусираш на битните нешта кои тебе ти значат, како што се работа, хоби, социјален живот, спорт, кретивност…

Овогодинешната прослава на роденденот на кралот, најголемото национално славје во Холандија

Чувството на слобода
Не мораш тука да живееш, за да уште во првиот момент ти стане јасно дека ова е град, земја, на слободоумност, град на лични избори и лична среќа. Најголемата слобода доаѓа од чувството дека ти ја имаш целата контрола на сите твои лични животни избори. Секој кој не може да прифати туѓа среќа и успех, тука и не е баш добредојден.

Секоја година INK хотелот прави голема градска забава ПИНК по повод „Amsterdam pride“ а гостите се градски ликови од секакви сфери

Специфики и заштитни знаци
Амстердам има толку многу места кои ги нема во стандардните туристички водичи (точак, Рајкс музеј, Ван Гог, Рембранд). На пример, ја има една од најубавите градски плажи во северна Европа – Блајбурх. Или малку надвор од градот на Атланстки Океан, плажите кај Зандворт. Звучи нестварно, се додека не ги дожиееш и тоа е и некаков заштитен знак на оваа земја. Холанѓаните се шампиони во урбано планирање, секое ќоше е испланирано или да биде многу функционално или да изгледа како од разгледница… За разлика од други Европски метрополи, кои се фокусирани на центарот на градот, а околните населби се распаѓаат, овде и најзафрлното маало изгледа исто како центарот на градот – чисти фасади и улици, романтично улично светло, дрва исечени под иста линија, детски игралишта, патеки за велосипеди, паркови…

Кога се преселив во Амстердам другарите во 2014 година ми купија точак за роденден, кој сеуште го возам

Клима, облека и уличен стил
Само две парчиња облека се задолжителни и препознатливи тука- патики (што поудобни тоа подобро, најчесто патики за трчање) и кабаница. Сите се облечени наједноставно, најкежуал, најнеприметливо. И сите се на точак! Од студенти, обични работници, до директори на фирми. Социјалниот статус не се гради преку облеката или возилото, туку преку знаење и работа.
Велосипедот се вози додека не се распадне или не рѓоса или додека не ти го украдат. Велат дека не си прав амстердамец додека барем еднаш не ти го украдат велосипедот… Често знае да врне, ама тоа не го запира нормалниот тек на животот. Децата си играат фудбал на улица и кога врне, пријатели излегуваат на пијачка и кога врне. Животот не запира и никој не се затвора по дома во оклоп. Затоа и кога врне градот е жив и не е депресивно.

Храната како дел од идентитетот
Холанѓаните се познати по бизнис, по организација, по ефикасност; среќа што не се познати и по нивната кујна. Традиционални јадења им се здодевни-на пример, стампот – компир пире со зеленчук и колбас… Миксот од народи и националности е рефлектиран на локалната кујна. Но, затоа пак, низ улиците на Амстердам можете да најдете ресторани од секакви култури и нации.
Низ секоја улица можете да најдете барем по 3-4 ресторани со различна кујна а таа мултинационалност е рефлектирана и на рафтовите на супермаркетите. Мароканско пилешко, бразилско асаи, суринамски ориз, индонезиски зачини… Овде постои и многу голема освестеност кога се алергиите во прашање – секој производ кој не содржи млеко или глутен е јасно означен, а такви има стотици и не чинат цело богатство. Едноставно, ги почитуваат личните избори или здравствените ограничувања.

Мојата компанија е поддржувач на хуманитарната организација Dance4Life, кои се фокусирани на сексуално едуцирање и борба против Hiv. Нашиот Chief Executive Office и јас бевме дел од последната хуманитарна забава

Животот тука, животот таму
Отсекогаш сум сметал дека да се прави споредбата помеѓу животот во Македонија и секое друго место е неправедно и непотребно. Секое место има свои предности и свои маани и секој од нас прави лична листа на приоритети и работи што ни се битни. Според таа листа донесуваме животна одлука, дали некоја средина е здрава за нашето ментално здравје и развој или, не е. Така, моите приоритети и избори не мора да се совпаѓаат со оние на читателот, но можам да сугерирам – патувајте и истражувајте. Животот е премногу краток за да го поминете живеејќи само на едно место, навистина.
(Вања Тодоровска)

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена