Повеќе од тренд. Цвеќе што се јаде

Во нашата кујна користиме цвеќе, а за тоа и не сме свесни – артичока, брокула и карфиол, но, дефинитивно, цвеќето не само што ја краси куќата туку и софрата!
Консумирање цвеќе е традиција стара неколку илјади години.
Во многуте јадења на Блискиот Исток и во Персија се користат ливчиња на роза и портокал. Цветот на цреша и хризантема беше популарен во Јапонија. Темјанушка и невен можат да послужат како шарен украс за салати и десерти. Ливчиња на каранфил се дел од составот на познатиот француски ликер Chartreuse, чиј рецепт и денес се држи во тајноста. Глуварче се спомнува во Стариот завет како горка мирудија. Во последните триста години се користи и драгољуб, кој потекнува од Перу а стана популарен во кујната на Европа и на Северна Америка.


Цветови од тиква
Записите за користење на цветовите од тиква како храна на двата американски континента датираат уште од 16 век. Се чини дека домородците во Америка ги јаделе само машките цветови (кои растат на долги и тенки стебленца) за да можат да се размножуваат женските цветови (под кои почнува да расте многу мала тиквичка).
Пред да направите вкусно јадење од цветот од тиква, треба да им ги отстраните надворешните бодливи листови. Толчникот може да се извади или да остане. Во супите, како и во разни предјадења, благиот вкус на цветовите од тиква оди добро во комбинација со маслиново масло, со млада пченка, а и со самата тиква. За малку појак вкус, цвеќињата можат да се испржат со кромитче, лукче и зачини по избор. Освен тоа, можат да се полнат со смеса од сирење, кромид и мирисливи тревки кои служат како зачин. Потоа цвеќињата се затвораат и се натопуваат во изматени белки од јајца во кои биле додадени и жолчките. Наједноставно е да се валкаат во лебни трошки и се пржат.

Роза
Розата е најомиленото цвеќе во светот, а нејзиниот вкус зависи од почвата и од температурата на кои расте. Затоа, добро е да се вкуси едно ливче од розата или од кое и да е друго цвеќе пред да решите да го користите за храна. Веројатно ќе забележите дека понекогаш венечното ливче, при основата, е горчливо. Ако е така, тогаш исечето го тоа делче, а ако го сервирате целиот цвет, јадете го само надворешниот дел од венечните ливчиња.
Списокот на јадења кои можат да се збогатат со рози е речиси бесконечен. Можете да ги ставите во салати, можеби во комбинација со сечкани ореви и сирење што нема јак вкус. За подобар вкус и боја на вашиот омилен сос, како додатна состојка можете да користите истолчени венечни ливчиња од црвена роза. Шпагетите ќе изгледаат прекрасно ако ги декорирате со вертикално исечени рози. Освен тоа, розите можат да му дадат подобар вкус на сладоледот, како и на вашата омилена напивка.
Шарени темјанушки
Двобојните или тробојните темјанушки имаат карактеристични темни дамки на венечните ливчиња, кои им даваат необичен изглед. Се смета дека темјанушката е култивиран вид добиен од дивата темјанушка која има виолетова, бела и жолта боја. Ова диво цвеќе, исто така, може да се јаде, но според книгата Edible Flowers- From Garden to Palate „може да биде отровно ако се внесе во големи количини“. Темјанушките го подобруваат вкусот и го збогатуваат изгледот на салатите од зеленчук, како и на овошните. Се користат во целиот цвет и се додаваат непосредно пред да се сервира, откако на салатата ќе и се стави сол, оцет и масло. Исто така, можат да се служат и со омилената супа.


Живописното богородично цвеќе
Долгите, тенки листови кои се многубројни при основата на стебленцето се карактеристични за богородичното цвеќе . Ова цвеќе со краток животен век не треба да се меша со други цвеќиња од истата фамилија. Богородичното цвеќе го има во разни бои – од жолта до црвена и веќе долго се користи во кулинарството. Ако се обари, може да се служи како зеленчук. Друг начин на готвење е да се комбинираат неговите венечни ливчиња со состојки по избор за да се омекнат и потоа да се испржат. Гарнирајте го ова јадење со цели цветови.


Другите цвеќиња што се јадат
Цветот јука, кој расте особено во сушни и полусушни подрачја, е богат со витамини и со калциум. Можат да се јадат само венечните ливчиња, добро е да се обарат за да им се извлече горчливоста. Цветовите на лимонот, цветовите на портокалот и на нането се одлични додатоци на пијалаците, салатите и десертите.
Брокулата е моќно средство во борба против слободните радикали и добра превентива кај атеросклероза, инфаркт, холестерол, мозочен удар и перде на очите. Има многу висока хранлива вредност и некои лекари, ориентирани кон алтернативната медицина, го препорачуваат како храна за пациентите кои тешко закрепнуваат по тешките заболувања.
Фото- Pixabay

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени