Познатите готват: Тирамису на Лидија Георгиева

Да, тажно е времето, и секој на свој начин се справува со него. Многумина готват. Потребни состојки за моето тирамису, освен инспирација и љубов се:
– 250 гр маскарпоне
– 3 јајца
– 70 гр шеќер
– 1 пакетче ванила
– 150 мл кафе (по избор)
– 1 кафена лажичка какао
– плазма кекс или пишкоти (околу 160 гр)
и, двете тајни ЛГ состојки
– сок од 1 лимета (секако може и лимон ако немате), а ако сакаме да снобираме, тогаш егзотиката наложува неколку капки арома од цвет од портокал.
И за крај, неколку капки рум или уште поубаво, ако си имате вредна мајка, неколку капки вишновача.

Подготовка
Јајцата треба да отстојат на собна температура додека се подготвува остатокот.
Се подготвува кафето, а ако имате само турско, тогаш лесно може да се филтрира. Румот и вишновачата се ставаат во кафето, се редат пишкотите, па преку нив со лажичка се нанесува вака стокменото кафе. Тое е мојот начин, а начинот на шефовите е секоја пишкота да се потопи со брз гест во кафето, па да се нареди во садот – што и да ве прави среќни!
Се одвојуваат белките од жолчките и еднакво се распоредува шеќерот. Се матат жолчките, се додава маскарпоне и постепено со матење се додава сокот од лимета.
Во белките се става ванилата и се мати.
Со деликатно мешање и уживање се додаваат белките во кремот со маскарпоне, за да се добие прекрасна хомогена убавина.
Сега се нанесува врз пишкотите, па преку мало сито се наросува какао.
Најважниот дел се однесува на трпението.
Останува да се стрпите најмалку 6 часа, а верувајте ми, највкусно е ако херојски издржите 30- тина часа.
Бонус ЛГ твист за оние кои сакаат предизвици – меѓу пишкотите и кремот нанесете карамелизиран чоколаден мус. Гарантирам висококласна декаденција.
Воала!

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!