Како што возрасните луѓе треба да работат на својата самодоверба, истото важи и за децата, а единствената разлика е во тоа што вие како родител треба да помогнете. Децата, кога ќе тргнат на училиште, можат да изгубат дел од својата особеност, односно самодоверба.Тогаш чувствуваат притисок од околината, од другите деца и возрасни и повеќе не се чувствуваат сигурно.
Еве неколку начини на кои можете да му ја вратите самодовербата на детето.
Рамнопрамно со своите врсници
Научете го своето дете да се чувствува рамноправно со своите врсници. На пример, ако некој соученик се однесува лошо кон него, научете го да го искажува своето негодување, на пример: „Не ми се допаѓа како разговараш со мене…“
Бидете прецизни со своите комплименти
Кога го фалите детето дека е добро, умно или било што друго, бидете прецизни во комплиментите. Многу повеќе значи кога ќе кажете: „Многу добро читаш, црташ или знаеш бројки“ отколку само да кажете „Секоја чест“ и „Браво“.
Вашите пофалби нека бидат реални
Вашето дете секако ќе знае дека не пее најдобро или не црта најдобро, па затоа немојте да го лажете и да зборувате дека е најдобро. Многу е подобро, на пример, ако го пофалите неговиот напредок од месец во месец.
Помогнете му да разбере
Објаснете му на детето дека не смее да биде тажно и навредено ако не е покането на секој роденден или игра. Објаснете му дека кога другото дете ќе каже: „Не може да си играш со нас“, тоа не значи дека нешто не е во ред со него, туку дека има врска со расположението на детето кое тоа го кажало.
Поттикнете ја способноста
Поттикнете ги децата сами да размислуваат, да учат и да доаѓаат до заклучоци, се разбира под ваш надзор. На пример, пуштете го да разбере како се игра некоја игра или кога ќе ја побара вашата помош, речете му нека се обидува уште само малку да го реши проблемот и дека ако не успее, ќе му помогнете. Ако успее самото, ќе ја почувствува вистинската смисла на успехот и ќе има желба да продолжи да учи нови работи. Секако, вие сте тука да го пофалите неговиот успех.
Нека се занимава со спорт
Немојте да одлучувате кој е вистинскиот спорт за вашето дете, оставете само да ги искаже желбата и интересот, зашто на тој начин ќе може да ги искуси сета радост и тежина на своите одлуки. Кога вашето дете ќе стане дел од одреден спортски тим, ќе ги изгради потребните општествени особини и ќе биде здраво и во добра физичка кондиција.
Немојте да донесувате заклучоци
Ако имате девојче, тоа не значи дека не може да игра фудбал или да оди на кампување, или само затоа што е машко – да не научи да танцува. Најдете начин на кој ќе ги поттикнете интересите на детето и ќе го насочите на вистинскиот пат, помагајќи му да ги совлада своите евентуални слабости.
Зборувајте му дека е убаво
Иако не` учеа дека убавината не е пресудна за успех во животот, сепак, кога ќе го пофалите вашето дете, тоа ќе влијае позитивно врз неговата самодоверба. Се разбира, направете го тоа со одредена цел. Речете и на ќерката: „Денеска изгледаше многу убаво на сцената…“, или на синот: „Убав си во дресот…“ Пофалбите нека бидат поврзани со активностите со кои се занимаваат, така што убавината нема да биде цел сама по себе.
Фалете ги позитивните страни
Се разбира дека од ниедно дете, па ни од најмирното не може да се очекува да биде како бубачка, но токму преку тие бељи, децата ја градат својата самодоверба. Секако дека треба да се држат под контрола, но обидете се на позитивен начин да го поттикнете детето да ги развива своите способности, и тоа преку истакнувањето на позитивните страни. Ако го насочите вишокот енергија на вистинските работи, ќе имате креативно и умно дете.
фото/pexsels