Последната желба на Исидора Бјелица: Кремирање и забава во бело

Денес беше кремирана писателката Исидора Бјелица, и тоа е нејзината последна желба. Пепелта ќе биде однесена таму каде што и е душата, каде најмногу сакаше да патува, но нејзиниот сопруг, Небојша Пајкиќ не го откри местото. Видно измачен и ослабен, не изјави ништо. Всушност, кажа дека по 40 дена ќе даде интервју, а дотогаш бара да се почитува нивната семејна болка.
Исидора беше интригантна личност, се знаеше со сите, и токму затоа на комеморацијата присуствуваа личности од најразлични фели – Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, Миомир Мариќ, Ксенија Вучиќ, Цеца, Зорана која на Инстаграм откри дека Иси и порачала погребот да помине без патетика. За збогување со светот сака забава, каде сите ќе бидат облечени во бело и се разбира- ќе го слават животот.
Како што пишуваат српските медиуми, испраќањето беше со коферите на Исидора а на ковчегот стоеше бел шешир, синоним на ова вонсериска жена која последните 8 години се бореше со карцином на јајници. Но тоа не беше само борба, туку и, величенственото патување на писателката која беше вистински интелектуалец, автентичен спирит, креативец со многу дарби, а една од нив, како што кажуваше самата е да не знае да им каже „не“ на луѓето.
Таа верба потоа стана разочарување, и токму затоа последните два месеци Исидора сосема се повлече од јавноста, и за да не ги вознемирува децата, бидејќи со денови не можеше да ги сопре солзите, се пресели кај родителите.
„Сега сум сосема мирна и не се плашам. Кога ќе дојде време да заминеш на најубавото патување, и ти ќе бидеш таква, и немој да кажеш дека не ти реков“- на социјалните мрежи се огласи и нејзината кума, Весна Радусиновиќ.
Исидора сега е на безбедно, кај ангелите, на место каде што не постои болка, страв, не се вели „не“, затоа што душата знае. И да: најпосле патува како да лета, без пасоши и граници.
Целото небо за тебе драга Исидора.
Вања Тодоровска
Фото: Инстаграм

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!